Значењето на Хегеловата филозофија – прв дел [Кочо Рацин]

Кочо Рацин – Автор на текстот

Хегел е роден во Штутгарт на 27 август 1770, во пруско бирократско семејство, и го започнал школувањето како и секој чиновнички син што се подготвува за бирократска кариера. Во гимназијата и на универзитетот Хегел не покажувал никакви знаци на исклучителни способности, бил повеќе прилежен и уреден колку што обдарен, и по се изгледало дека ќе стане еден од просечните доценти на некој од многубројните немски универзитети. Но дури и до приватната доцентура морал доста да чека, и допрва во 1801, кога имал над триесет години, по препорака од својот пријател, тогаш веќе познатиот филозоф Шелинг, станал приватен доцент на универзитетот во Јена. На овој универзитет Хегел ја започнал својата филозофска дејност, во почетокот под големо Шелингово влијание, но набргу сосема се осамостојува и со текот на годините го развива и го употполнува својот филозофски систем. Хегел не останува конечно во Јена, обиколува разни немски универзитети, додека најпосле, веќе како многу познат и прославен филозоф, доаѓа во Берлин, во кој останува до крајот на својот живот; умира од колера на 14 ноември 1831.

Хегеловите дела се многубројни и обемни, а најважните му се: „Феноменологија на духот“ (Phänomenologie des Geistes, 1807), „Наука за логиката“ (Wissenschaft der Logik, 1812-1816), „Енциклопедија на филозофските науки“ (Enzyklopaedie der philosophischen Wissenschaften im Grundniss, 1818) и „Основи на филозофијата на правото“ (Grundlinien der Philosophie des Rechts oder Naturrecht und Staatswissenschaft im Grundniss, 1821). — Во нив Хегел ги разви своите учења, својот поглед на светот и општеството, не оставајќи во претераната совесност ни една област да не ја подложи и нeа на своето филозофско испитување и толкување.

Основното учење на Хегеловата филозофија е тврдењето дека светот и општеството се во постојан развој и дека тој нивни развој е незадржлив. Ваквиот негов став секако бил овозможен од големите и необично значајни општествени поместувања што се вршеле кои крајот на XVIII и во почетокот на XIX век. Победата на Француската револуција убедливо ја покажа трошноста на сето феудално општество, за кое порано непрестајно се тврдело дека е вечно и незаменливо, а таа исто така од темел ги разниша сите оние учења што претставуваа во овој или оној вид идеологија на феудалниот поредок. Но иако Хегел во својот систем многу подробно го разработи учењето на развојот на светот и општеството, сепак по однос на општествениот развој не беше доследен. Причините за тоа се двовидни, објективни и субјективни. Пред сè, во Германија не победи револуцијата, туку, особено во рамките на пруското кралство со апсолутистичкиот монарх на чело, феудалната класа сè уште имаше значително привилегирана положба, а младата германска граѓанска класа си беше извојувала далеку помалку одошто онаа во Франција. Со самото тоа не беше свршено ни со феудалната идеологија, што во Германија сè уште имаше доста свои поборници и бранители. А покрај тоа и самиот Хегел лично не бил никаква револуционерна природа. Како официелен филозоф, како професор на Берлинскиот универзитет, Хегел не можел а нити сакал да шири и проповеда превратнички идеи. Тој дури оди толку далеку да тврди дека апсолутистичката монархија (што по негово мислење најцелосно е остварена во тогашна Прусија) е најсовршен општествен облик. Хегел го критикува либерализмот, зашто смета дека тој е извор на вечни општествени смутови и нереди. Во новонастанатите општествени спротивности Хегел не ги забележува нужните услови за понатамошниот дијалектички развој на општеството, туку противречувајќи си наполно на своето учење за сеопштото движење и незадржливиот развој, најдобриот општествен поредок го наоѓа во статичната пруска монархија, во која, според него, нема спротивности, па спрема тоа ни услови за развој во понатамошен, повисок општествен облик.

Меѓутоа, огромното значење на Хегел не е во неговите филозофски теории како такви, туку единствено во откривањето на постојаното и незадржливо движење што владее во природата и општеството. Хегел исто така утврди дека оваа основна и сеопфатна закономерност на природата и општеството не може да се проѕре, да се разбере и објасни ако се применува метод што би бил статичен и би оперирал со крути, апсолутни поими и постулати. Овие придобивки, а особено дијалектичкиот метод, ги усвои дијалектичкиот материјализам како единствен современ научен светоглед. Хегел, се разбира, мораше да биде исчистен од својата метафизика, мораше безусловно да биде отфрлена неговата некритичка доверба во рационалистичкото умување — и дури тогаш можеше да се создаде вистински дијалектички метод што го овозможува спознавањето на природата и општествената стварност. И единствено во оваа смисла Хегел можеше да му придонесе на дијалектичкиот материјализам.

Пристап до вториот дел: https://lenka.mk/left_literature/znacheњeto-na-hegelovata-filozofiјa-vtor-del-kocho-raczin/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/racin/1939/hegel.htm

Последно