Политичката партија Левица ја објави својата изборна програма за претстојните парламентарни избори. Во оваа сеопфатна програма, согласно идеолошката поставеност на партијата огромно внимание е посветено на локалната самоуправа.
Изминатиот мандат, Левица со само двајца пратеници, успеа да спречи многу штетни политики и да предложи законски решенија согласно барањата на младите и Претседателот на партијата, проф. д-р Димитар Апасиев вели дека со десетина пратеници Левица ќе биде партијата која ќе ги принуди политичките елити да го застапуваат народниот интерес.
Во прилог ви го пренесуваме делот од програмата наменет за локална самоуправа
Донесување нов Закон за територијална организација на општините, кој нема да се заснова на поделба според етнно-трибалистичката или религиската структура, туку ќе цели кон создавање функционални административно-територијални, економско-демографски и географски целини.
Ограничување на бројот на мандатите на градоначалниците, на максимум два мандата во животот.
Воведување на отповиклив, т.е. императивен мандат на членовите на локалните совети [градски и општински], со можност за отповикување на советник во секое време од страна на Партијата преку чија кандидатска листа е избран (со цел да нема постизборно „пребегување“ или „купување“ советници за огромни суми пари, најчесто од страна на урбанистичката мафија).
Воведување на можноста за предвремено отповикување градоначалник, преку локален референдум, а по претходна 2/3 одлука од Советот.
Ослободување на инструментите на непосредната директна демократија на локално ниво од крутите бирократски процедури за собирање потписи и поставените високи цензуси:
- намалување на потребниот процент граѓани кои можат да бараат распишување на локален референдум (од 20 на 10%); и
- намалување на потребниот процент граѓани кои можат да иницираат свикување на собир на граѓани на локално ниво или да организираат граѓанска иницијатива на локално ниво (од 10% на 5%).
Деконцентрација и децентрализација, во насока на зајакнување на локалната власт, преку активно учество на заедницата и стимулирање на локалниот развој.
Брендирање на општините, според нивните вистински и препознатливи историски, културни, гастрономски, туристички и природни понуди.
Целосната програма на партијата можете да ја прочитате на следниов линк