Слепите лица немаат еднаков пристап до високото образование

 На универзитетите во Скопје и Битола нема инфраструктурни проекти за приспособување на објектите за слепите лица, ниту пак аудио материјали и брајови книги во библиотеките во рамки на факултетите. Слепите лица ги немаат потребните услови за завршување на високото образование, а следствено на тоа, ускратено им е и правото на еднаков пристап до високото образование.

Од вкупно десет факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола од кои МИА доби информации, на ниту еден нема инфраструктурен проект за прилагодување на објектите за слепите лица, а нема ни приспособени материјали од кои би учеле.

– Ова го ускратува правото на слепите лица за еднаков пристап и еднакви можности во образованието, оценуваат од Националниот сојуз на слепи за МИА.

Здружението на слепи во моментот дава стипендија на две лица, а од факултетите со кои МИА исконтактира досега е евидентирано едно слепо лице кое студира.

Евидентно е дека и покрај малиот број на слепи лица, интерес за студирање сепак има. Беира Салифоска е една од нив. Салифоска, позната како Беки, има глауком (целосно оштетување на видот од раѓање). Оваа млада девојка потекнува од Пласница, а неодамна дипломира на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет при УКИМ, а својот прв дипломски труд го има напишано на Брајово писмо. 

Беира Салифовска

-Мора да признаам дека беше навистина тешко и макотрпно, работев за да ја остварам оваа цел. Предизвик ми беше целото студирање, дали ќе го завршам, како ќе ги постигнам сите обврски и дали ќе можам да се посветам соодветно на нив, потоа самата изработка на дипломскиот труд, ми беше огромен предизвик, дали ќе го направам добро, онака како што би требало да изгледа еден дипломски труд, но со посветеност, љубов и работа може да се постигне сѐ. Да бидам искрена, подолго мечтаев и го очекував овој момент. На крај и тоа ми се исполни и го остварив, она што го замислив и за кое вложив многу труд, раскажува Салифоска за МИА.

Таа посочува дека соодветните услови на факултетите се многу важни, меѓутоа порачува дека во такви случаеви е важно да се има цврста желба и упорност.

-Проблеми и пречки секогаш ќе постојат, но ако навистина го сакате тоа ќе успеете и покрај потешкотиите и предизвиците со кои се соочуваме како лица со оштетен вид, децидна е Салифоска.

Како што наведуваат од Здружението на слепи лица постојат различни мерки, меѓутоа проблем е што нема институционалната волја за преземање на истите.

-Образовните институции треба да инвестираат во асистивни технологии специјално дизајнирани за слепи ученици, како што се, читатели на екрани, брајов дисплеј, text to text speech (софтвер), како и многу други помагала кои можат да придонесат за полесен пристап. Овие алатки им овозможуваат на студентите со оштетен вид да имаат полесен пристап до дигитални содржини, учебници и други образовни материјали., посочуваат оттаму.

Салифоска за МИА сподели искуства и од периодот кога студирала. Таа вели дека имала електронска верзија на материјали, но тоа на крајот од денот било само на лична волја на професорите.

-Имав материјали во електронска верзија, кои ми ги праќаа професорите од мојот Институт, но за жал на Брајово писмо немаше, па многу пати сама јас лично препишував, затоа што сакав да читам, а и така полесно ми е да учам. Читањето на книга, ништо неможе да го замени, вели таа.

Додава дека за секое лице со оштетен вид, многу е важен личниот асистент.

– Јас сум многу темпераментна личност и секогаш имам некоја цел, но морам да напоменам дека како лице со оштетен вид, ми треба помош за да остварам некои цели, па мора да истакнам дека јас ја имам таа среќа, да имам толку посветен асистент, како што е Димче Миланов, кој несебично се труди и дава се од себе да го остварам она што сум го замислила, па така заедно и двајцата се спремаме да го трчаме Визер скопскиот маратон од пет километри, за кој сум многу возбудена и едвај го чекам тој момент да дојде. На лицата со оштетен вид би им препорачала, да бидат трпеливи, храбри и да не се откажуваат од она што го сакаат и замислиле во животот, можеби нас ни треба повеќе време и труд за да постигнеме некоја цел, но на крај најважно е да се постигне таа цел, затоа што секое постигнување на некоја цел, ќе те води и понатаму дека можеш многу повеќе работи да правиш и дека не треба да се откажеш од она што си го започнал, посочува Салифоска.

Од Здружението оценуваат дека клучно е факултетите да имаат обучени членови, како што се специјални едукатори или координатори за пристапност, кои можат да обезбедат индивидуализирана поддршка за студентите со оштетен вид.  

-Ова може да вклучува тренинг со асистивна технологија, асистенција при земање белешки и олеснување на комуникацијата со инструкторите и врсниците, појаснуваат оттаму.

Велат дека дополнително е потребно на овие лица да им се обезбедат и испити на Брајова азбука или електронски формати кои ќе бидат компатибилни со екрански читатели, како и дозволување на дополнително време или користење на асистивна технологија за време на проценките. 

Алармираат на поголема институционална соработка, бидејќи како што појаснуваат, моментално таа е сведена на минимум.

-Доколку заеднички се работи, ќе може да се споделат ресурси, најдобри практики како и да се изнаоѓаат иновативни решенија за подобрување на пристапноста за студентите со оштетен вид, порачуваат од Здружението.

Инаку,  Уставот на Република Северна Македонија ја предвидува достапноста на високото образование, а во член 7 од Законот за високо образование стои дека „Државјаните на Република Македонија имаат под еднакви услови право на образование на високообразовните установи во Република Македонија“.

Превземено од: https://24info.mk/2023/07/09/слепите-лица-немаат-еднаков-пристап-д/

Последно