Солидарност и алтернативен етички поглед на општеството кој е предизвик за доминантното буржоаско гледиште – контра-хегемонија

Како социјалисти, нашата визија е холистичка. Ние тргнавме со идеја да направиме коренита промена на општествениот поредок, да ја уништиме општествената моќ на капиталот кој ја диктира и одредува судбината на милиони животи кои постојат, според сопствениот императив кон непрекината експанзија, и воедно да ја преуредиме крајната одлука за начинот на организирањето на општеството, давајќи ја во рацете на луѓето.


Во стремежот кон оваа цел, ние тежнеевме да се фокусираме на стекнување на политичка моќ и на прашања од политичка природа.
Ова, се разбира, има добра причина: разбираме дека промената на начинот на кој е организирано општеството толку темелно, нa најфундаментално ниво – отстранувањето на приватната сопственост на имотот што генерира профит бара политичка моќ и спроведување на темелна програма.


Сепак, не можеме да си дозволиме да ги занемариме другите аспекти на социјалистичката програма, која е трансформативна. Колку и да е неспорно важно стекнувањето на политичка моќ, ако советското искуство нè научи нешто, тоа е дека социјализмот не може да се изгради само со преземање на контролата врз државата. Ако тоа се направи на тој начин, државната машинерија почнува да ‘рѓосува, бирократите стануваат класа на ситни тирани и локални диктатори, а општеството под кое државата треба да управува, почнува да се отсекува, окрутува и пука.

Италијанскиот марксистички теоретичар Антонио Грамши, воден од делото на Ленин, призна дека иако тоа е неопходен предуслов, политичката моќ сама по себе не е доволна за да се изгради социјализам. Пишувајќи во контекст на царската автократија, Ленин тврдеше дека Марксистичката партија мора да го преземе раководството на опозицијата како целина, не само на индустриската работничка класа, туку и на либералната малобуржоазија и селанството, дека таа мора да се вклучи во секоја борба и криза со потенцијал да го ослабне царизмот, дури и ако се чини дека оваа или онаа конкретна борба нема удел за работничката класа. Преземајќи го водството на опозицијата како целина, обединувајќи ги либералните барања за демократски реформи, селанските барања за земја, како и работничките барања за социјализам, Марксистичката партија би можела да се постави во подобра севкупна стратешка позиција за да го револуционизира целото општество, отколку да остане во релативно тесни рамки на моменталните барања или загрижувања на работничката класа.

Антонио Грамши ја прошири оваа линија на аргументи надвор од непосредниот контекст на борбата против руската автократија во теоретскиот концепт на хегемонија, кој може да се искористи како категорија на анализа во секој даден контекст. Идејата за хегемонија е едноставно дека владејачката класа не владее само со коерција – режимите кои се одржуваат со позиција на власт само со апсења и пушки имаат тенденција да бидат, во најмала рака, нестабилни и повеќето не траат толку долго. Наспроти тоа, хегемонијата вклучува обединување на владеечката класа со различна интензивност со другите класи во општеството. Со давање на овие класи соодветна позиција во економската структура, станува скапо за нив да предизвикаат владеечка доминација.

Во капиталистичко општество, хегемонијата на буржоазијата е лесно согледлива – ситната буржоазија, таа класа чиј приход е врзан и за сопствениот труд и за капиталот во форма на управување со малиот бизнис или достапност на економски средства како што се заштедите, не можат да ја оспорат буржоаската моќ без да ја искорени сопствената безбедносна мрежа и на тој начин да падне во редовите на самиот обесправен пролетаријат. Ова, до одреден степен, важи и за работничката класа, особено за државните службеници и за оние организирани во влијателни синдикати кои ги покриваат најголемите претпријатија. Иако синдикатите беа подложени на напади на реакционерните влади, кои ги гледаат како иританти, тие станаа неопходен елемент на општествената структура служејќи како механизми за саморегулација на буржоаското општество. За разлика од првите години на работничкото движење, многу штрајкови денес, иако секако даваат поттик за аспектите на класните конфликти, не ја загрозуваат буржоаската моќ, туку всушност ја зајакнуваат преку канализирање на незадоволството во колективно договарање за одредени права или прашања, додека целокупната позиција на работничката класа како класа принудена од начинот на кој општеството е организирано да се продава и да го предаде богатството што го создава нејзиниот труд е премолчено прифатено како непроменливо. Ако приватната сопственост е основно право и гарант на слободата, тогаш истото е и експлоатацијата на трудот и, напротив, постоењето на класа која може да се експлоатира за нејзиниот труд поради сопствениот недостаток на капиталистичка сопственост.


Постоењето на институционализирани синдикати, со моќ да го поттикнат колективното договарање преку прибегнување кон индустриска акција и законодавство за работнички права, воведено и заштитено со нивната основа во демократската политика, им овозможува на оние сегменти од работничката класа да бидат организирани во нив во замена за одредена сума на привилегии во форма на релативна сигурност на работното место, заштитена плата и статус како интересна група, што г издвојува од остатокот на пролетаријатот.


Навистина, поимите „работничка класа“ и „пролетаријат“ повеќе не се синоними како што беа некогаш, бидејќи работничката класа не може да ја оспори буржоаската моќ без да ја ризикува безбедноста на императивната позиција како механизам на социјална саморегулација за која долго време се бореше. Со други зборови, улогата на „работничката класа“ не е да го загрозува општествениот мир, туку да го чува и да ги жнее наградите од нејзината улога во тоа. Парадоксално, ова понекогаш добива облик на индустриска акција, која се појавува како вид на конфликт меѓу вработените и работодавачите. Парадоксот овде е што постоењето на такви конфликти, заштитеното право на работничката класа да ги започне, денес служи за зајакнување на буржоаската општествена моќ наместо да и се заканува, преку спречување на класниот конфликт да се измолкне од неговите прифатливи граници за да го оспори самиот општествен поредок наспроти само одредени претставници и одредени работодавци.



Од друга страна, „пролетаријатот“ е антикласен. Не е дефиниран, како што беше некогаш случај со неговата организација во големите индустриски претпријатија кои се карактеризираа со социјализирана работна сила/производство и приватизирано присвојување, и затоа неговото преземање на власта нема да се појави како обична размена на администраторите на претходно постоечк продуктивна машинерија, од капиталисти до работници. Навистина, пролетаријатот како таков не може да ја преземе власта, бидејќи тој не е класа со конкретна форма или сопствен идентитет. Напротив, пролетаријатот е празнината, дупката во срцето на капиталистичкото општество, на коja се гради целото богатство, составено токму од оние луѓе кои немаат и не можат да имаат стабилна позиција во структурата на капиталистичкото општество – структурно невработените, оние кои се принудени да бараат живот како дел од неформалната економија, оние кои станаа бегалци и мигранти во потрага по оскудни можности, младите чиј недостаток на образование и обука им нудат невозможни позиции да стекнат стабилни, долгорочни кариери. Пролетаријатот како таков не е дефиниран со физичка работа или со одреден тип на работа, туку со онеспособување, со целосен недостаток на имот или ресурси различни од неговата работна сила што би му дало удел во капиталистичкото општество.

Пристап до вториот дел на текстот