Соопштение на политичката партија Левица
ЛЕВИЦА ПРЕКУ АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ БАРА НАМАЛУВАЊЕ НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ
Денес, пратениците на Левица во македонското собрание поднесоа Барање за давањеавтентично толкување до претседателот на Собранието – Талат Џафери.Со Одлуката на Уставниот суд, со која платите на функционерите се покачија неверојатни 78%, цениме дека забуната е настаната при некоректно толкување на членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката.
Министерството за финансии, во циркуларна порака до буџетските корисници, им наложува формулацијата „просечна исплатена месечна плата” да ја толкуваат како БРУТО-плата по работник?! Но, подоследна интепретација на оваа фраза е таа да се толкува дека истата се одесува на НЕТО-плата по вработен од ланската година, според податоците на Државниот завод за статистика – при што, во овој случај ќе стане збор само за „одмрзнување“, а не и за зголемување на функционерските плати!
Заради доследна и јасна примена на одредбата од посочениот закон, како и заради обезбедување на правна сигурност на граѓаните, Левица бара ваквата законска норма да се однесува на нето, а не на бруто-плата на вработен, со што актуелните плати на функционерите би се намалиле за околу 50%.
Во услови на растечка сиромаштија и зголемена класна раслоеност, недозволиво е функционерите да бидат привилегирани во однос на обичните граѓани. Апелираме оваа наша иницијатива конечно да наиде на добра волја кај парламентарното мнозинство и, за разлика од негативните примери во минатото, кога низа анти-естаблишментски предлози на Левица беа одбиени – конечно Парламентот да почне да работи во интерес на сите граѓани.