Синот на Џо Бајден ги призна обвиненијата за нелегално поседување оружје и даночни малверзации

Хантер Бајден (53) се согласи да се изјасни за виновен по две точки од обвинението за неплаќање федерален данок на доход и призна дека нелегално поседувал пиштол и покрај тоа што бил корисник на дрога, објавија обвинителите.

Договорот за признавање вина меѓу Хантер Бајден и американското обвинителство во неговата родна држава Делавер ќе треба да биде одобрено од федерален судија.

Синот на претседателот најверојатно нема да се соочи со затворска казна. Според „Вашингтон пост“, обвинителите ќе бараат условна казна за обвиненијата за данок и оружје.

Претседателот Бајден (80), кој најави дека планира да се кандидира за реизбор следната година, и неговата сопруга Џил (72), издадоа кратка изјава по објавувањето.

„Претседателот и првата дама го сакаат својот син и го поддржуваат додека тој продолжува да го обновува својот живот“, соопшти Белата куќа. „Нема да имаме дополнителни коментари.“

Американскиот обвинител Дејвид Вајс, именуван од поранешниот претседател Доналд Трамп, рече дека Хантер Бајден се согласил да се изјасни за виновен по „две точки од обвинението за намерно неплаќање федерален данок на доход“.

Според обвиненијата, Бајден, адвокат и лобист образуван на Јеил, навреме не ги поднел своите даночни пријави за заработка од повеќе од 1,5 милиони долари за 2017 и 2018 година.

Во двете години тој должел повеќе од 100.000 долари данок на тие приходи.

Секоја точка носи до 12 месеци затвор и парична казна до 100.000 долари или двојно повеќе од она што требало да го добие со кршење на законот.

Вајс рече дека Хантер Бајден, исто така, се соочува со едно обвинение за „поседување огнено оружје од лице кое е незаконски корисник или зависник од контролирана супстанција“.

Хантер Бајден призна дека во минатото се борел со крек, кокаин и други дроги.

Тој нема да биде кривично гонет поради обвинението за оружје, туку ќе влезе во она што е познато како „пренасочување пред судење“, кое често вклучува советување или рехабилитација.

Во изјавата, Кристофер Кларк, адвокатот на Хантер Бајден, изјави „Моето разбирање е дека петгодишната истрага за Хантер е решена.

„Хантер ќе ја преземе одговорноста за двата случаи на прекршок со не поднесување даночни плаќања кога требало“, рече Кларк.

„Знам дека Хантер верува дека е важно да ја преземе одговорноста за овие грешки што ги направи за време на период на превирања и зависност во неговиот живот“, додаде тој. „Тој со нетрпение очекува да продолжи со опоравувањето и да продолжи напред.

Превземено од: https://kanal5.com.mk/sinot-na-djo-bajden-gi-prizna-obvinenijata-za-nelegalno-poseduvanje-oruzhje-i-danochni-malverzacii/a587575

Последно