Секојдневната практична активност на припадниците на племето репродуцира, или постојано обновува, племе. Оваа репродукција не е само физичка, туку е исто така и општествена. Преку нивната секојдневна активност припадниците на племето не репродуцираат само група на човечки суштества; тие репродуцираат племе, имено посебен општествен облик во кој оваа група на човечки суштества извршува специфични активности на специфичен начин. Специфичната активност која ја извршуваат припадниците на племето, не е резултат на „природните“ карактеристики на луѓето на начин на кој производството на мед е резултат на „природата“ на пчелата. Секојдневниот живот одреден и обновуван од припадниците на племето е специфичен општествен резултат на посебните материјални и историски услови.
Секојдневната активност на робовите репродуцира ропство. Преку нивната секојдневна активност робовите не се репродуцираат себеси и нивните господари само физички; тие исто така ги репродуцираат и средствата со кои господарите ги угнетуваат, како и сопствените навики на потчинување на авторитетот на господарот. На луѓето коишто живеат во робовладетелско општество, односот господар-роб им се чини како природен и вечен однос. Меѓутоа, луѓето не се раѓаат како господари или робови. Робовладетелството е специфичен општествен облик, а луѓето му се потчинуваат само во одредени материјални и историски услови.
Секојдневната практична активност на наемните работници репродуцира наемен труд и капитал. Преку нивната секојдневна активност, „современите“ луѓе, исто како и припадниците на племето и робовите, ги репродуцираат жителите и општествените односи во нивното општество; тие го репродуцираат општествениот облик на секојдневниот живот. Исто како племето и робовладетелскиот систем, капиталистичкиот систем не е ниту природниот ниту конечниот облик на човеково општество; како и раните општествени облици, капитализмот е специфичен резултат на материјалните и историски услови.
За разлика од раните облици на општествена активност, секојдневниот живот во капиталистичкото општество систематски ги трансформира материјалните услови од кои капитализмот првобитно резултирал. Некои од материјалните граници на човековата активност постепено се најдоа под контрола на човекот. На високо ниво на индустријализација, практичната активност создава сопствени материјални услови и сопствен општествен облик. Според тоа, предмет на анализа не е само начинот на кој практичната активност во капиталистичкото општество го репродуцира капиталистичкото општество, туку исто така и начинот на кој оваа активност ги елиминира материјалните услови од кои резултирал капитализмот.
Секојдневниот живот во капиталистичкото општество
Општествениот облик на вообичаената активност во капитализмот е резултат на одредена материјална и историска околност. Материјалните и историските услови го објаснуваат потеклото на капиталистичкиот облик, но не објаснуваат зошто овој облик продолжува да постои откако ќе исчезнат првобитните околности. Концептот на „културна инерција“ не е објаснување за континуитетот на општествениот облик откако првобитните околности од кои резултирал исчезнале. Овој концепт единствено го констатира континуитетот на општествениот облик. Кога концептот на „културна инерција“ парадира како име за „општествена сила“ која ја детерминира човековата активност, тоа претставува само обид човековата активност да се прикаже како последица на надворешна сила надвор од нивната контрола. Ова не е точно само за концептот на „културна инерција“. Многу од термините користени од Маркс за објаснување на човековата активност се издигнати на ниво на надворешни и дури „природни“ сили кои ја детерминираат човековата активност; на тој начин, концептите како „класна борба“, „производствени односи“ и особено „дијалектиката“, ја имаат истата улога во теориите на некои „марксисти“ како и „првобитниот грев“, „верата“ и „раката на судбината“ во теориите на средновековните мистификатори.
Во извршувањето на нивната секојдневна активност, припадниците на капиталистичкото општество истовремено поддржуваат два процеси: го репродуцираат обликот на нивната активност и ги отстрануваат материјалните услови од кои првобитно овој облик резултирал. Но, тие не се свесни дека ги поддржуваат овие процеси; нивната сопствена активност не им е транспарентна. Тие имаат илузија дека нивната активност е резултат на природни услови надвор од нивна контрола, не можејќи да увидат дека тие самите се автори на тие услови. Задачата на капиталистичката идеологија е да го задржи превезот кој ги спречува луѓето да увидат дека нивната сопствена активност го репродуцира обликот на нивниот секојдневен живот; задачата на критичката теорија е да го разоткрие тој превез кој ја прикрива вистинската природа на активноста на секојдневниот живот, да ја направи транспарентна, да ја направи репродукцијата на општествениот облик на капиталистичката активност видлива во секојдневната активност на луѓето.
Во капитализмот, секојдневниот живот се состои од поврзани активности кои го репродуцираат и прошируваат капиталистичкиот облик на општествена активност. Продажбата на работно време за одредена цена (наемнина), олицетворувањето на работното време во стоки (продажни добра, материјални и нематеријални), потрошувачката на материјални и нематеријални стоки (како што се потрошувачките добра и спектаклите) – оваа активност која го карактеризира секојдневниот живот во капитализмот не е манифестација на „човековата природа“, ниту пак е наметната на луѓето од страна на сили надвор од нивната контрола.
Ако се верува дека човекот по „својата природа“ е неинвентивен припадник на племето и инвентивен бизнисмен, покорен роб и горд занаетчија, независен ловец и зависен наемен работник, тогаш или човековата „природа“ е празен концепт, или човековата „природа“ зависи од материјалните и историски услови и всушност претставува одговор на истите.
Втор дел: https://lenka.mk/uncategorized/fetishizmot-na-stokata-fredi-perlman/
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/perlman/1969/sekojdneven-zivot.htm