Држави во САД го враќаат детскиот труд во законската регулатива

Во голем бројот на држави во САД идејата да ги укинат ограничувањата за користење на детскиот труд е се популарна. Застапниците за укинување и слабеење на законите за детскиот труд вклучуваат некои од најмоќните десничарски фондации и корпорации во САД.

Стремежот по профит кој го наметнува капиталистичкото општество во оваа држава, предизвикува воведување на регулатива, закони и практики за работни односи кои се под секое човеково достоинство.

Само во текот на 2023 година во шест држави: Ајова, Минесота, Мисури, Небраска, Охајо и Јужна Дакота и во Арканзас, се донесен закон со кој се отстрануваат ограничувањата за работа за деца на возраст од 14 години. Еден предлог-закон е усвоен во Минесота со кој се овозможува децата на возраст од 16 години да работат на градилиштата. Во последните две години дури десет сојузни држави воведоа, разгледаа или имаат донесено измени во легислативата со кои се става крај на заштитата на правата за децата работници.

Предлог-законот во Ајова, одобрен од државниот Сенат во април, покажува каде би можеле да се движат работите на национално ниво. Меѓу другото, со овие законски промени се укинуваат ограничувањата за опасната работа на малолетницити, со тоа што им дозволува на тинејџерите на возраст од 14 години да работат во ладилници за месо и индустриски перални, а тинејџерите од 15 години да работат на фабрички линии. Овој закон исто така дозволува создавање на посебни дозволи, кои ќе им овозможат на тинејџерите на возраст од 14 години сами да возат на работа во ноќните часови.

Напорите за намалување на заштитата на детскиот труд во голема мера се планирани и финансирани од големите десничарски фондации и тинк-тенкови како што се Фондацијата за отчетност на владата (FGA) и Мрежата за државна политика, како и деловни здруженија како што е Националната федерација за независен бизнис, Стопанската комора, Националната асоцијација на ресторани и т.н. Овие лоби групи, работејќи заедно, развиваат предлози кои ги приспособуваат на специфичните услови во различни држави, а потоа на конзервативните пратеници им нудат аргументи и поддршка за лобирање потребни за да се добие нивното одобрување во замена за придонеси од нивна страна во наредните политички кампањи.

Според статистичките податоци на Министерството за труд, од 2018 година има зголемување на бројот на малолетни лица кои се нелегално вработени за 69%, од кои 37% во однос на минатата година. Во 2022 година, Министерството за труд наведе 835 компании за нелегално вработиле повеќе од 3.800 деца. Се разбира, станува збор само за прекршоци забележани од теренските инспекции – вистинската бројка веројатно е многу поголема.

Обидите за легализирање на експлоатацијата на детскиот труд се поттикнати од истите актери кои се обидуваат да ги уништат синдикатите, да ги ослабат државните регулаторни тела и да ги негираат социјалните услуги. На пример, една од компаниите што го прекршила законот за детски труд во 2022 година е „Packers Sanitation Services“, која е во сопственост на „Blackstone Group“, еден од најголемите светски инвестициски фондови, каде илегално работеле 100 деца, од кои многумина биле мигранти без придружба од родители, на опасни работни места, во погони за пакување месо во сопственост на некои од најголемите фирми во месната индустрија, како што се „Cargill“ и „Tyson“.

Превземено од: https://antropol.mk/2023/05/15/drzhavite-vo-sad-go-vrakjaatdetskiot-trud/?fbclid=IwAR1HmYFpKQ09jqB7Y7tmv2-vvlHps9VOvvS3DapxcJ1POCaCDgLWJfJEUSk

Последно