Загарантиран приход – Ерих Фром (прв дел)

Овој труд се всредоточува само на психолошките аспекти на загарантираниот приход, на неговите предности и на ризикот што го носи, и на човечките проблеми што произлегуваат од него.


Најважната причина за прифаќањето на оваа идеја се состои во тоа што таа би можела драстично да ја зголеми слободата на единката. Во досегашната историја, човечката слобода на дејствување била ограничувана од два фактора: од употребата на сила од страна на владетелите (особено можноста да ги убијат оние кои им се спротивставувале), и што е уште поважно, од заканата со глад против сите оние што без волја ги прифаќале условите за работа и општествената егзистенција што им биле наметнувани.

Оној што не ги прифаќал овие услови, дури и кога не бил употребуван друг вид сила против него, се соочувал со опасност да умре од глад. Принципот кој преовладувал низ поголемиот дел од човечката историја во минатото, а и денес е: „Тој што не работи, нема ни да јаде.“ Оваа закана го присилувала човекот не само да дејствува онака како што се барало од него, туку и да мисли и да чувствува на начин којшто нема да го доведе во искушение да постапува поинаку.


Фактот дека изминатата историја е заснована врз принципот на страв од изумирање од глад, според последните сознанија, извира од фактот дека, со исклучок на некои примитивни општества, човекот живеел на степен на оскудица, како економски така и психолошки. Никогаш немало доволно материјални добра за да се задоволат потребите на сите; обично една мала група „управувачи” си земала се што им сакала душата, а на мнозинството, за кое немало место на трпезата, му било речено дека според божјите или природните закони, така требало да биде. Но, мора да се нагласи дека главната причина за ова не лежи во алчноста на „управувачите“, туку во нискиот степен на материјалната продуктивност.

Ерих Фром


Загарантираниот приход, кој е можен дури во ерата на економското изобилство, првпат би можел да го ослободи човекот од стравот од гладување и така да го направи вистински слободен и независен од каква и да е економска закана. Во тој случај, никој не би морал да ги прифати условите за работа само затоа што инаку би стравувал од глад; маж или жена кои се надарени или амбициозни, би можеле да се обучат за друго занимање и да ја променат професијата. Жената би можела да го напушти сопругот, а адолесцентот своето семејство. Луѓето повеќе не би стравувале доколку не би морале да се плашат од глад. (Се разбира, ова би важело доколку не би постоеле ни политичките закани што ја инхибираат човечката слободна мисла, говор и акција.)


Загарантираниот приход не само што би ја востановил слободата како стварност, наместо како фраза, туку би го остварил и принципот кој е длабоко вкоренат во западната религиозна и хуманистичка традиција: човекот пред се има право на живот! Правото на живот, храна, засолниште, медицинска нега, образование и т.н. претставува интринсично човечко право што не може да му се ограничи со ништо, дури ни со условот дека тој мора да биде општествено „корисен“.


Преминувањето од психологијата на оскудица кон психологијата на изобилство претставува еден од најзначајните чекори во човечкиот развиток. Психологијата на оскудица произведува анксиозност, завист и еготизам (што најдрастично се сретнува во сите селски култури). Психологијата на изобилство произведува иницијатива, верба во животот и солидарност. Но, факт е дека и во време кога индустрискиот свет навлегува во ерата на економското изобилство, повеќето луѓе психолошки се уште се на позициите на економската оскудица. Токму заради оваа психолошка „заостанатост многумина не можат да ги разберат новите идеи што ги содржи поимот на загарантираниот приход, бидејќи традиционалните идеи најчесто се определени од чувствата кои потекнуваат од претходните облици на општествениот живот.


Понатаму, ако загарантираниот приход се спои со големо скратување на работното време за сите, духовните и религиозните прашања на човековото живеење би станале реални и императивни. Досега човекот бил премногу зафатен со работа (или бил премногу уморен по работата) за да може сериозно да се занимава со прашања какви што се: „Што е смислата на животот?“, „Во што верувам?“, „Кои се моите вредности?“, „Кој сум јас“? и т.н. Кога работата нема да му биде главна преокупација на човекот, тој или ќе биде слободен сериозно да се зафати со овие прашања, или пак делумно ќе полуди од здодевност. Од сето ова произлегува дека економското изобилство, односно ослободеноста од стравот да не се умре од глад, го означува преминот од претчовечко кон вистинско човечко општество.


Заокружувајќи ја оваа слика неопходно е да се покренат некои прашања за или против идејата на загарантираниот приход. Првото прашање е дали загарантираниот приход би го смалил мотивот за работа.


И покрај фактот што расте бројот на невработените за кои прашањето на мотивот е ирелевантно, тоа е сериозен проблем. Како и да е, јас сметам дека може да се покаже дека материјалниот мотив не е и единствениот мотив за работа и залагање. Имено, постојат и други мотиви: гордоста, општественото признание, задоволството во самата работа и т.н. За тоа има доволно примери. Најочигледен пример е работата на научниците и уметниците, чии исклучителни дострели не биле мотивирани од паричен профит, туку од спој на различни фактори: пред се, интересот за она што го правеле; исто така гордоста од сопствените достигнувања или желбата за слава. Иако се чини очигледен, овој пример не е сосема убедлив, затоа што може да се рече дека овие исклучителни луѓе правеле извонредни напори бидејќи биле извонредно надарени, па така тие не се пример за однесувањето на просечниот човек. Се чини дека овој приговор не може да се смета валиден, доколку ги разгледаме мотивите за дејствување на некои луѓе кои немаат исклучителни квалитети како големите креативни личности. Какви ли не напори се вложени на полето на сите спортови и во различните видови хоби, каде што не постои никаков материјален мотив! Во колкава мера заинтересираноста за самиот работен процес може да биде мотив за работа, првпат јасно покажа професорот Мајо во неговото класично истражување во фабриката. Самиот факт дека неквалификуваните работнички биле вклучени во експериментот за продуктивноста на трудот како предмет на истражување и фактот дека тие станале заинтересирани и активни учеснички во експериментот, доведе до зголемување на продуктивноста, па дури и до подобрување на нивното физичко здравје.


Проблемот станува појасен дури кога ќе ги разгледаме постарите облици на општества. Ефикасноста и неподмитливоста на традиционалната пруска државна служба биле прочуени, иако паричните награди биле многу мали; во овој случај поимите какви што се чесност, лојалност, и должност, биле решавачки мотив за ефикасното работење. Но сепак, при разгледувањето на прединдустриските општества (какви што се средновековните европски општества или полуфеудалниге општества во Латинска Америка на почетокот на овој век) се појавува еден друг фактор. Во овие општества, столарот, на пример, кој работел за да заработи доволно за потребите на својот традиционален животен стандард, би одбил да работи повеќе отколку што му е потребно.


Второ, факт е дека човекот по природа не е мрзлив, туку, напротив тој страда поради неактивност. Луѓето можеби би сакале да не работат месец, два, но најголемиот дел од нив би молеле за работа дури и ако не би биле платени за тоа. Полето на детскиот развиток и областа на менталните болести пружаат мноштво податоци во врска со ова; потребно е само систематско истражување, во кое од аспект на „мрзливоста како болест“ ќе се средат и анализираат постоечките податоци, и прибирање на уште повеќе податоци во нови соодветни истражувања.


Како и да е, ако парите не се главен мотив, тогаш работата во техничка и општествена смисла треба да биде доволно привлечна и интересна за да ја совлада непријатноста на неработењето. Модерниот, отуѓен човек смртно се досадува (обично несвесно), па така копнее по мрзливост, наместо по активност. Овој копнеж сам по себе претставува симптом на нашата „патологија на нормалноста“. Злоупотребата на загарантираниот приход веројатно ќе исчезне за кусо време, исто како што луѓето, само по неколку недели веќе не се прејадуваат со слатки за кои не мораат да плаќаат.


Другиот приговор е следниов: дали исчезнувањето на стравот од смртен глад навистина ќе го направи човекот многу послободен, земајќи предвид дека оние што заработуваат за удобен живот се исто толку уплашени да не ја загубат работата што им обезбедува да речеме, 15.000 долари годишно, колку што се и оние кои доколку ја загубат работата би гладувале? Ако овој приговор важи, тогаш загарантираниот приход би ја зголемил слободата на широкото мнозинство, но не и на средната и повисоката класа.

Еволуцијата на homo consumens


За целосно да го сфатиме овој приговор, потребно е да го разгледаме духот на современото индустриско општество. Човекот се претворил во homo consumens. Тој е лаком и пасивен, и се обидува својата внатрешна испразнетост да ја компензира со постојано зголемување на потрошувачката (постојат многу клинички примери за овој механизам во случаите на прејадување, препивање и прекумерно купување како последица на депресија и анксиозност); тој конзумира цигари, алкохол, секс, филмови, патувања, како и образование, книги, предавања и уметност. Тој се чини дека е активен и „растреперен“, а сепак, длабоко во себе тој е вознемирен, осамен, потиштен и се досадува (здодевноста може да се дефинира како еден вид хронична депресија која може успешно да се компензира со потрошувачка). Индустријализмот на дваесеттиот век го создаде овој нов психолошки тип, homo consumens, првенствено од економски разлози, т.е. од потребата за масовна потрошувачка која е стимулирана и манипулирана со рекламитe. Еднаш создаден, овој тип на карактер повратно влијае врз економијата и прави принципот на растечкото задоволување да се чини разумен и реалистичен.


Современиот човек има неограничена глад за поголема потрошувачка. Од тоа произлегуваат следниве последици: ако гладта за потрошувачка е безгранична, поради што во догледна иднина ниедна економија не ќе може да произведе доволно за неограничената потрошувачка на сите, тогаш се додека доминира карактерната структура на homo consumens, нема да има вистинско „изобилство“ (во психолошка смисла). Без разлика колку има, за алчниот човек секогаш постои оскудица, зашто никогаш не му е доста. Натаму, тој е желен да се натпреварува со сите; затоа тој во основа е осамен и исплашен. Тој не може вистински да ужива во уметноста или во другите културни стимулации, зашто во основа останува алчен. Тоа значи дека оние коишто живеат од загарантираниот приход би се чувствувале фрустрирани и безвредни, а оние кои заработуваат повеќе, би станале заробеници на околностите, бидејќи би се плашеле да не ја загубат можноста за максимална потрошувачка. Поради тоа, јас верувам дека загарантираниот приход, без да се отстапи од принципот на максимална потрошувачка, би решил само некои (економски и општествени) проблеми, но не би имал радикални последици какви што би требало да има.

Продолжува во вториот дел

Превземено од: https://time.mk/info/m-erichfromm/fromm.6

Последно