Општествената основа на женското прашање [Александра Колонтај]

Александра Колонтај – авторка на текстот

Специфични економски фактори стојат зад потчинетоста на жената; природните особини се секундарен фактор во овој процес. Само целосното исчезнување на овие економски фактори и сили, кои во одреден момент во минатото ја предизвикале потчинетоста на жената, може суштински да ја промени општествената позиција на жените. Со други зборови, жените може да станат вистински слободни и еднакви само во свет организиран на поинаков општествено-производствен начин. Ова не значи сепак дека делумното подобрување на животот на жената во рамките на модерниот систем е невозможно.

Пред сè, мора да се запрашаме дали единствено и обединето женско движење е можно во општество засновано врз класни контрадикции. Светот на жените е поделен, како и светот на мажите, на две групи: интересите и стремежите на едната група жени се поблиски до буржоаската класа, додека интересите и стремежите на другата група на жени е блиска до работничката класа, и барањата за ослободување на втората група на жени вклучува целосно решение на женското прашање. Така, иако двете групи го имаат истиот слоган „ослободување на жените”, нивните цели и интереси се различни.

Буржујките феминистки ги гледаат мажите како главниот непријател, бидејќи мажите неправедно ги имаат грабнато правата и привилегиите за себеси, оставајќи им на жените само синџири и обврски. За буржујките феминистки, извојувана е победа кога одредено право кое е уживано само од машкиот пол ќе му биде признаено и на понежниот пол. Жените од работничката класа имаат различен став. Тие не ги гледаат мажите како главниот непријател и угнетувач; напротив, ги гледаат мажите како нивни другари, кои го споделуваат со нив секојдневното р’мбање и се борат со нив за подобра иднина. Жената и нејзиниот машки другар се поробени од истите општествени услови; истите омразени окови на капитализмот им ја угнетуваат волјата и ги лишуваат од радостите и убавините во животот. Точно е дека одредени аспекти од современиот систем двојно повеќе ѝ натежнуваат на жената, како што е точно и дека условите на наемен труд понекогаш ги претвораат жените од работничката класа во ривали кои се натпреваруваат со мажите. Но во вакви неповолни ситуации, работничката класа знае кој е виновникот…

Крајната цел на жената од работничката класа секако не ја спречува да посакува да го подобри својот статус дури и во рамките на тековниот буржоаски систем, но остварувањето на овие желби е постојано оневозможено од пречки кои произлегуваат од самата природа на капитализмот. Жената може да поседува еднакви права и да биде вистински слободна само во свет на труд кој е социјализиран, свет на хармонија и правда. Буржујките феминистки не сакаат и се неспособни да го разберат ова; на нив им се чини дека кога еднаквоста е формално усвоена со законот, ќе можат да си обезбедат удобно место за себе во стариот свет на угнетување, ропство, солзи и неволји. И ова е точно до одреден степен. За мнозинството жени од работничката класа, еднакви права со мажите би значело само еднаков удел во нееднаквоста; но за „неколкуте одбрани”, за буржујките, еднакви права со мажите навистина би отворило врати кон нови права и привилегии што досега ги уживаат само мажите од буржоаската класа.

Каде е тогаш општото „женско прашање”? Доколку трезвено ја погледнеме реалноста, увидуваме дека такво единство не постои и не може да постои.

Зошто тогаш треба жената работничка да бара единство со буржујките феминистки? Кој всушност би имал придобивки доколку има такво единство? Секако не жената работничка. Таа си е својата сопствена спасителка, нејзината иднина е во нејзините сопствени раце. Жената од работничката класа си ги штити своите класни интереси и не е измамена од големи говори за „светот кој сите жени го споделуваат”. Жената од работничката класа не смее да заборави и не заборава дека додека целта на буржујките е да си ја осигураат својата благосостојба во рамките на општество спротивставено кон нас, нашата цел е да изградиме, на местото на застарениот свет, светол храм на општ труд, другарска солидарност и слобода која не прави среќни…

Во денешното семејство, чија структура е утврдена со обичаи и закони, жената не е угнетена само како личност, туку и како сопруга и мајка… Овде, важно е да истакнеме дека модерната семејна структура, до помал или поголем степен, ги угнетува жените од сите класи и слоеви на општеството. Обичаите и традициите ја угнетуваат младата мајка без разлика на слојот на којшто припаѓа… Зарем конечно не го откривме аспектот на женското прашање каде жените од сите класи може да се обединат? Зарем не може заедно да се борат против условите кои ги угнетуваат? Зарем не е можно тагата и страдањето кои ги споделуваат во овој случај да ги омекне канџите на класниот антагонизам и да обезбеди заеднички стремежи и заедничко делување на жените од двете различни групи? Зарем не може, врз основа на заеднички желби и цели, соработката меѓу буржујките и жените од работничката класа да стане можност?… Но, параграфите од граѓанскиот законик не се оние кои ја одредуваат положбата на жената во семејството… Прашањето за врските ќе престане да биде толку болно прашање за мнозинството жени само доколку општеството ги ослободи жените од сите незначајни домашни работи кои се во моментов неизбежни (со оглед на постоењето на индивидуални и засебни домашни економии) и само доколку општеството ја преземе одговорноста за помладата генерација.

Класниот инстинкт, без разлика што велат буржоаските феминистки, секогаш се покажува како помоќен од благородниот ентузијазам за надкласна политика. Додека буржујките и нивните „помлади сестри” од работничката класа се еднакви во нивната нееднаквост, првите можат, со потполна искреност, да прават големи напори за да ги бранат општите интереси на жените. Но, кога бариерите нема да постојат и буржујките ќе имаат пристап кон политички активности, неодамнешните бранители на „правата на сите жени” стануваат ентузијастични бранители на привилегиите на својата класа, без проблем оставајќи ги нивните помлади сестри без никакви права.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/kolontaj/1909/zensko-prasanje.htm

Последно