Пишува: Никола Петров координатор на сектор земјоделие и член на централниот комитет при политичката партија Левица
Пристап до првиот дел: https://lenka.mk/columns/neuspeshnosta-na-neoliberalniot-ekonomski-model-vo-svetot-so-osvrt-na-makedoniјa-prv-del/
Според Markovic и Toshkovic (2013), либерализацијата на пазарот не го поттикнува домашното производство туку ги обезвреднува домашните расположливи ресурси, со што увозот станува главен и основен услов за егзистенција на населението. Според Vasiljevic (2012), главни точки на неолибералниот концепт се:
• Ослободување на приватните компании од било какви државни ограничувања, без обзир на социјалната штета,
• Голема слобода за меѓународна трговија и инвестиции,
• Намалување на платите и укинување на работничките права стекнати после децении борби,
• Укинување на контролата врз цените,
• Тотална слобода за движење на капиталот, добрата и услугите,
• Смалување на јавните трошења за социјалните услуги како образование и здравство,
• Намалување на: социјалната помош, трошоците за одржување на инфраструктурата, водоснабдувањето, заштитата на животната средина,
• Продажба на државните компании на приватни инвеститори, како што се: телекомуникации, енергетски компании, рафинерии за гориво, банките, железницата, автопатиштата, училиштата, факултетите, болниците. Продажбата на природните ресурси: водата за пиење, шумите, бреговите на езерата и морињата, реките и др.
• Потполна елиминација на концептите „јавно добро“ и „ заеднички интерес“, и нивна замена со концептот „индивидуална одговорност“.
Во Повелбата за шумите, се бара заштита на заедничките добра од надворешни сили. Заеднички добра се добрата кои означуваат извор за преживување на општата популација, а тие се: гориво, храна, градежни материјали, вода, земја, се` што е од суштинско значење за живот. На пример шумите растат со генерации, заеднички се чуват и одржуваат, нивните богатства беа и се достапни за сите и се зачувуваат за идните генерации – и оваа практика, шумите како заедничко добро денес се сретнува првенствено во традиционалните општества (во Македонија уште важи ова), но тие општества се секојдневно под закана низ целиот свет од налетот на неолибералниот капитализам.
Во Боливија имаше обид да се приватизира водата, но стана народен бунт од автохтоното домицилно население и обидот не успеа.
Со дозвола на Светската Банка, мултинационалната рударска компанија „Пасифик Рим“ може на суд да го тужи Ел Салвадор бидејќи не им дозволува да копат и експлоатираат злато, бидејќи сакаат да си ги заштитат земјиштето и населението. Еколошките ограничувања се закануваат да ја лишат компанијата од идната заработка, „злосторство“ кое може да биде казнето според правилата за правата на инвеститорот и слободната трговија. Овој пример со Ел Салвадор и рударските компании за злато најдобро ја отсликува и нашата Македонија која го оди истиот трнлив пат.
Или на пример источно Конго, каде што мииони луѓе беа убиени во последната декада за да се обезбедат доволно количини на минерали за мобилни телефони и друга технологија, и огромни профити на странските инвеститори.
„Слободата во заедничките добра носи пропаст за сите нас. Тоа претставува трагедија“. – Она што не е во нечија сопственост ќе биде уништено од алчноста на поединецот.- начело на неолибералниот капитализам.
По препораките на Вашингтонскиот консензус, односно од Светска Банка, ММФ и САД, чиј основен слоган е: „Либерализирајте што повеќе можете, приватизирајте што побргу и бидете цвсти во фискалната и монетарната политика“, капиталистичкиот неолиберализам е прифатен во сите големи земји (освен во Кина и Индија), а потоа како вирус ги заразува и другите земји во Југоисточна Азија и Европа, а посебно екс социјалистичките земји.
Вклучувањето на Џорџ Сорос во ширењето на неолибералниот капитализам преку неговите платени школи и тренинг обуки за лидери во одредени земји, има за цел уште поголема глобализација и дерегулација се до укинување на националните држави. Спрема Сорос (2000), „усвоено е верување како пазарите можат да се самокорегираат, а глобалната економија може да напредува без никаква потреба за глобално општество. Се тврди дека заеднички интерес ќе се задоволи на најдобар начин ако на сите им се дозволи да се грижат за сопствените интереси и дека со заштитата на заедничките интереси како колективното одлучување, се нарушува функционирањето на пазарниот механизам“.
Првата финансиска криза се случува во најуспешните азиски земји Малезија, Тајланд, Индонезија и Јужна Кореја. Тие од почетокот на 90 тите почнаа да се задолжуваат кај големите светски земји со кредити по ниски каматни стапки. Големата количина на странски капитал доведува до брз дисбаланс што станува неодржлив и што доведува да големите сили си ги повлекуваат парите и настанување на финансиска криза. Кризата доведува до опаѓање на производството, голема невработеност и барање за финансиска помош од ММФ и големите сили кои за возврат наметнуваат либерализација во финансискиот пазар во тие земји.
Во периодот од 1960 – 1980 год, кој е периодот на економскиот интервенционализам (т.н. кензијанскиот капиталистички економски модел), светските развиени земји забележиле раст по глава на жител од 3,2%, додека во периодот на неолиберализмот 1980 – 1999 год, тој раст е 2,2%. Земјите во развој во првиот период (1960-1980) бележат раст од 3 % по жител, а во периодот на неолиберализмот (1980-1999) од 1,5%, иако тој процент го прават Индија и Кина кои не ја прифатија неолибералната економија. Во истиот период во Јужна Америка стапката на раст паѓа од 3,1% на 0,6%, (Спрема Светска Банка, 2005).
Милтон Фридман и другите поборници од чикашката школа и нивните неолиберални правила, кои значат намалена јавна потрошувачка, приватизација и либерализација, без согласност на народот, доведува до огромна стапка на невработеност и сиромаштија на голем број население во светот и богатење на мал процент елита (Klein,2007), т.е. доведоа до раѓање на нова капиталистичка класа, која врши спој на политички и економски функции и огромна концентрирана моќ – наречена олигархија
Пристап до следниот дел: https://lenka.mk/columns/neuspeshnosta-na-neoliberalniot-ekonomski-model-vo-svetot-so-osvrt-na-makedoniјa-tret-del/