За авторитетот [Ф. Енгелс]

Некои социјалисти во последно време поведоа вистинска крстоносна војна против она што го нарекуваат принцип на авторитет. Доволно е само да им се каже дека овој или оној акт е авторитарен и тој веднаш ќе биде осуден. Тој површен начин на мислење до толкава мерка се злоупотребува, што е потребно целиот проблем пошироко да се разгледа. Поимот авторитет во смисол во кој ние го сфаќаме значи наметнување на туѓата волја на нашата волја; од друга страна, авторитетот претпоставува потчинување. Колку и да звучат лошо овие два израза и колку и да е неповолен за потчинетата страна односот што тие го означуваат, треба да се види постои ли начин тој да се укине, ќе бидеме ли во можност – со обѕир на условите кои денес владеат во општеството – да создадеме поинаков општествен поредок во кој ваков авторитет ќе нема повеќе смисла, па според тоа, нужно и ќе исчезне. Ако ги анализираме економските, индустриските и аграрните услови врз кои се базира денешното буржоаско општество, ќе утврдиме дека тие покажуваат сè поголема тенденција да се замени изолираната акција со комбинирана акција на поединците. Наместо малите работилници на изолирани производители настапува модерната индустрија со огромни фабрики и заводи во кои стотина работници ги надгледуваат сложените парни машини; дилижансите и запрежните коли на долгите патувања заменети се со железнички композиции, а малите едреници и бродчиња, со парни бродови. Со земјоделието сè повеќе овладуваат машините и пареата, кои полека, но незапирливо, ситните иматели ги заменуваат со крупни капиталисти, а овие со помош на наемните работници обработуваат големи комплекси земја. И така насекаде, наместо независните активности на поединецот стојат комбинирана акција и меѓузависни процеси. Но, комбинираната активност истовремено е и организираност. А може ли да постои организираност без авторитет?

Фридрих Енгелс – автор на текстот

Да претпоставиме дека општествената револуција ги отстранила капиталистите и сега со производството и циркулацијата на производите управува нејзиниот авторитет. Потполно да застанеме на гледиштето на противниците на авторитетот и да претпоставиме дека земјата и средствата за производство станале колективна сопственост на работниците, кои се служат со нив. Дали во тој случај авторитетот ќе се загуби или ќе опстане со изменет облик? Да видиме.

Нека за пример ни послужат памучните предилници. Памукот мора да помине најмалку низ шест верижни операции пред да стане конец, а тие операции во најголем дел се извршуваат во различни простории. Освен тоа, машините за да можат да функционираат потребен е инженер, кој ќе ја надгледува работата на парната машина, механичар за извршување на секојдневните поправки и многу неквалификувани работници за пренос на производите од една просторија во друга, итн. Сите тие работници, мажи, жени и деца, принудени се да ја завршат својата работа во временски интервал што го наметнува авторитетот на пареата, на кој ни најмалку не му е гајле за личната независност. Според тоа, работниците пред сè мора да се договорат за работното време кое, кога еднаш веќе ќе го прифатат, мора сите без исклучок да го почитуваат. Понатаму, во секоја просторија и во секој момент се појавуваат помали проблеми во врска со начинот на производството, расподелбата на материјалите итн., кои мора итно да се решаваат, инаку постои опасност од моментално прекинување на целото производство. Било проблемите да се решаваат со одлука на еден делегат одговорен за поединечни области на трудот, или, кога тоа би било можно, со мнозинство гласови, нечија волја во секој случај ќе мора да биде потчинета, а тоа поточно значи дека проблемот ќе се решава авторитарно. Автоматскиот механизам на големите фабрики е многу поголем тиранин отколку што биле малите капиталистички работодавци, кои ги вработувале работниците. Барем што се однесува до работното време би можело на влезот на секоја таква фабрика да се напише Lasciate ogni autonomia voi che entrate! (Напуштете ја секоја автономија, вие кои влегувате!) Ако човекот и успеал со науката и со својот творечки гениј да ги потчине на себе природните сили, тие му се одмаздуваат, и тоа поточно така што тие истовремено додека тој ги искористува го потчинуваат него на сопствениот деспотизам независно од каква било организација на општеството. Да се бара укинување на авторитетот во крупната индустрија би значело поточно да се бара укинување на самата индустрија, уништување на парните предилници и враќање на фурка.

Фридрих Енгелс и Карл Маркс

Како друг пример нека ни послужи железницата. И тука соработката на огромен број поединци е апсолутно потребна. Соработка која мора да се одвива во строго одредено време за да не дојде до вистински катастрофи. И тука првиот услов за функционирање е постоење на повисока волја, која го пресекува секое пониско прашање, било таа волја да ја претставува еден единствен делегат или комитет задолжен да ги извршува одлуките на мнозинството заинтересирани. И во едниот и во другиот случај се работи за силно изразен авторитет. Но во прашање е уште една работа: што би се случило со првиот воз, кој би тргнал на пат после укинувањето на авторитетот на железничарот над господата патници?

Меѓутоа, никаде не е така видлива нужноста од семоќниот авторитет како што е на бродот, кој плови на отворено море. Бидејќи во моментот на опасност сите животи зависат од моментното и апсолутно потчинување на волјата на сите на волјата на еден.

Кога ги изложив тие причини на најогорчените противници на авторитетот, не им преостана ништо друго, туку да кажат: „Ах! Тоа е вистина, но тука не се работи за авторитет, кој ние го даваме на делегатите, туку за задолжение!“ Тие господа мислат дека го менуваат поимот, нарекувајќи го со друго име. Така тие длабокоумни мислители се потсмеваат на светот.

Видовме, значи, дека од една страна авторитетот, без обѕир како е делегиран, и од друга страна потчинувањето се поими, кои независно од општествената организација ни ги наметнуваат материјалните услови во кои ги создаваме и ставаме во циркулација производите. Видовме, потоа, како крупната индустрија и земјоделието неизбежно повлекуваат по себе пораст на материјалните услови и циркулација и како тежнеат што повеќе да ја прошират областа на делувањето на авторитетот. Бесмислено е, значи, да се зборува за принципот на авторитет како за апсолутно лош, а за принципот на автономија како апсолутно добар. Авторитетот и автономијата се релативни поими, нивните сфери се различни во различни фази на општествениот развој. Кога автономистите би се ограничиле и би изјавиле дека општествената организација на иднината ќе го сведе авторитетот исклучиво во рамки во кои тој заради условите на производството е неопходен, би можеле со нив и да се сложиме; меѓутоа, тие се слепи за сите факти, кои работата ја прават нужна, а се насочуваат на зборовите.

Зошто антиавторитарците не се ограничуваат на тоа да поведуваат хајка против политичкиот авторитет, против државата? Сите социјалисти се сложуваат дека политичката држава, а заедно со неа и политичкиот авторитет, ќе исчезнат после победата на претстоечката општествена револуција, што значи дека јавните функции ќе го изгубат политичкиот карактер и ќе се преобразат во обични административни функции, кои бдеат над вистинските интереси на општеството. Но, противниците на авторитетот бараат да се укине авторитарната политичка држава наеднаш, уште пред да се укинат општествените услови кои ја создале. Тие бараат првиот акт на револуцијата да биде укинување на авторитетот. Дали тие господа некогаш ја виделе револуцијата? Сигурно е дека не постои ништо друго што би било поавторитарно од револуцијата. Тоа е акт со кој еден дел од населението ја наметнува својата волја на другиот дел: со пушки, бајонети и топови, значи со најавторитарни можни средства. Победничката партија, ако не сака борбата да ѝ биде залудна, мора и понатаму својата власт да ја одржува влевајќи им страв со своето оружје на реакционерите. Зарем Париската комуна ќе потраеше и еден единствен ден повеќе во борбата против буржоазијата да не го употребеше авторитетот на вооружениот народ? Зарем не можеме да ѝ префрлиме повеќе заради тоа што не се користеше доволно со него?

Карл Маркс и Фридрих Енгелс

Значи, во прашање е една од овие две можности: или антиавторитарците не знаат што зборуваат, па во тој случај прават само забуна; или знаат, па во тој случај ја издаваат борбата на пролетаријатот. И во еден и во друг случај тие ѝ служат на реакцијата.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1872/avtoritet.htm

Последно