На одредено ниво, можеби не така добро артикулирано, социјалистичкиот феминизам е присутен подолго време. Ти си жена во капиталистичко општество. Преку глава ти е: од работата, од сметките, од твојот сопруг (или бивш), од училиштето на децата, од работата во домаќинството, од тоа да си убава, од тоа да не си убава, од тоа да не те гледаат (и исто: да не те слушаат) итн. Ако размислуваш околу сите овие работи и како тие се надополнуваат и што треба да се промени и ако тогаш побараш некои зборови кои ќе ги претстават сите овие мисли во скратена форма, мораш да дојдеш до „социјалистичкиот феминизам“.
Многумина од нас дошле до социјалистичкиот феминизам токму на тој начин. Ние баравме збор/термин/израз што ќе почне да ги изразува сите наши грижи, сите наши принципи, на начин кој ниту „социјалистичкото“ ниту „феминистичкото“ се чинеше дека не го прави. Морам да признам дека најголемиот број социјалистички феминистки што ги знам не се многу среќни и со терминот „социјалистички феминизам“. Од една страна, тој е премногу долг (не гаам надежи за дводелно масовно движење); од друга страна, премногу е краток за она што е, во крајна линија, вистински социјалистички интернационалистички антирасистички, антихетеросексистички феминизам.
Проблемот со употребата на нов термин од каков било тип е тоа што се создава инстантна аура на секташтво. „Социјалистичкиот феминизам“ станува предизвик, мистерија, проблематика во и за себе. Имаме говорници, конференции, статии за „социјалистичкиот феминизам“ – иако знаеме совршено добро дека и „социјализмот“ и „феминизмот“ се премногу големи и премногу инклузивни за да бидат предмети на еден одмерен говор, конференција, статија итн. Луѓето, вклучувајќи ги потврдените социјалистички феминистки, нестрпливо се прашуваат себеси: „што е социјалистичкиот феминизам?“ Постои одредено очекување дека тој е (или само што не станал во секој момент, можеби во следниот говор, конференција или статија) брилијантна синтеза од светско-историски размери – еволутивен чекор потаму од Маркс, Фројд и Вулстонкрафт. Или, дека ќе испадне дека тој е ништо, помодарство покренато од неколку незадоволни феминистки и социјалистки, привремено одвлекување на вниманието.
Сакам да се обидам да одгатнам дел од мистеријата што се создаде околу социјалистичкиот феминизам. Логичен начин да се почне е да се погледне посебно на социјализмот и феминизмот. Како гледа на светот еден социјалист, или поточно, еден марксист? Како гледа феминистот? Пред сè, марксизмот и феминизмот имаат една важна работа што им е заедничка: тие се критички начини на гледање на светот. И двата раскинуваат со популарната митологија и „здраво-разумската“ мудрост и нè присилуваат да гледаме на искуството на нов начин. И двата се стремат да го разберат светот – не преку статичка рамнотежа, симетрија итн. (како во конвенционалните општествени науки) – туку преку спротивставености. Тие водат до заклучоци кои се силни и вознемирувачки, а истовремено се и ослободувачки. Не може да се има марксистички или феминистички изглед, а да се остане набљудувач. Да се разбере стварноста оголена од овие анализи е да се тргне во акција за нејзино менување.
Марксизмот се концентрира на класната динамика на капиталистичкото општество. Секој општествен научник знае дека капиталистичките општества се карактеризираат со повеќе или помалку остра системска нееднаквост. Марксизмот смета дека оваа нееднаквост се појавува од процесите кои се типични за капитализмот како економски систем. Малцинство луѓе (капиталистичката класа) ги поседува сите фабрики/извори на енергија/ресурси итн. од кои зависат сите останати за да можат да живеат. Големото мнозинство (работничката класа) мора да работи од проста нужност, под услови кои се утврдени од капиталистите, за плати кои ги исплаќаат капиталистите. Бидејќи капиталистите го остваруваат својот профит преку плаќање помалку во плати од вредноста на она што работниците фактички го произведуваат, односот помеѓу двете класи е нужно однос на непомирлив антагонизам. Капиталистичката класа ѝ го должи самото свое постоење на продолжителната експлоатација на работничката класа. Она што го одржува овој систем на класно владеење, во крајна линија, е силата. Капиталистичката класа ги контролира (директно или индиректно) средствата на организираното насилство претставени од државата – полицијата, затворите итн. Само преку поведувањето на револуционерна борба што ќе цели кон освојување на државната власт работничката класа може да се ослободи себеси и, во крајна линија, сите луѓе.
Феминизмот се концентрира на друга позната нееднаквост. Сите човечки општества ги одбележува одреден степен на нееднаквост помеѓу половите. Ако само површно ги истражиме човечките општества, разгледувајќи низ историјата и преку континентите, ќе видиме дека нивна заедничка карактеристика е потчинувањето на жените на машкиот авторитет, како во семејството така и во заедницата воопшто; објективизацијата на жените како облик на сопственост, половата поделба на трудот во која жените се ограничени на активности како одгледување на децата, вршење лични услуги за возрасни мажи и одредени (обично ниско-престижни) облици на производствен труд.
Феминистките, погодени од речиси универзалноста на овие работи, бараат објаснувања во биолошките „дадености“ кои лежат во основата на секое човечко општествено опстојување. Мажите во просек се физички посилни од жените, особено споредено со трудните жени или жените што дојат бебиња. Понатаму, мажите ја имаат моќта да ги затруднат жените. Така, облиците кои ги добива половата нееднаквост – колку и да се тие различни од култура до култура – почиваат, во крајна линија, врз она што е очигледно физичка предност која мажите ја имаат во однос на жените. Тоа ќе каже дека тие во крајна линија почиваат врз насилството, или врз заканата со насилство.
Дамнешниот, биолошки корен на машката доминација – фактот за машкото насилство – обично е маскиран преку законите и обичаите кои ги регулираат односите помеѓу половите во секоја поодделна култура. Но, постои, според феминистичките анализи. Можноста од машки напад постои како постојано предупредување за „лошите“ (бунтовни, агресивни) жени и ги тера „добрите“ жени на соучесништво со машката доминација. Наградата за бидувањето „добра“ („убава“, потчинета) е заштитата од спорадичното машко насилство и, во одредени случаи, економската сигурност.
Марксизмот ги уништува митовите за „демократијата“ и нејзиниот „плурализам“ за да разоткрие систем на класно владеење што почива на принудна експлоатација. Феминизмот ги разобличува митовите за „нагонската“ и романтична љубов за да го разобличи машкото владеење како владеење со сила. И двете анализи нè принудуваат да погледнеме на суштинска неправда. Изборот е да се посегне по пријатноста на митовите или, како што кажа Маркс, да се делува во насока на општествен поредок кому не му требаат митови за да го одржат.
Можно е да се спојат марксизмот и феминизмот и збирот да се нарече „социјалистички феминизам“. Всушност, ова веројатно е тоа како најголемиот број социјалистички феминистки го гледаат најголемиот дел од времето – како некој вид хибрид, внесувајќи го нашиот феминизам во социјалистичките кругови, нашиот социјализам во феминистичките кругови. Сепак, еден проблем при оставањето на работите на ваков начин е што ги остава луѓето да се чудат „па, што е тоа навистина?“ или да бараат од нас „што е основната противречност“. Ваквите прашања, кои звучат доста обврзувачки и меродавно, често нè сопираат на нашиот пат: „Направете избор!“ „Бидете едното или другото!“ Но, ние знаеме дека има политичка конзистентност во социјалистичкиот феминизам. Ние не сме хибриди или стојачи на ограда.
За да дојдеме до таа политичка конзистентност, мораме да повлечеме разлика, како феминистки, од другите типови феминистки и, како марксисти, од другите типови марксисти. Мораме да повлечеме дистинкција помеѓу (извинете на терминологијата тука) социјалистичко-феминистичкиот тип на феминизам и социјалистичко-феминистичкиот тип на социјализам. Само тогаш има можност дека работите ќе „се надоградат“ до нешто повеќе од нелагодно редење на зборови.
Мислам дека најголемиот дел радикални феминистки и социјалистички феминистки ќе се согласат со мојата кондензирана карактеризација на феминизмот како што беше претставен досега. Проблемот со радикалниот феминизам, од социјалистичка феминистичка гледна точка, е тоа што не оди понатаму. Тој останува фиксиран со универзалноста на машката доминација – работите никогаш навистина не се промениле; сите општествени системи се патријархални; империјализмот, милитаризмот и капитализмот, сите тие едноставно се израз на вродената машка агресивност. И така натаму.
Проблемот со ова, од социјалистичка феминистичка гледна точка, не е само во тоа што ги изоставува мажите (и можноста од помирување со нив врз една вистинска човечна и егалитарна основа), туку и што изоставува и ужасно многу во врска со жените. На пример, да се отпише една социјалистичка земја како Кина како „патријархија“ – како што имам слушнато дека прават радикални феминистки – е да се игнорира вистинската борба и постигнувањата на милиони жени. Социјалистичките феминистки, истовремено согласувајќи се дека има нешто безвременско и универзално во врска со угнетувањето на жените, инсистираат дека тоа зазема различни облици во различни околности и дека разликите се од витална важност. Постои разлика помеѓу општеството во кое сексизмот се изразува во облик на убивање на женските деца и општеството каде сексизмот добива облик на нееднаква застапеност во Централниот комитет. А тоа е разлика за која вреди да се умре.
Една од историските варијации на темата сексизам која треба да ги интересира сите феминистки е збирот на промени кои дојдоа со преминот од аграрно во индустриски капитализам. Ова не е академско прашање. Општествениот систем кој беше заменет од индустрискиот капитализам беше патријархален, и овде го користам тој термин во неговото изворно значење за да означи систем во кој производството е концентрирано врз домаќинството на чие чело стои најстариот маж. Факт е дека индустрискиот капитализам настапи и му го извлече ќилимот под нозете на патријархатот. Производството се пресели во фабриките и поединците се откинаа од семејството за да станат „слободни“ наемни работници. Да се каже дека капитализмот ја наруши патријархалната организација на производството и семејниот живот не значи, се разбира, да се каже дека капитализмот ја укина машката доминација! Но значи да се каже дека патријархалните облици на полово угнетување кои денес ги искусуваме, во значителен степен, се неодамнешни развои на настаните. Огромен историски дисконтинуитет лежи помеѓу нас и вистинскиот патријархат. Ако сакаме да го разбереме нашето искуство како жени денес, мораме да се позанимаваме со капитализмот како систем.
Очигледно има и други патишта преку кои би можела да дојдам до истата поента. Можев едноставно да кажам дека, како феминистки, најзаинтересирани сме за најугнетените жени – сиромашните жени и жените од работничката класа, жените од Третиот свет итн. и поради таа причина стигнавме до потребата да го разбереме и да му се спротивставиме на капитализмот. Можев да кажам дека треба да се осврнеме на класниот систем едноставно бидејќи жените се членки на класите. Но, се обидувам да изнесам нешто друго во врска со нашата перспектива како феминистки: нема друг начин да се разбере сексизмот како што тој делува врз нашите животи без да се стави тоа во историскиот контекст на капитализмот.
Мислам дека најголемиот дел социјалистички феминистки ќе се согласат и со кондензираното резиме на марксистичката теорија како што беше претставена досега. Проблемот повторно е што има многу луѓе (ќе ги наречам „механички марксисти“) кои не одат понатаму. За овие луѓе, единствените „вистински“ и важни работи кои се случуваат во капиталистичкото општество се оние работи кои се поврзани со производствениот процес или конвенционалната политичка сфера. Од таква гледна точка, секој друг дел од искуството и општественото постоење – работи кои се поврзани со образованието, сексуалноста, рекреацијата, семејството, уметноста, музиката, домаќинството (само кажете што) – е перифериски во однос на централната динамика на општествената промена; тоа е дел од „надградбата“ или „културата“.
Социјалистичките феминистки се во многу различен табор од оние што јас ги нарекувам „механички марксисти“. Ние (заедно со многу, многу марксисти кои не се феминисти) гледаме на капитализмот како на општествен и културен тоталитет. Ние сфаќаме дека, во својата потрага по пазари, капитализмот е поттикнат да навлезе во секое ќоше и секое катче на општественото постоење. Особено во фазата на монополски капитализам, сферата на потрошувачката е исто онолку важна, токму од економска гледна точка, како и сферата на производството. Така, ние не можеме да ја сфатиме класната борба како нешто ограничено на прашањето на надниците и часовите, или ограничено само на прашањата на работното место. Класната борба се случува во секоја арена каде што се судираат интересите на класите, а тоа го вклучува образованието, здравството, уметноста, музиката итн. Ние целиме да ја трансформираме не само сопственоста над средствата за производство, туку тоталитетот на општественото постоење.
Како марксисти, ние дојдовме до феминизмот од сосема поинакво место од механичките марксисти. Бидејќи ние го сметаме монополскиот капитализам како политички/економски/културен тоталитет, ние имаме простор во нашата марксистичка рамка за феминистичките прашања кои наизглед немаат ништо заедничко со производството или „политиката“ и се прашања кои имаат врска со семејството, здравствената заштита, „приватниот“ живот.
Понатаму, во нашиот тип на марксизам, не постои „женско прашање“, бидејќи ние никогаш не ги сместувавме жените во „надградбата“ или некаде на прво место. Марксистите од механички тип постојано промислуваат околу прашањето на неплатената жена (домаќинката): дали таа навистина е членка на работничката класа? Односно, дали таа навистина произведува вишок на вредност? Ние кажуваме: се разбира дека домаќинките се членки на работничката класа – не бидејќи имаме некој елабориран доказ дека тие навистина произведуваат вишок на вредност – туку бидејќи ние ја разбираме класата како составена од луѓе и дека тие имаат општествена егзистенција доста различна од капиталистички доминираната сфера на производство. Кога размислуваме за класата на ваков начин, тогаш фактички гледаме дека жените кои изгледале најпериферни, домаќинките, се во самата срцевина на својата класа – одгледувајќи ги децата, држејќи ги семејствата заедно, одржувајќи ги културните и општествените мрежи во заедницата.
Ние доаѓаме од таков тип феминизам и таков тип марксизам чии интереси доста природно се слеваат. Мислам дека сега сме во состојба да видиме зошто социјалистичкиот феминизам е толку мистифициран: идејата за социјалистички феминизам е голема мистерија или парадокс, сè дотогаш додека она што го подразбирате под социјализам фактички е она што јас го нарекувам „механички марксизам“ и ако она што го подразбирате под феминизам е аисториски тип на радикален феминизам. Овие работи едноставно не се надополнуваат; тие немаат ништо заедничко.
Но, ако ставите заедно еден поинаков вид социјализам и еден поинаков тип феминизам, онакви какви што јас се обидов да ги дефинирам, ќе добиете одредена заедничка почва и тоа е една од најзначајните работи во врска со социјалистичкиот феминизам денес. Тој е слободен простор од конструкциите на скастрениот вид феминизам и скастрениот вид марксизам – во кој можеме да го развиеме оној тип политика кој се обраќа на политичкиот/економскиот/културниот тоталитет на монополското капиталистичко општество. Ние можевме донекаде да одиме со достапните типови феминизам, со конвенционалниот тип марксизам, а потоа моравме да посегнеме до нешто што не е толку рестриктивно и нецелосно во својот поглед на светот. Моравме да земеме ново име, „социјалистички феминизам“, со цел да ја изразиме нашата решеност да ја сфатиме целината на нашето искуство и да исковаме политика што ќе го одразува тоталитетот на тоа разбирање.
Сепак, не сакам да ја оставам социјалистичката феминистичка теорија како „простор“. Веќе почнаа одредени работи да растат на таа „почва“. Ние сме поблиску до синтеза во нашето разбирање на полот и класата, капитализмот и машката доминација, отколку што бевме пред неколку години. Тука ќе посочам само како скица една таква линија на размислување:
1. Марксистичкото/феминистичкото разбирање дека класата и половата доминација во крајна линија почиваат врз сила е точно и ова останува најразурнувачка критика на сексистичкото/капиталистичкото општество. Но, има доста до тоа „во крајна линија“. Во секојдневна смисла, најголемиот дел од луѓето се помирува со половата или класната доминација без да бидат доведувани во линија преку заканата со насилство и често дури и без заканата од материјално оскудување.
2. Оттука, многу е важно да се сфати што е тоа, ако веќе не е директната примена на сила, што ги одржува работите какви што се. Во случајот на класата, многу е напишано во врска со тоа зошто на американската работничка класа ѝ недостига борбена класна свест. Сигурно дека етничките поделби, особено црнечко/белечката поделба, имаат клучна улога во одговорот. Но јас би тврдела дека покрај тоа што е поделена, работничката класа е и општествено атомизирана. Соседствата на работничката класа се уништени и се оставени да пропаѓаат; животот сè повеќе стана приватизиран и насочен кон внатре; вештините кои некогаш ги поседуваше работничката класа се експроприрани од капиталистичката класа; капиталистички контролираната „масовна култура“ ја потисна речиси целата изворна култура на работничката класа и институции. Наместо заедништвото и потпирањето врз себе како класа, има заемна изолација и заедничка зависност од капиталистичката класа.
3. Потчинувањето на жените, на начини кои се карактеристични за доцното капиталистичко општество, е клучно во овој процес на класна атомизација. Поинаку кажано, силите кои го атомизираа животот на работничката класа и промовираа културна/материјална зависност од капиталистичката класа се истите сили кои служат при перпетуирањето на потчинувањето на жените. Жените се тие што се најизолирани во она што стана растечки приватизирано семејно постоење (па дури и кога работат надвор од дома). Во многу клучни случаи, токму женските вештини (производни вештини, лечењето, акушерството итн.) се тие што се дискредитирани или забранети за да им се отвори патот на стоките. Пред сè жените се тие што се охрабрувани да бидат потполно пасивни/некритични/зависни (т.е. „женствени“) во очи на продорната капиталистичка пенетрација во приватниот живот. Историски, доцно-капиталистичката пенетрација во животот на работничката класа ги издвои жените како главна мета на пацификацијата/„феминизацијата“ – бидејќи жените се носители на културата на својата класа.
4. Следствено, постои темелна меѓузависност помеѓу женската борба и она што традиционално се гледа како класна борба. Не сите женски борби имаат инхерентно антикапиталистички потенцијал (особено не оние што се стремат само кон тоа да ја унапредат моќта и богатството на одредени групи жени), но сите оние што градат заедништво и заедничка доверба помеѓу жените се витално важни за градењето на класната свест. Обратно, не сите класни борби имаат антисексистички потенцијал (особено не оние што се држат до прединдустриските патријархални вредности), но сите оние што се стремат да изградат општествена и културна автономија на работничката класа нужно се поврзани со борбата за женско ослободување.
Ова, како доста краток преглед, е еден од правците кој ги зафаќа социјалистичката феминистичка анализа. Никој не очекува дека ќе се појави синтеза која ќе сведе социјалистичките и феминистичките борби во едно. Концизните резимеа кои погоре ги дадов ги задржуваат своите „крајни“ вистини: постојат клучни аспекти на капиталистичката доминација (како расното угнетување) кои од чисто феминистичка перспектива едноставно не можат да се објаснат или да се третираат – без бизарни искривувања, се разбира. Постојат клучни аспекти на половото угнетување (како машкото насилство во семејството) за кои социјалистичката мисла има малку сознанија – повторно, без многу истегнувања и искривувања. Оттука и потребата да се продолжи да се биде социјалист и феминист. Но, постои и доволно и за синтеза, како во она што го мислиме така и во она што го правиме за да почнеме да имаме самодоверлив идентитет како социјалистички феминистки.
Превземенo oд: https://www.marxists.org/makedonski/tematska/feminizam/socijalisticki-feminizam.htm