Породилно отсуство за земјоделките – наша должност кон рацете кои нѐ хранат

МАЈКА и ЗЕМЈА.

Мајка која дарува живот, мајка која знае да гладува за детето да има да јаде, мајка која раат нема ако не кренеме слушалка по второто ѕвонење…

Земја од која извира живот, земја која не те остава гладен кога многумина те заборавиле, земја врз чии грутки сме родени… земја чии плодови се честопати полевани и растени со солзи.

Веќе ја гледаме аналогијата, сличноста и светоста на овие два збора. Не е лесно да се исполнува мисијата на мајка, не е лесно ниту со своја пот и труд да храниш семејство. Замислете тогаш, како изгледаат двете во едно – во исто време да растеш дете и да растеш плод, и да ги созреваш од капка до нешто вредно за восхит. А нешто вредно за восхит, без приговор, е трудот на жените земјоделки да ги постигнат двете – честопати далеку од вниманието на јавноста, од блицевите и перата на фотографите и репортерите, од државната помош… ниту нивната повеќедецениска борба за она основното, добивање платено породилно отсуство, не беше исклучок. Не сакавме никој да ни прераскажува, па низ нивите, полјаните и плодната македонска почва тропнавме на капиите на Ирена Баливска и Ѓулшен Таири. Ирена својата борба ја води од беровското село Будинарци, а нејзината соборка Ѓулшен од селото Крани во сликовитиот преспански крај.

Ирена Баливска

„Со сопругот се занимаваме со земјоделство 10 години и тоа ни е основна егзитенција, и во последните пет години претежно земјоделската работа ја извршувам јас. Се занимавам со одгледување на модра слива „стелеј“ и воедно собирам шумски плодови и билки од кои правам мармелади, слатко, џемови, сокови и билни сирупи. Она што што можам да потенцирам – регистрирана сум како земјоделка според ПИОМ и мал оператор за производство на храна, така што моите производи ги продавам на локален пазар и во Скопје.“, ни ја дава Ирена првичната слика за своето секојдневие.

Земјоделието е егзистенцијална алфа и омега и во животот на Ѓулшен.

„Јас се занимавам со овчарство, јаболкопроизводство и градинарство. Одгледувам околу 130 овци од кои произведуваме сирење за домашна употреба, а млекото го даваме во млекара, а продаваме и јагниња. Мојот овоштарник се простира на два хектари јаболка, и имам под закуп земјоделско земјиште за производство на сточна храна. Во семејството основна дејност ни е земјоделството, и сум регистрирана како индивидуална земјоделка според ПИОМ. Добро е што сме мешано земјоделско стопанство и некако ги покриваме основните трошоци. Голем проблем ни е сезонската работна сила која ја нема и е многу скапа, 25 евра е дневницата и некогаш ни се случува дома да немаме пари ниту леб да купиме – прво гледаме да ги покриеме сите трошоци за производство, храна за стоката, да се плати струја, работници, патни трошоци, а потоа гледаме за дома. Децата исто ни помагаат, учат и работат. Ако не ни помагаат децата, тешко се издржува. Нема да постигнеме се’ со мажот ми.“, вели таа.

Како што навлегувавме разговорот, ни ја разбиваа дури и најмалата илузија дека земјоделието не е тежок предизвик.

„Многу е тешко да се реализираат обврските и како мајка и како земјоделка. Јас имам две деца – едното е во градинка, а другото оди на училиште. Двете морам секој ден да ги носам во Берово, а нема организиран превоз и децата ги носиме со кола. Ние земјоделките своите деца ги растеме на нива, туку се до нас, тука за нив трпи и нашата работа и социјализацијата. Она што мене ми треба е едукација за продажба и маркетинг, но не можам толку да се посветам на ваква едукација поради тоа што нема каде да ги оставам децата, а за да учествувам на обуки треба да одам во блиски градови или онлајн, но тоа е тешко да се искомбинира со улогата на мајка.“ ни посочува Ирена која е полна планови и визии, но праксата „одлучила“ да ѝ отежне.

Ирена Баливска со нејзините деца

Ништо полесно не ѝ е ниту на Ѓулшен.

„Жената нема одмор на село, работиме и дома и во поле. Пласманот ни е проблем, ниски се откупните цени, а производните цени ни се зголемуваат. Немаме ниту добра инфраструктура,  еве конкретно за превоз до Ресен одиме со кола, а нема автубиси и јавен превоз. За мене е проблем што немам возачка дозвола и тоа ми е едно ограничување, трактор возам но кола не. Едукацијата за нас е многу важна и затоа вложувам во едукацијата на децата. Јас имам астма и не треба да одам во поле, ама ајде не оди… не може сам се’ мажот ми да постигне. Климатските промени ни се проблем, поточно дождот сега ни прави и штета. Се појавија вошки и пајак кај јаболката, и бара доста прскање. Пролетните мразови ни се проблем – прво е топло и потоа фаќа мраз и го уништува плодот, а потоа доаѓа и град кој го уништува исто така јаболкото. Поради вакви проблеми младите ги напуштаат селата и одат  во странство. Ова е тешка работа. Јас имам три деца, и се грижиш за домот, за овците, за јаболката… гледаме се’ повеќе да си произведеме домашна храна, за да не купуваме. Кај нас на село децата сами се чуваат или ги земаме и со нас во поле, со овците. Некои други кои имаат можност ги носата децата во градинка во Ресен.“, ги дополнува таа зборовите на Ирена, откривајќи од прва рака колку е тешко да се биде истовремено и што подобар родител и посветен земјоделец.

Ѓулшен Таири

Во некој ред погоре, напишавме дека со децении трае и борбата на земјоделките за платено породилно отсуство. Од пред некоја седмица, се чини дека се надзира позитивен завршеток – јавноста ја слушна веста дека како привремено решение е донесена Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година, која беше прифатена од страна на министерствата за труд и социјална политика и за земјоделство. За оваа цел, уште во април 2022 беше формирана координативна група која ја сочинуваа министерствата за труд и социјална политика, земјоделство и здравство, Фондот за здравствено осигурување, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенција за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој. Програмата е фацилитирана од Националната федерација на фармери, а со поддржана на Шведската организација за развој „We Effect“. Што предвидува програмата, дали е трајно решение, и ако не – што понатаму, и до која крајна цел? Одговорите ги побаравме токму во Националната федерација на фармери, и ги добивме исто така од две дами на кои оваа дејност им зазема голем дел од секојдневието – претседателката Васка Мојсовска и Билјана Петровска – Митревска, која како дел од тимот за лобирање и застапување при Федерацијата, од првите редови ја „тера правдината“.

Васка Мојсовска (претседателка на НФФ)

„Програмата обезбедува еднократна финансиска поддршка од 81.000 денари. Оваа помош е наменета за жените кои имаат статус на осигуреник-индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување и не можат да остварат платено породилно отсуство. Не беше воопшто лесен патот. Прво проблеми имавме во самата организација, овој предизвик да го ставиме во агендата за лобирање бидејќи во тој период беше друг претседател, каде што толку внимание не се посветуваше на женските права. Од кога станав претседателка со уште две жени кои се дел од Управниот одбор и со голема поддршка на Управниот одбор и одделението за лобирање и застапување на Федерацијата, ги ставивме родовите прашања високо на агендата за лобирање и активно започнавме со имплементација на активности. Во 2018 година потпишана е Декларација за подобрување на економскиот и социјален статус на жените од руралните средини со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во 2018 доставен е извештај за состојбата со жените во руралните средини до Комисијата на Обединетите нации за елиминирање на секаков вид на дискриминација кон жените – следеа голем број на средби, медиумски претставувања и остварување на соработка со надлежните институции, пред се’ наведените министерства.“, вели претседателката Мојсовска, а Билјана нѐ внесува малку подлабоко во сржта на Програмата и очекувањата од нејзиното стапување во сила.

„Беше предизвик да се најде решение за надоместок за мајчинство за категоријата на земјоделци кои имаат статус на осигуреник според Законот за пензиско и  инвалидско осигурување и плаќаат придонеси од социјално, здравствено и инвалидско осигурување каде основицата е пресметана на 20% од просечно исплатена месечна плата по работник. Тие имаат права на здравствени услуги, но немаат право на надоместок поради боледување и породилно отсуство, бидејќи не се во работен однос, односно не добиваат месечна плата од работодавач, туку добиваат приход од вршење на земјоделска дејност кој не е месечен туку е годишен приход во зависност од продажбата на земјоделско производство. На ваков начин оваа категорија на индивидулани земјоделци не се опфатени со прописите од работен однос и во таа насока групата бараше соодветно решение за да и овие индивидуални земјоделки го остварат своето право на мајчинство. Тука би сакала да потенцирам како дообјаснување дека правото на надоместок на плата е право кое произлегува и се утврдува со прописите од областа на работните односи, тоа е Законот за работни односи а со Законот за здравственото осигурување се регулираат критериумите и условите за остварување на ова право и висината на износот на надоместокот на плата.  Согласно официјалната статистика согласно Законот за пензиско и инвалиско осигурување, бројот на регистрирани индивидуални земјоделци изнесува 4.291, од кои 1.075  се земјоделки. Тука би сакала да напоменам дека земјоделците кои се регистрирани согласно Законот за вршење на земјоделска дејност се трговци поединци кои целосно ги подмируваат придонесите од здравствено и социјално осигурување, имаат статус на вработено лице и имаат право на надоместок на плата за време на спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, како и сите права утврдени согласно прописите на работните односи.“

Програмата ја препознаа и поддржаа и политичките и неполитичките субјекти, но колку и да е добра и колку и да претставува поместување по 30 годишно тапкање в место, таа е сепак само мост кон конечното решение, посочуваат нашите соговорнички.

„Програмата има афирмативен и развоен карактер, а воедно и има заштитни механизми за да не биде злоупотребувана од страна на лица кои не се занимаваат со земјоделство. Со програмата се овозможува да се развива земјоделството како професија и се влијае позитивно на зголемување на бројот на регистрирани земјоделки и земјоделци чија основна дејност им е земјоделството и исто така се влијае и позитивно на зголемување на бројот на млади фармери и жени фармери сопственички на земјиште. Сепак, Програмата е само привремено, или преодно решение до изнаоѓање на трајното, односно функционален механизам за платено породилно отсуство на индивидуалните регистрирани земјоделки. Кординативната група продолжи со работа оваа година и треба во есенскиот период да излезе со системско решение за овој проблем.“, ги открива следните чекори претседателката.

За да се постигне решение кое ќе биде силно, издржано и официјално ќе има сила на закон, потребни се детални анализи и меѓуресорска соработка. Петровска – Митревска смета дека само на тој начин тоа решение ќе биде валидно и од вистинска помош на оние за кои се изготвува.

Билјана Петровска Митревска

„Работната група утврди дека креирање на системско, соодветно и издржано законско решение за обезбедување платено породилно отсуство на регистрираните земјоделки бара  и подетална анализа на повеќе закони од неколку области – здравство, социјални работи, работни односи, земјоделство и рурален развој. Работната група ги зеде во предвид и постојните регистри и системи на функционирање на соодветните институтиции кои се засегнати од овој процес (ПИОМ, УЈП, Фонд за здравствено осигурување итн.). Во комуникација сме и со парламентот и се разбира дека како законодавци се информирани за целата проблематика, всушност и Програмата е усвоена од Собранието во декември 2022 која е дел од Законот за извршување на буџет. Програмата е привремено решение и за да се воспостави системско решение треба да се разгледаат повеќе закони, не може да се направи само измена во Законот за здравствено осигурување, треба да се направата промени во законските легислативи од областа на трудовото право, здравственото осигурување, заштита при работа, здравствена заштита, земјоделство и рурален развој.“, заклучува таа, на овој испраќајќи порака дека законот во најава никако не смее да биде донесуван брзоплето и „преку ноќ“.

Го допиваме и домаќинското кафе со Ирена и Ѓулшен. Тие своите деца ги израснале во вредни млади членови на семејството, но додека биле на самиот почеток на тој пат, немало ниту програма, ниту било каков акт кој би им бил од помош. Затоа, велат, стојат рамо до рамо до сегашните и идни мајки земјоделки, пружајќи им безрезервна поддршка.

„Програмата е значајна за нас регистрираните индивидуални земјоделки бидејќи еве, конкретно јас сум од тие примери кога немав никаков надоместок додека се грижев за децата во првите девет месец. Тој период можев да бидам повеќе посветена на децата, а сепак останав да работам по старо и да работам со земјоделство и да првам слатко, џемови, сирупи и да ги продавам и да се грижам за бебињата. Тој период тие први месеци навистина се многу тешки.“, низ поздравните зборови на Ирена ја увидуваме уште еднаш важноста на Програмата, но над се’ – на трајното законско решение кое ќе пружи сигурност.

„Добро е сето ова – да се оствариме како мајки, но и да го оствариме правото на породилно отсуство и боледување, бидејќи во тие месеци кога треба да бидеш дома, ти мораш да работиш зашто немаш пари, а треба да имаш пари за грижа за бебето. Бенефит ќе има и од еднократната помош. Јас знам како е да немаш пари, еве конкретно моите деца кога беа бебиња јас ќе бев среќна да имаше ваква програма. И сега е добро  што е донесена, барем за мајките кои се регистрирани индивидуални земјоделки тоа да го искористат. Сепак, поубаво е да се најде трајно решение за да оствариме боледување и породилно.“, не’ испраќа Ѓулшен со истата порака.

Кој смета дека е лесен животот на мајките, нека влезе само на еден ден и една ноќ во нивните чевли. Оваа парафразирана мудрост му ја припишувам на незнаен мудрец, бидејќи меморијата некаде ми го сокрила неговото име, а не сум почитувач на усилено паметување. Знам само дека целосно се сложувам. Дедо ми пак велеше, а имам слушнато и од секој земјоделец кој го познавам – кој мисли дека е лесен земјоделскиот леб, нека дојде само еден ден на нива или в поле… и со нив целосно се сложувам.

Е сега, обидете се барем да замислите како изгледаат двете мисии во едно. Тешко и да се замисли, нели?

Нам можеби ни е тешко да замислиме, но државата не мора да замислува. Треба само да се делува – и кога се делува, да не се оставаат работите недовршени. Особено важи за држава која се декларира како социјална.

На крајот на денот, се работи за нашите мајки.

Од нив се раѓаме, од нивните раце лебот го јадеме…

Политичката партија Левица веќе поднесе Предлог-закон за платено породилно отсуство за жените земјоделки (Измена и дополнување на Законот за здравствено осигурување), со кој се овозможува користењето на правото на надоместок поради бременост, раѓање и мајчинство на жените – земјоделки и ќе се овозможи еднаквост и транспарентост на ова уставно загарантирано право на секоја жена. До овој момент, Собраниската комисија за здравство сѐ уште нема свикано седница на која би се разгледал и усвоил предлог-законот.

Последно