Тчиани: Меѓународната заедница да не се меша во внатрешните работи на Нигер

Новиот воен лидер на Нигер, Абдурахамане Тчиани, ги обвини соседните земји и меѓународната заедница дека се мешаат во внатрешната политика на земјата и се закануваат со воена интервенција.

Тој го повика населението да биде подготвено да ја брани државата, пренесува Танјуг.

„Затоа го повикуваме народот на Нигер да се обедини, да ги победи сите оние кои сакаат да нанесат нераскажани страдања на нашето вредно население и да ја дестабилизираат нашата земја“, рече Тчиани во говорот емитуван на националната телевизија во средата навечер.

Тчиани, кој командува со претседателската гарда на Нигер, исто така вети дека ќе создаде услови за одржување избори по соборувањето на претседателот Мохамед Базум.

Неговиот говор доаѓа во време на зголемени регионални тензии, откако Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) се закани дека ќе употреби воена сила доколку Базум не биде ослободен од домашен притвор и се врати на работа до 6 август.

Тој регионален блок воведе остри економски санкции кон Нигер.

Тчиани рече дека Нигер се соочува со тешки времиња и дека „непријателските и радикалните“ ставови на оние кои се противат на неговото владеење не помагаат да се смират тензиите.

Тој ги нарече санкциите воведени од ECOWAS незаконски, неправедни, нехумани и без преседан.

Превземено од: Kumanovskimuabeti.mk

Последно