Тунис не им дозволува влез во земјата на претставници на ЕУ

Туниските власти одбија да им дозволат влез во земјата на петмина членови на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), кои вчера требаше да заминат во официјална посета во земјата.

Во писмо упатено до делегацијата на Европската Унија во Тунис, туниското Министерство за надворешни работи соопшти дека делегацијата на Европарламентот „нема да биде овластена да влезе на национална територија“.

На ваквата одлука реагираше Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), која нагласи дека е длабоко изненадена од неа, по бројните посети во последните месеци кои „овозможија да се воспостави искрен и отворен дијалог меѓу сите европски и туниски институции, како и со претставниците на граѓанското општество“.

– Нашиот амбасадор во земјата веднаш го изрази нашето жалење за оваа одлука која не помага да се зацврстат нашите односи. Европската унија и Тунис се поврзани со силно и стратешко партнерство. Продолжувањето на отворениот дијалог е уште поважно во време кога заедно се соочуваме со невидени предизвици, се наведува во реакцијата на ЕЕАС.

На одбивањето на посетата реагираше и Комитетот за надворешни работи на Европарламентот, кој ја осуди одлуката на туниските власти и побара „детално објаснување“.

– Ова однесување е без преседан од демократската револуција во 2011 година, се наведува во соопштението на АФЕТ.

Превземено од: denesen.mk

Последно