Енормен раст на цените а граѓаните немаат пари

Цените не мируваат. Поскапи се млечните производи, месото, овошјето и зеленчукот, а постојано се пласираат најави за нови ценовни бранови. Од државата помош бараат месната и мелничко-пекарската индустрија.

Забележителни се промените во маркетите, каде што млекото, јогуртот и павлаката се со цени повисоки до 20 проценти, а килограм сирење, зависно од производителот се продава од најниските 380 за кравјото до 700 денари овчото и козјото. Кашкавалот, кравји и мешан не може да се купи под 470 денари за килограм, а овчиот веќе го достигнува прагот од илјада денари. Брашното е засега е со стабилни цени, но затоа промени има кај тестенините.

Ни пазарите не се веќе прибежиште за плитките џебови. Обележје на летото секогаш биле доматите и пиперките (заедно со сирењето). И сега е така, само што се купуваат во помали количини. Килограм домати се продава по цени од 80 до 120 денари, пиперките 70, 80, 90, а гласините велат – ќе стигнат и до 170 денари. Отиде зимницата, коментираат граѓаните.

Слично е и со овошјето. Праските кои во овој период се „истураат“ чинат од 40 до 120 денари, сливите од 40 до 80, грозјето од 50 до 150, лубениците 25-30, дињите 50-60 денари за килограм…

Наспроти реакциите од купувачите се кажувањата од земјоделците за зголемените трошоци, пред се на горивото.

Факт е дека земјоделското производство, поради низа причини, е намалено, па увозот го прави своето.

Статистиката вели дека во второто годинешно тримесечје има намалување за 3,4 отсто кај откупот и продажбата на земјоделски производи. Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 2,1, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено за 4,5 отсто. Исто така, статистиката регистрирала значително намалување кај млечните производи – за 76,7 проценти, во полјоделството, а особено кај житата за 22,8 и кај овошјето за 38,2 отсто.

Овие проценти ги објаснуваат цените и нивните движења и во маркетите и на пазарите.

И лебот ќе биде на удар, предупредуваат некои од пекарите, најавувајќи цени повисоки за 15 насто. Сметаат дека тоа ќе се случи доколку не помогне државата. Конкретно, по излегувањето на Русија од Договорот за извоз на украинско жито, бараат субвенции за да не се соочат со големи загуби поради високите цени на пченицата на светските берзи. Притоа, посочуваат дека од крајот на јули, како реакција на руското повлекување, берзанските цени скокнале за 10 до 15 проценти.

Сепак, смирувачки делуваат изјавите од Здружението на мелничко-пекарска индустрија на Стопанската комора, дека поскапувањето на брашното засега не е во план. Пред се, поради тоа што цената на домашното брашно е пониска од онаа на конкуренцијата, односно на увезеното од Србија. Но, се зависи од движењата што ќе се случуваат на берзите.

Ако има потреба, ќе следуваат нови мерки, се изјавите на владините претставници, кои тврдат дека ќе им помогнат на граѓаните и нема да дозволат ценовни шокови. Граѓаните, пак, тврдат – се е скапо кога нема пари.

Превземено од: Pari.com.mk

Последно