Во една претходна статија ја разгледавме едно време оправданата девиза „праведна надница за праведен работен ден“ и дојдовме до заклучокот дека најправедната надница во сегашните општествени односи е еднаква на најнеправедната поделба на производот којшто го создал работникот, бидејќи поголемиот дел од тој производ заминува во џебот на капиталистот, додека работникот мора да се задоволува само со оној дел којшто му е потребен да ја одржи работната способност и да го продолжи своето поколение.
Тоа е закон на политичката економија или, со други зборови, закон на денешната економска организација на општеството, којшто е помоќен од сите непишани и пишани закони на Англија земени заедно, вклучувајќи го Court of Chancery. Сè додека општеството е поделено на две спротивставени класи, на една страна капиталисти, кои држат монопол над сите средства за производство – земја, суровини, машини; на друга страна работници, работно население, на кое му е одземена секоја сопственост над средствата за производство и кое не поседува ништо друго освен сопствената работна сила – сè додека постои таа општествена организација, ќе остане семоќен тој закон на наемнината и секој ден ќе кова нови синџири, кои го претворуваат работникот во роб на неговиот сопствен производ, над којшто капиталистот држи монопол.
Синдикатите во оваа земја скоро шеесет години се борат против овој закон – со каков резултат? Дали им појде од рака да ја ослободат работничката класа од ропството во кое ја држи капиталот – производот на нејзините сопствени раце? Дали тие му овозможија на барем еден дел од работниците да се издигнат над положбата на наемни робови, да станат сопственици на своите сопствени средства за производство, на суровините, алатките и машините потребни во нивните дејности, а со тоа да станат сопственици на производите на нивниот сопствен труд? Општо е познато дека тие не само што не го направија тоа, туку дури никогаш не се обиделе.
Нема никако да тврдиме дека синдикатите се бескорисни затоа што не го направиле тоа. Напротив, синдикатите за работничката класа во Англија, како и во секоја друга индустриска земја, се неопходност во нејзината борба против капиталот. Просечната висина на надницата одговара на количеството на неопходните потрошувачки добра доволни за опстанок и одржување на работното население на земјата според животниот стандард вообичаен за таа земја. Овој животен стандард може да биде многу различен за различни слоеви на работници. Големата заслуга на синдикатите во нивната борба за зголемување на надницата и смалување на работното време се состои во тоа што тие тежнеат кон одржување и подигнување на животниот стандард. Има во лондонски Ист Енд многу производствени гранки во кои трудот не е ништо помалку квалификуван, а е исто толку тежок колку и трудот на ѕидарите и нивните помошници, па сепак вработените во нив добиваат едвај половина од нивната надница. Зошто? Едноставно затоа што една моќна организација ‘и овозможува на една друга група да задржи релативно висок животен стандард како норма според која се израмнуваат нејзините надници, додека другата група, неорганизирана и немоќна, мора да се потчинува не само на неизбежната туку и на самоволната настојчивост на работодавецот: нејзиниот животен стандард постепено опаѓа, таа се навикнува да живее од сè помали надници и нејзините надници природно опаѓаат до тоа ниво со кое таа сама се помирила дека е доволно.
Законот на надницата не е, значи, таков да исцртува една неменлива линија. Во одредени граници тој никако не е нескротлив. Секогаш (освен при големи депресии) во секоја производствена гранка постои некој маневарски простор во чии рамки висината на надницата може да биде променета како резултат на борбата помеѓу двете страни во судир. Надниците во секој случај се утврдуваат со преговарање, а во случај на преговарање оној којшто пружи најдолг и најефикасен отпор има најголеми можности да добие повеќе отколку што му припаѓа. Ако изолираниот работник се обиде да преговара со капиталистот за цената, лесно ќе биде победен и ќе мора да се предаде на милост или немилост, но ако работниците од цела една гранка оформат моќна организација, соберат меѓу себе еден фонд да би можеле по потреба да се соочат со нивните работодавци и така да дојдат во положба како една сила да преговараат со работодавците, тогаш и само тогаш работниците имаат можности да ја добијат барем онаа маленкост која при економската структура на денешното општество може да се нарече праведна надница за праведен работен ден.
Борбата на синдикатите не го нарушува законот на надниците; напротив, таа во целост го потврдува. Без средствата за отпор на синдикатите работникот не го добива дури ни она што што му припаѓа по правилата на наемниот систем. Само стравот од синдикатите може да ги присили капиталистите да му ја исплатат на работникот целата пазарна вредност на неговата работна сила. Сакате ли докази? Погледнете ги надниците кои се исплаќаат на членовите на големите синдикати и споредете ги со надниците во безбројните гранки во тоа мноштво од стагнирачка беда, лондонски Ист Енд.
Според тоа, синдикатите не го повредуваат системот на надници. Меѓутоа, не е високото или ниското ниво на наемнините она што ја прави економската деградација на работничката класа: оваа деградација се состои во фактот дека работничката класа наместо за својот труд да го добива целиот производ од својот труд, мора да се задоволи со дел од својот сопствен производ кој се нарекува наемнина. Капиталистот го присвојува сиот производ (и од тој производ ги плаќа работниците), затоа што е сопственик на средствата за работа. И затоа нема вистинско ослободување на работничката класа сè додека таа не стане сопственик на сите средства за работа – земја, суровини, машини итн. – и со тоа сопственик на сиот производ од својот сопствен труд.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1881/lejbor-standard/naemen-sistem.htm