Мустафаоглу: ЕУ и уставни измени не се решение: Вистинските причини зошто младите заминуваат

Пишува: Дарја Мустафаоглу – член на Советот во Општина Ѓорче Петров при политичката партија Левица

Релативизираат речи си сѐ, но до толку е катастрофално полето ‘млади’ што функционериве не можат да релативизираат на оваа тема. И сите се свесни зашто младите си заминуваат, на сите вокабуларот им е полн со тоа како младите треба да се врвен приоритет, но ниту една од поголемиве политички партии и нивните пајтони не можат да се пофалат дека придонеле да ги задржат младите… каков дебакл, не се зборува ниту за враќање, туку за задржување на младите…

Навидум во таа насока бил и иритирачко лицемерениот говор на Претседателот (онаа фигура за која грото од младите не знаат ниту кој е). Ги наведувал причините поради кои младите масовно се иселуваат, небаре тој не е дел од сценаристите на овој егзодус.

Преку зборови за тоа како младите се користеле за партиски интереси стасал до неговата главна поента – само со интеграција во ЕУ можела да се спречи емиграцијата на младите. Значи преку оваа сензитивна тема повикал на уставни измени, нагласувајќи дека само со европските реформи Македонија може да ги задржи младите.

Претседателе, за европски реформи и задржување на младите не е потребна промена на Уставот, туку волја. Џабе е ЕУ без волја за промени, и младите се свесни за тоа. Вие емпириски им докажувате дека немате намера да се заангажирате околу нив. Впрочем, какви реформи… најголем проблем поради кои се бега од Македонија е непринципиелноста. Постојат закони – не се почитуваат, оддалечени сте и од темелните вредности на државата; има пари – ненаситно се краде…

Да разјасниме, младите не заминуваат бидејќи така сакаат, туку зашто ги присилувате на тоа, зашто не им оставате друга алтернатива, им го блокирате патот за просперитет, си поигрувате со нивната иднина, ја ништите нивната надеж. Бегаат затоа што ги есапите со нула, правите мајмуни од нив, им го девастирате духот.

Претседателе, генерацијата ‘млади’ од јасли претрпува неправди. Не можат да влезат во градинка – ‘врски’ им го земаат местото. Во средно и основно добиваат исти оцени деца што учат и не учат; се врши булинг – вршителот на булинг, детето на статуирани родители, поминува со тапшање по рамо. На факултет телефонски повик решава предмет. За да влезеш во студентски дом те уценуваат да извадиш партиска книшка. Младите со дипломи веќе безнадежни влегуваат на интервју за работа, испраќаат полно ЦВ колку да си ја пробаат среќата… знаат дека позицијата е резервирана за ‘некого’. Бегаат од Македонија затоа што се небитни квалитетите. За промена на оваа состојба не е потребна ЕУ и уставни измени Претседателе.

Сиромаштијата ги брка младите Претседателе. Младите од мали заклучуваат дека спас им е туѓината воочувајќи го страдањето на нивните родители.

Бегаат затоа што не им дозволувате да се осамостојат, не им овозможувате никакви услови за да останат.

Бегаат затоа што додека тие немаат ниту за кирија – анкетните листови на Вашите соработници во ова уништување се полни имот за седум поколенија по нив.

Бегаат затоа што смрди на криминал и корупција Претседателе.

А за искоренување на оваа појава Претседателе, не е нужна ЕУ и Бугари во Устав.

Претседателе, немојте Вие загрижено да зборувате како корупцијата била онаа која ги брка младите кога неодамна ги потпишавте законите за екстра коруптивниот договор со Бехтел и Енка.

Ги потценувате младите Претседателе, тие се посвесни отколку што мислите. Впрочем, тие не ви ги почитуваат ниту последните измени на Уставот. Од устата на млад човек нема да слушнете комотно изговарање на “северна“, дури и од помладоците на партиите на власт во неформални разговори го избегнуваат тоа. Тие знаат дека уставните измени нема да им овозможат подобар стандард, тоа го видоа.

Премногу заминаа надвор, но бројот на младите во Македонија е сѐ уште доволен за да придонесат промени. Затоа, младите не смеат да се помират со овој корумпиран менталитет и да дозволат да ги надвладее безнадежноста. Младите треба да знаат дека згаснувањето на жарчето во нив значи уште еден триумф за елитите на власт, бидејќи со години системски се работи на наметнување апатија кај младите. Тоа е затоа што се плашат од природата на младиот човек, од онаа неискварена, најборбена, најпркосна, најбунтовна маса и многу добро знаат дека гласот, чекорот на оваа маса е најодлучен.

https://www.facebook.com/darja.mustafaoglu/posts/pfbid0LB4k345J996Z8o5pGgX9V8Y8xpZSy5LjHaS7jpHkvRHGhCbVGZ64yLWiWhq2bUJXl
Последно