Како економскиот раст се сврте против животот [Вандана Шива]

Опсесијата со растот ја засени нашата грижа за одржливоста, правдата и човечкото достоинство. Но луѓето не се потрошливи – вредноста на животот лежи надвор од економскиот развој

Вандана Шива – автор на текстот

Бесконечниот раст е фантазија на економистите, бизнисмените и политичарите. На него се гледа како на мерка за напредок. Како резултат на тоа, бруто домашниот производ (БДП), кој наводно треба да го мери богатството на нациите, се појави и како најмоќна бројка и како доминантен концепт на нашето време. Сепак, економскиот раст ја крие сиромаштијата која ја создава преку уништувањето на природата, што прави заедниците да немаат капацитет да се грижат за самите себеси.

Концептот на раст беше промовиран како мерка за мобилизирање ресурси во текот на Втората светска војна. БДП е втемелен на создавањето вештачка и фиктивна граница, претпоставувајќи дека ако го произведувате она што го трошите, вие не произведувате. Всушност, „растот“ го мери претворањето на природата во кеш и на заедничките добра во стоки.

Оттука, восхитувачките природни циклуси на обнова на водата и храната се дефинирани како непроизводство. Селаните од светот, кои обезбедуваат 72% од храната – не произведуваат: жените кои работат во земјоделството или го вршат најголемиот дел од домашната работа, и тие не се вклопуваат во оваа парадигма. Една жива шума не придонесува кон растот, но кога дрвјата ќе се исечат и ќе се продадат, тогаш имаме раст. Здравите општества и заедници не придонесуваат кон растот, но болеста создава раст преку, на пример, продажбата на патентирани лекови.

Водата која е достапна како заедничко добро, што се споделува од сите и што се чува од сите, обезбедува живот за сите. А сепак, таа не создава раст. Но кога „Кока Кола“ ќе направи фабрика, ќе почне да ја користи водата и да ја полни во пластични шишиња, тогаш економијата расте. Но овој раст е втемелен на создавање сиромаштија – како за природата така и за локалните заедници. Водата која се црпи преку природниот капацитет за обновување, создава глад за вода. Жените се присилени да пешачат подолги дистанци во потрага по вода за пиење. Во селото Плачимада во Керала [Индија], кога одењето по вода станало 10 км, локалната жена Мајилама рекла: што е доста, доста е. Не можеме да одиме уште подалеку; фабриката на „Кока Кола“ мора да се затвори. Движењето што го започна таа жена на крајот доведе до затворање на фабриката на „Кока Кола“.

На истиот начин, еволуцијата ни дарила семиња. Фармерите ги селектирале, одгледувале, развивале и диверсифицирале – тоа е основата на производството на храна. Едно семе кое се обновува и мултиплицира произведува семиња за следната сезона, а исто така и храна. Сепак, овие семиња, одгледувани и зачувани од фармерите, не се смета дека придонесуваат кон растот. Тие го создаваат и обновуваат живот, но не водат до профит. Растот започнува кога семињата се модифицираат, патентираат и генетички заклучуваат, а што води до тоа фармерите да бидат принудени да купуваат сè повеќе и повеќе од нив секоја сезона.

Природата е осиромашена, биодиверзитетот е еродиран, а слободниот, отворен ресурс се трансформира во патентирана стока. Купувањето семиња секоја година е рецепт за долг на индиските сиромашни селани. И откако се формирани семенските монополи, долгот на фармерите порасна. Повеќе од 270.000 фармери фатени во должничка стапица во Индија имаат извршено самоубиство од 1995 година.

И сиромаштијата дополнително се шири кога се приватизираат јавните системи. Приватизацијата на водата, електричната енергија, здравството и образованието генерира раст преку профитите. Но, таа исто така генерира сиромаштија преку принудувањето на луѓето да трошат големи суми пари на она што било достапно со пристапни трошоци како заедничко добрро. Кога секој аспект на животот е комерцијализиран и комодифициран, живеењето станува поскапо, а луѓето стануваат посиромашни.

И екологијата и економијата се појавиле од истиот корен – „oikos”, грчки збор за домаќинство. Сѐ додека економијата била фокусирана на домаќинството, таа ја сфаќала и почитувала својата втемеленост во природните ресурси и границите на еколошката обнова. Таа била фокусирана на обезбедувањето на основните човечки потреби во рамките на овие граници. Економијата втемелена на домаќинството исто така била женски-центрирана. Денес, економијата е одвоена и спротивставена и на еколошките процеси и на основните потреби. Додека уништувањето на природата се оправдува врз основа на создавањето раст, сиромаштијата и одземањето сопственост се зголемија. Покрај тоа што е неодржливо, тоа е и економски неправедно.

Доминантниот модел на економски развој всушност се сврте против животот. Кога економиите се мерат само преку протокот на пари, богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни. А богатите можат да бидат богати во монетарна смисла – но и тие се сиромашни во поширокиот контекст на она што значи да се биде човек.

Во меѓувреме, побарувањата на сегашниот модел на економија водат кон војни за ресурси – војни за нафта, војни за вода, војни за храна. Има три нивоа на насилство кои се вклучени во неодржливиот развој. Првиот е насилството над земјата, кое се изразува како еколошка криза. Второто е насилството против луѓето, кое се изразува како сиромаштија, оскудност и раселување. Третото е насилството на војната и конфликтите, кога моќните посегаат по ресурсите кои лежат кај другите заедници и земји за да ги задоволат своите бесконечни апетити.

Зголемувањето на протокот на пари преку БДП веќе не е поврзан со реалната вредност, но оние кои акумулираат финансиски ресурси можат потоа да стават рака врз реалните ресурси на луѓето – нивната земја и вода, нивните шуми и семиња. Оваа жед ги води да се борат и за последната капка вода и за последното парче земја на планетата. Ова не е крај на сиромаштијата. Ова е крај на човековите права и на правдата.

Економистите добитници на Нобеловата награда Џозеф Стиглиц и Амартја Сен признаа дека БДП не ја отсликува човечката состојба и потикнуваат создавање на поинакви алатки за мерење на благосостојбата на нациите. Ова е причината зошто Бутан ја усвои Бруто националната среќа на местото на БДП за да го пресметува напредокот. Треба да создадеме мерки кои одат потаму од БДП, како и економии потаму од глобалниот суперпазар, за да го обновиме вистинското богатство. Треба да запомниме дека вистинската валута на животот е самиот живот.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/tematska/ekologija/ekonomski-rast.htm

Последно