Левица: Кој се грижи за децата без родители?

Реакција на социјалниот сектор при политичката партија Левица

Ова прашање се наметнува откако се повеќе се зборува во јавноста, дека многу од децата без родители, не добиваат соодветен третман во згрижувачките семејства

Пред повеќе од пет години, тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, донесе одлука децата без родители, наместо во Домот 11 Октомври, да се згрижат во згрижувачки семејства. Од тогаш, до денес ниту МТСП, ниту ЦСР не ја информираа јавноста какви се резултатите од овој проект.

Она што се знае, а не се зборува јавно е дека многу од децата, не само што немаат соодветни услови за живеење во згрижувачките домови, туку се малтретирани психички и физички од нивните згрижувачи. Средствата кои што згрижувачите ги добиваат за чување на децата, а кои треба да се користат за потребите на децата, често пати не се користат за таа намена, а дел од децата немаат ниту основни хигиенски продукти.

Проблемот е дотолку поголем, затоа што овие деца, препуштени сами на себе и без грижа од државата, одлучуваат да не зборуваат за своите проблеми со кои што се соочуваат.

До Левица се обратија неколкумина наставници кои што работат со овие деца (меѓу нив има и деца со попреченост) кои забележале дека честопати децата имаат модринки кои ги кријат и од кои се срамат, а на инсистирањето на наставниците да пријават во Центарот за социјална работа, истите реагираат со страв, дека доколку јавно го изложат проблемот, ќе се соочат со уште поголеми проблеми и малтретирања од страна на згрижувачите.

Оттука, неминовно се наметнува прашањето води ли некој контрола врз згрижувачките семејства?

Дали и колку често стручниот соработник од Центарот за подршка на згрижувачките семејства ги посетува овие семејства? Разговара ли воопшто некој со овие деца? Кој и под какви критериуми утврдува кој е способен да биде згрижувач?

Прашања на кои што под итно треба да дадат одговори надлежните институции.

Република Македонија како социјална држава, треба и мора да се грижи за сите деца подеднакво, вклучувајќи ги и децата без родители.

https://www.facebook.com/levica.socijalen.sektor/posts/pfbid0B6d9KPL7gy5pzZymEVL2kA8WopFKq33UvcQCvt3iWRrUcpapPp1RxnU4HYGBRyafl
Последно