Пресконференција на портпаролот на Левица Амар Мециновиќ
“Откако трагично почина младиот Мемет Камбер, нешто што можеше да биде спречено, го прашуваме премиерот Ковачевски, министерката за труд и социјална политика Тренчевска и министерот за внатрешни работи Спасовски – кој им издаде 200 пасоши на белосветски криминалци, но, не успеа да му издаде лична карта на Мемет Камбер да ни одговорат, кој, со име и презиме ќе сноси одговорност за оваа неизмерна трагедија.
Иако одамна вброен како решен, проблемот со неевидентираните лица и оние без живеалиште во реалноста и понатаму очигледно дека постои. Уште од 2015 година законските измени се одложуваат, и ова ни кажува дека претставниците на олигархијата во македонското Собрание демонстрираат вџашувачка незаинтересираност за животите на обичните луѓе.
Затоа, инсистираме за итно законско решение со кое ќе се стави крај на оваа нечовечка појава во овој гнил систем.
Со длабоко разочарување продолжуваме да сведочиме за постојаното згаснување на невини животи под будното око на нелегитимната Влада – сочинета од лажни социјалдемократи. Реалноста за тоа како неевидентираните фантомски деца умираат во нечовечки услови е изразен потсетник за бесчувствителноста и немарноста на кои системот ги потчинува најранливите. Затоа, бараме правда за Мемет Камбер и Тони Сали.
Но, уште само една трагедија во низа ова не е; туку силен сигнал кој ја обелодени вистинската природа на Владата за која обесправените, обичните луѓе се непријатели. Нивните политики не ја гарантираат добробитта на секојдневниот човек, и единствено служат за унапредување на интересите на олигархијата, додека го овековечуваат бирократскиот кошмар за оние кои бараат правичност и шанса за достоинствен живот.
Без никаков сомнеж, колективно, како општество, нѐ распарчува човекојадниот капитализам. Корпоративните слуги и лажни социјалдемократи од СДС, уште од почетокот на нивното автократско владеење преку агенции за пропаганда, околу МТСП и други државни институции создадоа фама на проактивност наместо навистина да ги решаваат проблемите. Решавање на социјалните прашања не е приоритет за оваа власт.
Пред нас, како држава стои предизвик кој не дозволува овие трагедии и неуспехот на власта да ги спречи, да заминат во заборав. Конечно да побараме одговорност и исправување на систематските неправди.
Правда за Мемет Камбер и Тони Сали!