Непосредно пред изборната сезона, владејачкото мнозинство кое немаше намера во текот на мандатот да ја реорганизира јавната администрација, сега ги олеснува процедурите за голем број вработување со надеж да се амортизира претстојниот пораз на изборите.
Власта реши да ја олесни „комплицираната“ процедура за вработување, унапредување и преземање на работници во јавниот сектор. Незадоволни од „малата бројка“ на вработени во јавниот сектор, која се движи околу 130 илјади, СДС и ДУИ ќе ја поедностават постапката, место да воведат реформи на јавната администрација, за која се издвојуваат над 4 милиони евра годишно.
Во собраниска процедура, по скратена постапка влезе Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за буџети. Со предложените законски измени, одговорните лице нема веќе да поднесуваат барање за согласност за вработување до Министерството за финансии, туку сите субјекти во јавниот сектор ќе можат да вработуваат работници на неопределено и определено време доколку обезбедат средства во одобрените Буџети или Финансиски планови и ги планираат во Годишниот план за вработување.
Со оглед дека овој Закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во Службен весник, на одговорните лица во јавниот сектор ќе им се даде можност најмалку месец дена до распишување на изборите да вработуваат партиски војници. Покрај овој огромен проблем, спорна е и изјавата која треба да гарантира дека доследно ќе го почитуваат законот, но дали тоа навистина ќе биде така? Европската комисија жестоко го критикуваше невладеењето на правото и секојдневно пристигнуваат критики дека во Македонија постои висок степен на корупција, неказнивост и селективна правда.
За успешно имплементирање на предложените законски одредби, потребно е да се помести рокот за влегување во сила на овој закон, да се спроведе реформа на јавната администрација и да дојде на власт партија која нема криминален багаж и коруптивно минато. Сè дотогаш, народот ќе се сомнева во „добрите“ намери на власта и целосно ќе ја изгуби довербата во судството. – Се вели во соопштението на политичката партија Левица.