Судии – вие јастреби преправени со тоги!

Пишува: Димитар Апасиев

Нивната судиска црвена руба, нивните наметала и тоги со хермелинско крзно, со кои се дотерани како некои мачори; палатите во коишто судат, китките лилии и сиот тој величествен болскот ним им е толку нужен… Без овој циркус тие никогаш не би можеле да ги мамат луѓето – кои не можат да и преодолеат на оваа, толку веродостојна, комедија… А ако вистински беа справедливи и ако навистина си го знаеја занаетот, не ќе им требаше да измислуваат коцкасти шапки – оти големината на нивната ’наука’ ќе беше достојна за почит самата по себе! Ама, затоа што имаат само вообразена ученост, тие треба да се служат со овој излишен надворешен изглед – што само и годи на вообразбата на оние за коишто работат.

Блез Паскал (XVII век)

Судиите – општествен „технолошки вишок“

Нашата критика кон правниците-позитивисти сега ќе ја усмериме кон „првите брадучеди“ на адвокатите – судиите, таа рак-рана на македонското [пост]транзициско општество. Имено, правосудните анализи покажуваат дека, според европскиот просек, на држава со два милиони жители ѝ се потребни не повеќе од 400 судии – или просечно по еден судија на секои 5.000 жители. Но во Република Македонија, која патем речено редовно губи случаи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради бавното правораздавање, ние имаме „превработеност“ од судии: вкупно има околу 650 судии (значи 250 над просекот, односно на секои 3.000 македонски граѓани доаѓа по еден судија!) – а резултатите од нивната работа се поразителни за општеството во целина!

Судиите – властопослушници

Судиските грешки и судиското незнаење ги плаќаме сите – се разбира од заедничкиот (републички) буџет. Изгледа не ќе да е сѐ до законите, туку и до неспособноста, тесноградноста и корумпираноста на судиите. Професорот од Универзитетот во Гент – Ван Кенеген (1992) сосем умесно ја постави следнава логичка дилема: „Каква корист имаме ние од судиите ако тие можат да бидат принудени да се сложат со незаконските барања на власта – која, пак, е парализирана од класна привилегираност и нема сили да ја скрши ‘кората од обичаи’, со цел да го модернизира и оплемени правниот систем“!? Нашите судии, чиј просечен успех од студии (според зборовите на легендарниот пензиониран професор на скопскиот Правен факултет  – Ѓорѓи Марјановиќ), се движи „околу шестица“ – знаејќи дека не ја заслужуваат функцијата којашто ја вршат, често на своја рака го извртуваат текот на правдата. Со други зборови, тие чувствуваат интимна потреба, со умилкување и судење по нарачка, да им се „оддолжат“ на оние кои ги избрале – па дури и во случаи кога овие изрично не го бараат тоа од нив. Се разбира, за оваа своја лојалност тие, во блиска иднина, очекуваат да бидат соодветно „вреднувани“ и наградени – барем со избор во судија на повисок суд. Ете затоа судството нѝ е доведено до ова дереџе. Сите други „фактори на влијание“ во македонскиов случај имаат второстепено значење!

Судиите – каста на привилегирани

Малодушниот феномен наречен македонски судија е потхрануван и гоен децении наназад, од сите влади и партии, со низа економски привилегии за оваа лесно расиплива сорта луѓе. Патем речено, овие бенефиции се мисловна именка за другите „општествено корисни работници“. Колку за илустрација, според актуелниот Закон за судови (2006), сегашните благодети или да бидеме попрецизни „посебни права во вршењето на судиската функција“ во Македонија се: да земаш плата од над 1.200 ЕУР месечно; да уживаш имунитет (или народски кажано „да не те фаќа закон“); да имаш службен стан; да не одговараш за штета нанесена на странката; да примаш надомест на трошоци во врска со работата кои не важат за другите работници во јавниот сектор (превоз, домување, одвоен живот и сл.);  да имаш годишен одмор од месец и пол; да имаш посебна полициска заштита (своја и на своето семејство); да можеш да носиш пиштол и да набавиш друго огнено оружје и муниција; да имаш службена легитимација и патна исправа (пасош); да не плаќаш автобуски или возни карти во јавниот превоз; да не плаќаш патарини, станични услуги и аеродромски такси; да земаш стипендија за дошколување (ако сакаш да магистрираш или докторираш) и сл. Да биде иронијата поголема, овие привилегии на судиите се доживотни – оти важат и за судиите кои отишле во пензија! Но, од еден компаративно-историски аспект, би се излажале ако помислиме дека расипливоста на судиите е нешто ново и ексклузивно само за наши услови. Затоа ќе дадеме неколку епизоди кои докажуваат дека од памтивек судиите не ги биел добар глас меѓу народот затоа што со нивната работа предизвикуваат само лоша карма…

Судиите – ситнодушни поткупливци

За подмитливоста на судиите, како нивна карактерна особина, нѝ пишува уште хеленскиот писател Ксенофон (IV век пр.н.е.) – еден од најпознатите ученици на мудрецот Сократ од Атина. Во својот спис Гозба, Ксенофон – опишувајќи една сцена во која учествувал самиот Сократ – вели: „…Тогаш, кога ги истурија камчињата и се виде дека сите гласале за поубавиот и побогат Критобул, Сократ извика: ‘Ама твоите пари Критобуле, не биле како оние на Калиј! Оти неговите ги прават луѓето посправедливи, додека твоите се способни најмногу да поткупуваат судии и арбитри“!

Судиите – дерачи на сиромашните

Не случајно, уште во Стариот Завет на Светото Писмо т.е. христијанската Библија, во Книгата Псалми, изрично се вели: Не стапнувај во суд!!!А и подоцна, во Новиот Завет – во Евангелијата според Матеј и според Лука – Исус, во неговата прочуена Беседа на гората, во делот каде говори за гневот и помирувањето, вака му вели на насобраниот народ: „Кога одиш со противниот свој пред власта, гледај навреме, уште по патот, да се измириш со него – за да не те предаде тој на судијата, а овој на џелатот, па да те пикнат в затвор. Оти, вистина ти велам, нема да излезеш од таму сè додека не им ја дадеш и последната пара“!

Судиите – трговци со пресуди

Во II-от век по Христа, Лукиј Апулеј – кој и самиот бил адвокат и брилијантен судски говорник – во своето најпознато дело Преобразби илиЗлатното магаре, преку своето ‘алтер его’ т.е. главниот протагонист Луциј, вели: „Впрочем, што се чудите вие простаци, говеда дотерани или, подобро речено, ‘јастреби облечени во тоги’ – што и денес сите судии тргуваат со своите пресуди кога, уште во почетокот на светот, пресудата во спорот меѓу луѓето и боговите била изнудена со пристрастност? …Тоа се случуваше и подоцна… Еве, што ќе кажете за пресудите на Атињаните, тие умни законодавци и зналци во сите науки? Па нели старецот обдарен со божествена премудрост [Сократ], кого делфиското божество го беше прогласило за ‘најмудар од сите смртници’, беше окривен поради завидливоста на една бесрамна група луѓе. Зарем тој – подмолно обвинет дека ја расипува младината која, всушност, ја одвраќаше од крајности – не умре од смртоносниот сок на една отровна билка, оставајќи им на своите сограѓани петно на вечен срам?“.

Судиите – подмитливи среброљубци

Пет столетија подоцна, во VII век, монахот Св. Јован Лествичник – еден од Светите отци на Православната црква и можеби најучениот човек на своето време во Византија, во своето капитално духовно дело Лествица, упатува попатни критики и на судиите. Тоа го прави особено во деловите кога говори за среброљубието и за човечката бесчувствителност: „Впрочем, честопати, и мали подароци го стивнувале големиот гнев на судијата! …Оти среброљубието почнува под изговор за милостиња, а завршува со омраза кон сиромасите кои немаат да платат. Додека не натрупа пари среброљубивиот е милосрден, ама штом дојде до пари веднаш ја стиска раката… Бесчувствителниот е …адвокат кој ја застапува погрешната странка, слепец кој ги учи другите како се гледа! Тој зборува за лечење рана, а не престанува да ја чеша својата; …се лути на самиот себеси, а не се срами од своите зборови – бедниот! […] Како што надменоста може и без другите страсти да го упропасти човека – така и судењето, само по себе, може совршено да нè упропасти; Да судиш значи бесрамно да си го присвојуваш правото Божјо, а да осудуваш значи да си ја упропастуваш душата! […] Познавав некои луѓе кои, тајно и скриено од светот, вршеа најтешки гревови –  а, сметајќи се себеси за чисти, тешко ги осудуваа оние коишто јавно паѓаат во лесни гревови!? Затоа не осудувај дури ни тогаш кога со свои очи ќе видиш дека некој греши – оти и очите често се лажат“!

Судиите – дотерани мачори

Од почетниот цитат видовме дека, во XVII-от век, јансенистот Блез Паскал иронично говореше за судиите како за „дотерани мачори“ желни за внимание, а за нив пишуваше во своето недовршено дело Мисли и тоа токму во делот на посветен на човековата возгордеаност и арогантност. Тој умесно додава дека и ние сме криви што „дозволуваме нивната вообразба со сѐ да располага – па, така таа сега нѝ ги создава и убавината и среќата и правдата, која е сè на веков“.

Судиите – приврзоци на неправедниот систем

И конечно, дипломираниот правник на престижен англиски универзитет – Mахатма Ганди (XX век), во својот спис Хинду Свараџ,ја заокружува оваа есенцијална етичка критика на возгордеаните „правни умови“, кој се неизбежен декор на секој неправичен систем, велејќи: „Погрешно е да се мисли дека судовите се основани за доброто на народот. Оние кои сакаат да ја одржат својата моќ го прават тоа преку судовите! Ако луѓето беа способни самите да ги разрешат своите кавги, трета страна не би била способна да наметне никаква власт врз нив. Навистина, луѓето беа помалку мажествени кога самите си ги разрешуваа расправиите – или со тепање, или барајќи нивните роднини да решат за нив. Но, тие станаа уште повеќе немажествени и кукавици кога им се обратија на судовите. Се разбира, беше знак на дивјаштво кога со тепачки ги разрешуваа расправиите, но дали е помалку дивјаштво ако замолам трета страна да реши помеѓу мене и вас – оти странките самите, уште претходно, знаат кој е во право! Ние, во нашиот простотилук и незнаење, си замислуваме дека некој алчен туѓинец, земајќи нѝ ги парите, нѝ дава правда“!?

Последно