Покрај нередовните плати, тие се жалат дека имаат недостиг од кадар, но и дека немаат греење во нивните простории, во денови кога надворешните температури се под нулата. Поради протестот, веќе втор ден не сообраќа единствениот воз од Скопје кон Битола.

Од Синдикатот се жалат дека втора зима по ред смрзнуваат, а една третина од работниците се на боледување. Најавуваат дека протестот ќе трае додека не им стават греење.

Во работилницата се сервисираат и поправаат возовите пред да се пуштат во сообраќај. Во нивната работилница во моментов се заробени две локомотиви, но има сервиси и во Трубарево и во Гевгелија, кои во моментов не протестираат. Денеска сообраќаат возовите кои биле прегледани вчера пред да почне протестот.

Се жалат дека дел од работниците, поради студот, си отишле пред крај на работното време, а раководството им испратило контрола дали се на работа.

„Нема да ги извршуваме работните обврски. Со тоа машините, влечните средства и гарнитурите кои сообраќаат низ целата држава не се во исправна состојба. Ако колегите машиновозачи ги земат без да бидат прегледани, а не смеат… Кој ќе земе одговорност да вози неисправна машина“, вели Ѓоко Илиевски од синдикалната подружница на Влеча на возови во Скопје.