Загарантиран приход – Ерих Фром (втор дел)

Што тогаш треба да се стори за да се оствари загарантираниот приход? Во принцип, системот на максималната потрошувачка мораме да го замениме со систем на оптимална потрошувачка. Тоа би значело:

Во индустријата да се премине од производство на стоки за индивидуална потрошувачка во производство на стоки за јавна употреба: училишта, театри, библиотеки, паркови, болници, јавен сообраќај, станови; со други зборови, тежиштето во производството да се стави врз оние предмети кои се основа за развивање на внатрешната продуктивност и активност на единката. Може да се покаже дека лакомоста на homo consumens се однесува главно на индивидуалната потрошувачка на прeдмeти коишто тој ги „Јаде“ (ги инкорпорира), додека пак, користењето на бесплатни јавни услуги, коишто му овозможуваат да ужива во животот, не предизвикува алч ност и лакомост. Ваквата промена од максимална кон оптимална потрошувачка бара драстични промени во начинот на производството, како и драстична редукција на рекламните техники кои го поттикнуваат апетитот и го плакнат мозокот и т.н. Ова, исто така би требало да се комбинира и со драстични културни промени: ренесанса на хуманистичките вредности на животот, продуктивноста, индивидуалноста и т.н., наспроти на материјализмот на „човекот на организацијата” и на изманипулираниот мравјалник.

Ерих Фром


Овие размислувања упатуваат на нови проблеми што треба да се проучат: постојат ли објективно валидни критериуми за разликување помеѓу рационалните и ирационалните, помеѓу добрите и лошите потреби, или пак сите субјективно почувствувани потреби имаат иста вредност? (Под добри потреби овде се подразбираат оние коишто ја зголемуваат човечката животност, свест, будност, продуктивност, чувствителност; а под лоши, оние потреби кои ги слабеат или парализираат овие човечки потенцијали.) Мора да се напомене дека сите ние ги правиме овие разлики кога се работи за наркоманијата, прејадувањето и алкохолизмот. Проучувањето на овие проблеми ќе не одведе кон следниве практични прашања: кои се минималните легитимни потреби на една единка? (На пример: на секој човек по една соба, толку и толку облека, калории, артикли за културна потрошувачка какви што се радиото, книгите и т.н.). Во едно релативно богато општество какво што се Соединетите Држави денес, лесно е да се пресмета колку чини еден пристоен егзистенцијален минимум, како и тоа, кои се границите на максималната потрошувачка. Би требало да се воведе и прогресивен данок на потрошувачката која преминува некој определен праг. Ми се чини дека е важно да се избегне постоењето на сиромашните четврти. Сето тоа би значело комбинирање на принципот на загарантираниот приход со трансформација на нашето општество од максимална кон оптимална индивидуална потрошувачка и драстично свртување од производство за индивидуални потреби кон производство за општествени потреби.


Мислам дека е важно идејата за загарантираниот приход да се надополни со уште една: идејата за бесплатна потрошувачка на некои артикли. Еден пример би бил лебот, потоа млекото и зеленчукот. Да претпоставиме за момент, дека секој може да отиде во која и да е фурна и да земе онолку леб колку што сака (државата би го плаќала целото производство на леб). Како што веќе споменавме, алчните во почетокот ќе земаат повеќе отколку што им треба, но по извесно време оваа „алчна потрошувачка“ ќе стивне, и луѓето ќе земаат онолку колку што навистина им треба. Според мене, ваквата бес- платна потрошувачка би отворила нова димензија на човековиот живот (доколку во тоа не гледаме повторување на потрошувачкиот модел од некои примитивни општества, но овој пат на многу повисоко ниво). Човекот би се ослободил од принципот „Оној што не работи, нема ни да јаде“. Дури и со ваков почеток на бесплатна потрошувачка би можело да се создаде едно сосема ново искуство на слободата. И на лаик му е јасно дека државата би можела да го финансира снабдувањето со бесплатен леб за сите, а трошоците би ги покривала со соодветна такса. Можеме да одиме чекор понатаму. Да претпоставиме дека бесплатно ќе се задоволуваат не само минималните потреби за храна – леб, млеко, зеленчук, овошје – туку и минималните потреби за облекување (според некој ред секој би можел еднаш годишно да добие бесплатно еден костум, три кошули, шест пара чорапи и т.н.); дека превозот ќе биде бесплатен, при што, се разбира, системот на јавниот превоз ќе биде многу подобрен, а приватните автомобили ќе станат многу поскапи. Конечно, би можело да се замисли дека на сличен начин може да се реши и станбеното прашање, со големи станбени проекти, со спални соби за младите, една мала соба за постарите, или за брачните парови, кои би се користеле бесплатно од страна на заинтересираните. Тоа ме води кон помислата дека друг начин на решавање на проблемот на загарантираниот приход е преку бесплатна минимална потрошувачка за сите потреби, наместо преку готовинското плаќање. Производството за овој минимум потреби заедно со високо развиените комунални услуги, би обезбедило и континуитет на производството и исплатување на загарантираниот приход.


На овој метод може да му се приговори дека е порадикален, што значи и помалку прифатлив од оној што го предлагаат другите автори. Тоа е можеби точно; но не смее да се заборави дека, од една страна, овој метод на минимум бесплатни услуги теориски би можел да се вклопи во сегашниов систем, додека од друга страна, идејата за загарантираниот приход на многумина нема да им биде прифатлива, не затоа што е неизводлива, туку поради психолошкиот отпор против укинувањето на принципот „Оној што не работи, нема ни да јаде.“


Потребно е да се проучи уште еден филозофски, политички и психолошки проблем: проблемот на слободата. Западниот поим на слободата во голема мерка се засновува врз слободата за сопственост и нејзиното искористување, доколку со тоа не се загрозуваат легитимните интереси на другите. Но, овој принцип бил на многу начини нарушуван во западните индустриски општества, и преку оданочувањето што претставува форма на експропријација, и преку државната интервенција во земјоделието, трговијата и индустријата. Истовремено, приватната сопственост над средствата за производство забрзано се заменува со полуопштествена сопственост типична за гигантските корпорации. Со оглед на тоа дека загарантираниот приход би значел дополнителна државна регулатива, не смее да се загуби од вид дека поимот на слободата за просечниот човек денес лежи не толку во слободата да ја поседува или да ја користи сопственоста (капиталот), колку во слободата да консумира се што сака. Денес, за многумина ограничувањето на бескрајната потрошувачка значи ограничување на нивната слобода, иако само оние на врвот се навистина слободни да го одберат она што го сакаат. Можноста за избор помеѓу различни марки на ист вид стоки и различни видови стоки создава илузија за слобода на личноста, додека во стварноста единката го бара само она за што е условена да го бара. Кон проблемот на слободата треба да се пристапи поинаку, затоа што само со премин од homo consumens кон продуктивна и активна личност, човекот ќе ја доживее слободата како вистинска независност, а не како неограничен избор на стоки.


Од принципот на загарантираниот приход може да се очекува целосен ефект само при: (1) промена на навиките во потрошувачката, и претворањето на homo consumens во продуктивен и активен човек (во Спинозина смисла); (2) создавање нов духовен став, оној на хуманизмот (во теистички или нетеистички облик); и (3) ренесанса на вистинските демократски методи (на пример, еден нов Долен Дом во којшто се обединуваат и сумираат решенијата на стотици илјадници непосредни групи, во кои активно учествуваат сите вработени во било кој вид претпријатие, во управата и т.н.). Опасноста од тоа, пак, државата која ги храни сите да не стане мајка божица со диктаторски особини, може да се превлада само со едновремено драстично подобрување на демократските процедури во сите сфери на општествените дејности. (Факт е дека денес, иако не ги пружа тие бенефиции, државата сепак е бескрајно моќна.)


Заедно со економските истражувања на полето на загарантираниот приход, мора да се преземат и други: психолошки, филозофски, религиозни, педагошки. Според мое мислење, загарантираниот приход ќе постигне голем успех само ако е придружен од промени во другите сфери. Не смее да се заборави дека идејата на загарантираниот приход може да успее само ако престанеме да трошиме десет проценти од нашето вкупно богатство на економски бескорисното вооружување; ако можеме да го запреме ширењето на бесмисленото насилство со систематско пружање помош на неразвиените земји и ако изнајдеме начини да ја запреме демографската експлозија. Без вакви промени, ниеден план за иднината нема да успее, зашто иднина нема ни да има.

Превземено од: https://time.mk/info/m-erichfromm/fromm.6

Последно