Општествени класи – неопходни и излишни [Фридрих Енгелс]

Често се поставува прашањето, колку различните општествени класи се корисни, па дури и неопходни? И одговорот, се разбира, е различен за секоја епоха од историјата којашто се разгледува. Несомнено дека некогаш земјишната аристократија беше неизбежен и неопходен елемент на општеството. Сепак, тоа било многу, многу одамна. Тогаш капиталистичката средна класа, или буржоазијата, како што ја нарекуваат Французите, се појави со иста неизбежна нужност, се борела против земјишната аристократија, ја скршила нејзината политичка моќ и станала економски и политички доминантна. Но, откога класите постојат, никогаш општеството не можело без работничката класа. Името, општествениот статус на таа класа се смени; кметот го зазеде местото на робот, за да биде ослободен од слободниот работник – ослободен од кметство, но исто така и ослободен од какви било земни добра произведени со негов сопствен труд. Но, јасно е: какви и да се промените што се случуваат во високите, непродуктивни редови на општеството, општеството не може да живее без класата на производители. Оваа класа е неопходна во сите околности – иако мора да дојде време, кога веќе нема да биде класа, кога ќе го опфати целото општество.

Сега, каква е нужноста за постоење на секоја од овие три класи во моментов?

Фридрих Енгелс – автор на текстот

Земјишната аристократија е, во најмала рака, економски бескорисна во Англија, додека во Ирска и Шкотска таа стана несомнена неугодност со нејзините депопулациони тенденции. Да се испратат луѓето преку океанот или во гладување, и да се заменат со овци или елени – тоа е сета заслуга на којашто можат да полагаат право ирските и шкотските земјопоседници. Нека американската конкуренција на зеленчук и животинска храна се развива уште малку, и англиската земјишна аристократија ќе го стори истото, барем оние што можат да си дозволат да имаат големи градски имоти на коишто можат да се потпрат. Од останатите, американската прехранбена конкуренција наскоро ќе нè ослободи. И тоа добро ослободување – бидејќи нивната политичка активност, како во домот на лордовите, така и во долниот дом, е совршена национална неприлика.

Но, што со капиталистичката средна класа, таа просветлена и либерална класа којашто ја основала британската колонијална империја и која ја воспоставила британската слобода? Класата која го реформирала Парламентот во 1831 година, ги укинала Пченкарните закони и ги намалила даноците еден по друг? Класата која ги создала и сè уште ги управува гигантските фабрики, со огромната трговска морнарица, со постојано растечкиот железнички систем на Англија? Сигурно дека таа класа мора да биде неопходна барем колку и работничката класа која таа ја насочува и води од напредок во напредок.

Сега, економската функција на капиталистичката средна класа била, навистина, да создаде современ систем на фабрики на парен погон и комуникации и да ја сруши секоја економска и политичка препрека која го одложувала или спречувала развојот на тој систем. Нема сомневање, сè додека капиталистичката средна класа ја извршувала оваа функција, таа била, под дадените околности, неопходна класа. Но, дали е сè уште така? Дали таа продолжува да ја исполнува својата суштинска функција како менаџер и проширувач на општественото производство во корист на целото општество? Да погледаме.

Ако почнеме со средствата за комуникација, гледаме дека телеграфите се во рацете на владата. Железниците и голем дел од морските параброди се поседувани, не од индивидуални капиталисти кои го менаџираат својот бизнис, туку од акционерски компании чија работа ја менаџираат за нив платени работници, од слуги чија положба е фактички таа на супериорни, подобро платени работници. Што се однесува до директорите и акционерите, и едните и другите знаат дека што помалку првите се мешаат во работата, а другите во надгледувањето, толку е подобро за претпријатието. Oпуштен и главно површен надзор е, навистина, единствената функција која преостанала за сопствениците на претпријатието. Според тоа, гледаме дека во стварноста на капиталистичките сопственици на овие огромни претпријатија не им останало ништо друго што да работат, освен да добиваат пари од полугодишните дивидендни налози. Општествената функција на капиталистот овде била префрлена на платените слуги; но тој продолжува да присвојува, преку своите дивиденди, плата за функцијата која престанал да ја извршува.

Но, уште една функција му преостанала на капиталистот, која со обемот на големите обврски го принудила да се „повлече“ од нивно менаџирање. А оваа функција е да шпекулира со своите акции на берза. Наместо да се занимава со нешто подобро, нашите „пензионирани“, а во стварноста заменети капиталисти, се коцкаат до мила волја во овој храм на Мамон. Тие одат таму со свесна намера да стрпат во џеб пари за кои се преправаат дека ги заработиле; иако, тие кажуваат, дека потеклото на сиот имот е трудот и штедењето – потеклото можеби, но сигурно не и крајот. Кое лицемерие е силум да се затвoраат малите коцкарници, кога нашето капиталистичко општество не може без една огромна коцкарница, каде што милиони се губат и добиваат, бидејќи таа е самиот негов центар! Овде, навистина, постоењето на „пензионираниот“ акционерски капиталист станува не само излишен, но и совршено непотребен.

Она што е вистина за железниците и парабродовите секој ден станува сè повистинито за сите големи фабрики и трговски претпријатија. „Котирањето“ – трансформацијата на големите приватни фирми во компании со ограничена одговорност – на дневен ред е овие последни десет години ако не и подолго. Од големите манчестерски складишта до железарите и рудниците на Велс и Северот и фабриките на Ланкашир, сè се котирало или се котира. Во целиот Олдхам тешко дека има предилници во приватни раце; што повеќе, дури и трговците сè повеќе и повеќе се заменувани од „кооперативни работилници“, од кои огромно мнозинство се кооперативни само во името – но, за тоа друг пат. Според тоа, гледаме дека со самиот развој на системот на капиталистичко производство, капиталистот постанува истиснат колку и мануелниот ткајач. Со таа разлика, сепак, што ткајачот е осуден на бавно изгладнување, а истиснатиот капиталист на бавна смрт од згоеност. Во ова, генерално и двајцата си личат, бидејќи ниту еден не знае што да прави со себе.

Ова е, тогаш, резултатот: економскиот развој на нашето општество сè повеќе тежнее да се концентрира, да се поопштествува производството во огромни претпријатија со кои повеќе не може да управуваат поединечни капиталисти. Сето дрдорење за „севидечкото око на газдата“ и чудата коишто тоа ги прави се претвара во чиста глупост штом некое претпријатие достигне одредена големина. Замислете го „севидечкото око на газдата“ на лондонските и северозападните железници! Но, она што газдата не може да го прави, го можат наемните слуги на компанијата, и тоа го прават успешно.

Според тоа, капиталистот не може повеќе да ги третира своите профити како „плата за надгледување“, бидејќи не надгледува ништо. Да не го заборавиме ова кога бранителите на капиталот ни ги полнат ушите со таа фраза.

Се обидовме да покажеме, во нашиот минатонеделен број, дека капиталистичката класа исто така станала неспособна да управува со огромниот производствен систем на оваа земја; дека капиталистите на една страна толку многу го зголемиле производството што периодично го поплавуваат пазарот со производи, а на друга страна сè повеќе стануваат неспособни да се одбранат од конкуренцијата. Според тоа, заклучуваме дека, не само што можеме да менаџираме многу добро без мешање на класата на капиталисти во големите индустрии на земјата, туку дека нејзиното мешање сè повеќе станува пречка.

Повторно им кажуваме: „Отстапете! Дајте ѝ прилика на работничката класа.“

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1881/lejbor-standard/klasi.htm

Последно