Доверлив документ на шведското претседателство: ЕУ се плаши дека проширувањето ќе ја чини многу пари

Интеграцијата на новите членки ќе зависи не само од исполнувањето на критериумите од земјите кандидатки, туку и од капацитетот на самата Унија да го продолжи и да го продлабочи сопствениот развој, вклучително и капацитетот за интеграција на нови членки, пишува „Слободен печат“.

Европската Унија води интерна дебата за тоа колку проширувањето со Западен Балкан и со Украина ќе го чини европскиот буџет и како ќе влијае врз работата на европските институции за што веќе циркулира неформален доверлив документ на шведското претседателство со ЕУ, во кој се анализира нејзината способност да прими нови земји членки. Најголемата грижа на Брисел, како што велат дипломатски извори, се разбира е буџетот од кој зависи кохезивната и земјоделска политика.

Документот, во кој „Слободен печат“ имаше увид и кој ќе биде основа за дебатата за идното проширување на министрите за европски работи на ЕУ, на 21 и 22 јуни во Стокхолм, содржи десет области на кои проширувањето би можело да влијае и евентуално да доведе до измени на некои од актуелните правила.

Нашите извори, сепак, велат дека самиот факт што се води дебата за влијанието на проширувањето врз функционирањето на Унијата е еден вид потврда дека перспективата на приемот на нови членки стана многу поконкретна отколку досега. Според нив, по руската инвазија на Украина, сериозните чекори во однос на проширувањето станаа геополитички императив, па има притисок до крајот на годинава да се донесе одлука за отворање преговори за членство со Украина. Тоа, пак, ја тера ЕУ да размислува какво проширување сака.

Повикувајќи се на заклучоците на лидерите на ЕУ од декември минатата година, шведскиот документ наведува дека интеграцијата на новите членки ќе зависи не само од исполнувањето на критериумите од земјите кандидатки, туку и од капацитетот на самата Европска Унија да го продолжи и да го продлабочи сопствениот развој, вклучително и капацитетот за интеграција на нови членки.

Влијанието на проширувањето врз заедничката европска каса

Едно од главните прашања во шведскиот документ е како приемот на потенцијално десет нови членки што се на листата на чекање ќе се одрази на заедничката европска каса. Ова прашање е особено чувствително во Германија, но расположението за проширување би можело да се намали и во источноевропските земји доколку се намали нивниот дел од колачот од европските фондови.

Во документот се предупредува дека можните нови земји членки ќе станат „нето корисници на буџетот на ЕУ, од кој ќе добиваат значителни фондови за нивниот развој по пристапувањето во рамките на напорите за намалување на нееднаквоста во блокот“, а најзначајно влијание проширувањето ќе има врз „кохезивната политика и земјоделските политики“. Тука не е вклучена реконструкцијата на Украина која ќе треба да се решава посебно бидејќи трошоците за тоа се многу поголеми од оние за процесот на пристапување.

Притоа се напоменува влијанието што проширувањето ќе го има на заедничката земјоделска и кохезивна политика на ЕУ, за која од европскиот буџет се трошат 62 отсто, односно 1.070 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година. Колку за потсетување, кохезивната политика на ЕУ има за цел да ги намали разликите меѓу регионите на ЕУ, а особено да ги поддржи помалку развиените региони.

„Имајќи го предвид нивото на развој на земјите кандидатки и фактот дека кохезивните фондови се наменети за помалку развиените региони во смисла на зајакнување на економската, социјалната и територијалната кохезија, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на ЕУ и обезбедување за приоритетите на ЕУ, сегашните правила и буџетски ставки ќе мора да се менуваат“, пишува во документот.

Слична промена веројатно ќе биде потребна и во Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) поради големината и специфичноста на земјоделскиот сектор во некои од земјите кандидати. А ЗЗП од витална важност им е на најголемите како Франција, Шпанија, Германија или Полска.

Третата област на која се укажува во документот е владеењето на правото и почитување на европските вредности во рамките на Унијата, вклучувајќи ги слободата, безбедноста и правдата, како и можните ефекти врз Шенген зоната. За да се обезбеди придржување кон тие вредности по влегувањето во ЕУ, во проширената ЕУ веројатно ќе мора да се унапредат постојните механизми за почитување на владеењето на правото, а како пример се наведува можноста европските фондови да се условуваат со почитување на владеењето на правото, прекршочна процедура и слични мерки.

Со проширувањето, како што се додава во документот, населението во ЕУ би можело да се зголеми од 450 милиони жители на 512 милиони, што ќе има последици врз функционирањето на единствениот пазар, слободата на движење на луѓе, капитал услуги и стоки, како и врз заедничката надворешна и безбедносна политика. Таквата проширена Унија би имала и нови надворешни граници, поголема територија, население и различни геополитички интереси што секако ќе влијае врз односите на ЕУ со трети земји.

Во документот уште се наведува дека проширувањето на Европската Унија може да има посебно влијание и врз областа на зелената транзиција, како и на транспортната политика.

Како да се реформира начинот на одлучување

На состанокот во Стокхолм ќе се разговара за нов механизам за проширување, поточно за еден вид диференцирано членство за што Франција веќе порача дека земјите членки имаат рок до крајот на 2023 година да го прецизираат овој механизам и потребата да се реформира начинот на одлучување.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон неодамна од Братислава потврди дека „да, ЕУ мора да се прошири“.

Да, тоа мора да биде одново смислено во смисла на структурата на управување и на целите. Да, мора да бидеме иновативни, да измислиме неколку формати и да ги разјасниме целите на секој од овие формати – рече Макрон.

Тој додаде дека тоа е единствениот начин за да се исполнат легитимните очекувања на Западен Балкан, Молдавија и Украина, кои мораат да ѝ се приклучат на ЕУ, но истовремено мора да се задржи геополитичката ефективност, климата, владеењето на правото и економската интеграција во ЕУ каква што постои денес. Но Макрон предупреди дека не треба проширување колку само да го има, бидејќи тоа би било втора грешка и такво проширување би ја ослабело Унијата, па потсети дека Унијата никогаш не била направена за бесконечно проширување во географски рамки.

И германскиот канцелар Олаф Шолц претходно рече дека Европа мора да го одржи ветувањето за проширување, ама пред тоа треба да се реформира. Последната реформа на ЕУ беше заокружена со Лисабонскиот договор во 2009 година.

Нема тајминг и редослед за земјите што треба да ѝ пристапат на ЕУ

Шведскиот документ предупредува дека влијанието на проширувањата врз ЕУ ќе зависи и од големината на земјата и редоследот на пристапувањето, а за него уште нема тајминг.

За потсетување, Европскиот совет на состанокот лани во јуни им додели статус на земја кандидат на Украина и на Молдавија, а на 15 декември и на Босна и Херцеговина, со што тие им се придружија на Албанија, Црна Гора, Македонија, Србија и Турција.

Превземено од: https://www.slobodenpecat.mk/doverliv-dokument-na-shvedskoto-pretsedatelstvo-eu-se-plashi-deka-proshiruvanjeto-kje-ja-chini-mnogu-pari/

Последно