Работните места во Македонија како минско поле

Македонскиот работник има двојно поголеми шанси да загине на работното место отколку неговиот колега во Европската унија, покажуваат податоците на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР). Со измените на законот за работни односи, кои не ограничуваат прекувремени часови дневно, кои се донесоа поради изградбата на автопатите од страна на „Бехтел и Енка”, ситуацијата веројатно ќе се влоши, велат тие.

Двајца градежни работници загинаа во тетовското село Шипковица кога врз нив паднал потпорен ѕид кој го граделе. Повреден работник во Радовиш. Работник загина во скопска Железара. Работник загина на градилиште во Чаир. Градежен работник загина по пад од платформа на градилиште во центарот на Скопје. Загина тракторист во кумановско. Загина маж во Радовиш откако со трактор излетал од патот.

Ова се наслови од македонските медиуми само од изминатите три месеци. Несреќа при работа со жртви во просек се случува на секои две недели.

Според годишниот извештај на МЗЗПР, во 2022 година нотирале 22 смртни случаи и 147 повреди при несреќи на работно место. Во извештајот се нагласува дека ова е конзервативна проценка, затоа што според податоците на Институтот за јавно здравје до 2020 година има околу 1.500 потешко повредени на годишно ниво.

„Ние дебело лажеме“

Според извештајот, во Македонија во просек годишно гинат над тројца работници на 100 илјади вработени, додека во Европската унија гинат околу двајца. Во поразвиените европски земји има по помалку од еден смртен случај на 100 илјади работници. 

Милан Петковски од ова здружение стравува дека бројките за несреќи при работа во Македонија се многу повисоки, но оти ретко се пријавуваат.

„Работните места во Македонија се минско поле на кое секоја година гинат десетици, па и стотици македонски работници. Ова може да се увиди, не од официјалната статистика на македонската држава, туку од извештаите на Македонското здружение за заштита при работа. Кумулативно, од 2007 година до денеска ние броиме околу 500 загинати луѓе на работните места“, вели Петковски.

Тој потсетува дека Меѓународната организација на трудот проценува оти штетите од несреќи и професионални заболувања чинат 4 проценти од БДП, што во македонски услови се скоро половина милијарда евра годишно.

Петковски вели дека никој во земјата не ги регистрира професионалните заболувања.

„Ако испраќаме податоци до Светската здравствена организација, според тоа што јас го гледам, ние велиме дека немаме професионални заболувања, нема починати рудари од силикоза, нема починати од рак заработен на работното место, нема починати од меланоми предизвикани од интензивно сончево зрачење. Ние дебело лажеме“, вели Петковски.

Досега лошо, со законите за Бехтел и Енка уште полошо

Според Петковски, измените на Законот за работни односи, кои се донесоа за автопатите што ќе ги гради Бехтел и Енка дополнително ќе ја влошат состојбата.

„Срамно и смешно е да зборуваме за оваа проблематика, а во Собрание да изгласуваат закон да може да се работи над 40 часа неделно, баш на вакви работни услови какви што се во моментов. Баш би сакал тие коишто ги дигаат прстињата во Собранието, да излезат на вакво време, на 40 степени, и тогаш да гласаат ваков закон“, вели тој.

Професорот по трудово право Лазар Јовески се согласува дека тоа законско решение е многу проблематично и оти има работа и за Уставниот суд.

„Светски стандард е, а не македонски, дека со зголемување на работните часови се зголемува ризикот од несреќи и повреди при работа“, вели Јовевски.

Внимание скеле!

Директорката на Државниот инспекторат за труд Весна Томовска вели дека минатата година извршиле скоро 9 илјади инспекциски надзори и издале речиси 2.500 решенија за утврдени недостатоци.

„Издадени и наплатени се 100 прекршочни налози, покренати се 16 прекршочни постапки и поднесени се 9 кривични пријави. Има извршено 1767 вонредни надзори за потешки повреди при работа, 15 за колективна повреда при работа и 12 за повреди со смртни последици“, вели таа.

Бројките за загинати при работа на Трудовиот инспекторат и на Здружението за заштита при работа се различни. Здружението ги смета сите што загинале додека работеле, додека инспекторатот само оние за кои има пријава за повреда на работно место. 

Најопасна професија е градежништвото. Во првата половина од годинава Трудовиот инспекторат веќе регистрирал 11 смртни случаи на работно место, скоро колку целата година лани, а седум од загинатите се градежни работници.

Добри закони, итарпејовско спроведување

Професор Лазар Јовевски вели дека Македонија има релативно добро законодавство, но начинот на спроведување е проблем со кој се соочуваме подолго време.

„Културата на злоупотреба и непочитување на законите, итарпејовскиот концепт каде што се бара како да се изигра законот, како да се најде празнина за да не се спроведат одредбите, и од работодавачите, но и од работниците кои исто така не ги почитуваат правилата, на крај дава вакви поразителни статистики, кои нè ставаат на дното на Европа, а и во меѓународни рамки не сме многу сјајни“, вели тој.

Според него, повисоки казни и повеќе инспектори може да дадат одреден резултат, но оти решението треба да се бара во зголемување на свеста за спроведување на законите, обука и едукација за, и работодавачите и работниците, да сфатат дека почитувањето на правилата за безбедност при работа се во нивна корист.

Превземено од: Deutsche Welle

Последно