Денес, во време кога продолжува израелско-палестинскиот мировен процес, продолжува и изградбата на бариерата што Израелците ја нарекуваат „безбедносна ограда”, а Палестинците – „ѕид на поделбата”.
Претседателот Џорџ В. Буш и премиерот Ариел Шарон можеби имаат разлики во мислењата околу точната локација на бариерата. Но да се стави мировниот процес – и бариерата – во контекст, важно е да се запомни дека без американско одобрување и поддршка, Израел може многу малку да направи. А сензибилните Израелци го знаат тоа. Израелскиот политички коментатор Амир Орен беше доста во право кога забележа дека „шефот што се нарекува ‘партнер’ е американската администрација.”
Во арапските земји и на други места има многу илузии во врска со потчинетоста на Вашингтон на Израел или на домашното произраелско лоби (кое во никој случај не е целосно еврејско). Идејата дека САД би му дозволил на Израел да му шефува е сериозно неразбирање, според моето гледање на работите.
Израелскиот избор од последните 30 години ги ограничи значително неговите опции. При неговиот сегашен курс, тој речиси и нема алтернатива на служењето како американска воена база во регионот и на потчинувањето на американските барања.
Опциите беа упадливо видливи во 1971 година, кога египетскиот претседател Садат му понуди целосен мировен договор на Израел за израелско повлекување од египетска територија, прифаќајќи ги предлозите на посредникот на ОН, Гунар Јаринг. Израел беше пред судбоносен избор: можеше да прифати мир и интегрирање во регионот или да инсистира на експанзијата и конфронтацијата, станувајќи неизбежно зависен од САД. Го избра вториот курс, не врз основа на безбедноста, туку поради посветеноста на експанзијата, во тоа време, во прв ред на египетскиот Синај, што директно водеше до војната од 1973 година, многу ризичен потег за Израел, а и за светот, бидејќи се вмешаа големите сили. Во никој случај не е невообичаено за државите да ја рангираат безбедноста доста пониско од другите цели, вклучувајќи го тука и САД.
Минатата година (во мај 2002 година) во „Форин афеарс” Хусеин Ага, проучувач на Блискиот Исток на Универзитетот Оксфорд, и Роберт Мели, специјален помошник на претседателот Клинтон за арапско-израелски работи, забележаа за арапско-израелскиот ќорсокак дека „контурите на решението веќе некое време во основа се разбираат.” Ага и Мели го скицираа вообичаеното сфаќање: територијална поделба врз меѓународната граница, сега со 1-1 размена на земја. Тие пишуваат дека „начинот за доаѓање (до решение) од самиот почеток ги заобиколуваше сите страни”, но иако е точно, ова тврдење доведува до заблуда. Патот 25 години е блокиран од страна на САД, а Израел продолжува да го отфрла дури и на мировната крајност од доминантниот политички спектар.
Во текот на годините на Буш Втори и Шарон, изгледите за дипломатско решение се намалија. Израел ги прошири своите доселенички програми, со континуирана американска поддршка. Израелските населби сега контролираат 42% од Западниот Брег, според Б’тселем, израелска организација за човекови права. Распрснати помеѓу тие населби се палестинските области што „потсетуваат на одбивните режими од минатото, како режимот на апартхејд во Јужна Африка”, известува Б’тселем.
Што се однесува до плановите на тековната Бушова администрација, постојат два извори на информации: реториката и потезите. На реторичко ниво ја имаме Бушовата „визија” за палестинска држава – на која треба да ѝ се восхитуваме, иако не ни е дозволено да ја сфатиме – и „патната карта” на „квартетот”: ОН, Русија, ЕУ и САД. Но „патната карта” беше намерно оставена неодредена околу многу важни прашања, вклучувајќи го дури и клучното прашање на границите. Понатаму, иако Израел формално ја прифати „патната карта”, тој веднаш излезе со 14 резерви што целосно ја обесмислија, со поддршка на САД. Оттука, и Израел и САД веднаш ја кршеа „патната карта”, која обично но погрешно се опишува како иницијатива на Бушовата администрација.
„Фактите на теренот”, коментира израелската новинарка Амира Хас, „ја одредуваат – и ќе продолжат да ја одредуваат – областа каде што патната карта ќе се применува, областа каде што ентитетот познат како ‘Палестинска држава’ ќе биде основан.”
Со бариерата и со своите останати потези, Израел – и, проширувајќи, неговиот „шеф што се нарекува ‘партнер’“ – ги поткопува надежите за мирно дипломатско решение, сигурно намерно, бидејќи последиците се така очигледни.
Израел го правда своето однесување поради палестинскиот терор, кој навистина ескалира, вклучувајќи ги и самоубиствените напади против израелски цивили, за време на Ал-Акса интифадата што избувна во септември 2000 година. Сепак, мора да се забележи дека до доста неодамна израелската брутална воена окупација предизвикуваше многу малку возвраќање против Израел од внатре [окупираните] територии и дека злоделата што таму се извршени од окупаторските сили и нелегалните доселеници предизвикуваат малку загриженост.
Истото важеше и за првите денови на тековната интифада. Во својот прв месец, според израелската војска, соодносот на убиени беше речиси 20 наспроти 1 (75 Палестинци, 4 Израелци), во време кога отпорот беше ограничен на териториите и ретко одеше потаму од фрлање камења. Дури кога соодносот се помести близу 3 наспроти 1, се дигна енормна индигнација – поради страдањата на невините Израелци.
Реакцијата на страдањата на Израелците е на место. Но дали е на место да се занемарува далеку поголемото страдање на Палестинците, пред рамнотежата на терор да се помести, а исто така и денес – страдање што се протега многу години наназад, со клучна американска поддршка?
Интифадата ги исфрли на површина важните промени што се случуваат во Израел. Внатрешниот авторитет на израелската војска до тоа време достигна такво ниво што израелскиот воен дописник Бен Каспит ја опиша земјата како „не држава со војска, туку војска со држава”; војска која, понатаму, речиси е додаток на воената сила што доминира со светот на ниво без историски преседан, факт што не му бега на народот во регионот.
Сепак, може да дојде до праведен мир. Има многу историски примери на завршување и преиначување на наизглед нескротливи судири. Северна Ирска е неодамнешен пример; иако не е рај, ситуацијата е во голема мера подобра отколку што беше пред една деценија.
Јужна Африка е друг случај. Само пред неколку години, расниот судир и насилната репресија изгледаа како да го водат општеството во безнадежен очај. Оттогаш има забележителни подобрувања, иако за мнозинството од населението, црнечко и сиромашно, условите малку се подобрија, а за многумина можеби и се влошија.
Во Израел-Палестина, секојдневните грчевити ужаси додаваат камења во ѕидовите на омраза, страв и интензивна желба за одмазда. Но никогаш не е премногу доцна да се пробијат тие ѕидови.
Само луѓето што страдаат од секојдневните маки и што предвидуваат уште полоши утре можат сериозно да се зафатат за оваа задача непосредно, но оние однадвор можат суштински да помогнат за да се олесни патот, иако не додека не сакаат чесно да се соочат со своите сопствени улоги и одговорности – и соодветно да исковаат патна карта со смисла, истовремено присилувајќи ги своите влади да ја спроведат.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/comski/2007/intervencii/patna-karta.htm