Во собраниска процедура влезе Предлог Буџетот на Република Македонија за 2024 година, кој ќе тежи 5,5 милијарди евра. Првата слика која може да се добие е дека рекордните расходи предизборно ќе се трошат за додворување на гласачкото тело, преку гарантирани повисоки плати и пензии, место реформи во јавната администрација и целосна ревизија во пензискиот фонд.
Покрај зголемените приходи, кои се нереални, власта една четвртина од своето расипничко трошење (или речиси 1,4 милијарди евра) ќе го покрива преку нови домашни и странски задолжувања. Иако стапката на инфлација оптимистички е проектирана на 3,6 отсто, власта очекува повисоки приходи за 11,3 отсто по основ на ДДВ, што значи дека цените и понатаму ќе растат, а акцизите ќе се зголемат за 11,7 отсто.
И економскиот раст е преценет, се очекува да изнесува 3,4 отсто, а најмногу како резултат на контроверзните бруто-инвестиции за Коридорите 8 и 10д, кои ќе го изедат буџетот следните 5 години. Во 2024 година за коридорите ќе се потрошат безмалку 250 милиони евра. Изборните активности ќе нè чинат речиси 15 милиони евра, а каматните плаќања се зголемени и како расте јавниот долг, се наметнуваат и повисоки трошоци за КАМАТИ.
Капиталните расходи се проектирани на повисоко ниво од оваа година, меѓутоа со секој ребаланс се први на удар за кратење. Владата и понатаму планира реализација на капитални проекти преку субвенции на претпријатија и невладини организации, дури 41 отсто од вкупните расходи. Капитален развој преку „невладините“ организации е погубен, а покрај овие субвенции, тие ќе добијат дополнителни 19,5 милиони евра преку трансфери, со што власта ќе си обезбеди предизборна поддршка. Значајни средства ќе се потрошат за новиот Клинички центар во Скопје и во Штип, кои „почнаа да се градат“ во далечната 2015 година, а изградбата ќе започне или ќе продолжи и во наредните две години. Договорот за Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е раскинат и се заканува неизвесна арбитражна постапка.
Предлог-Буџетот за 2024 година изнесува 34 отсто од БДП, а според ММФ сивата економија се движи околу 38 отсто од БДП. Покрај сузбивњето на неформалната економија, постојат многу други решенија, како воведување на данок на ЕКСПЛОАТАЦИЈА за да се спречат најпрофитабилните своите вработени да ги плаќаат на минималец и да ги користат профитите создадени од работниците само за лично богатење, како и воведување данок на луксуз.
Меѓутоа, СДС и ДУИ и понатаму ги задолжуваат идните генерации „сметајќи“ на нивната солидарност за да живеат во луксуз и изобилие на грбот на народот, место да ја полнат државната каса од најбогатите и да им овозможат на сиромашните слоеви достоен и пристоен живот. – се вели во реакцијата на политичката партија Левица.