Никако не е речено дека фиксен капитал во секоја определба е капитал што не ‘и служи на индивидуалната потрошувачка, туку само на производството. Куќата може да служи и за производство и за потрошувачка; исто така сите возила: бродот и вагонот можат да послужат за излет, но исто така како транспортно средство; улицата како сообраќајно средство за вистинско производство, но исто така и за прошетка итн. Фиксен капитал во овој вториот однос нас не не‘ засега ни најмалку, зашто овдека го разгледуваме капиталот само како процес на оплодување и процес на производството. Кај каматата ќе влезе уште и другата определба. Рикардо можеби ја имал предвид само таа определба кога вели:

,,Според тоа дали е капиталот повеќе или помалку преоден и дали, значи, мора во даденото време да се репродуцира почесто или поретко, тој се вика циркулирачки или фиксен капитал‘‘.

Според тоа, ѓезвето за кафе би било фиксен капитал, а кафето циркулирачки. Грубиот материјализам на економистите општествените односи на човековото производство и определбите што ги добиваат стварите кога се подведени под тие односи се сметаат за природни својства на стварите е исто толку груб идеализам, та дури и фетишизам кој на стварите им препишува општествени односи како на нив иманентни определби и така ги мистификува.

Тешкотијата која да била ствар да се фиксира како фиксен или циркулирачки капитал според нејзините природни својства ги довела овдека економистите по исклучок на мислата дека самите ствари не се ни фиксен ни циркулирачки капитал, значи дека воопшто не се капитал, како што не е ни природно својство на златото да биде пари.

(Извадок од ,,Основи на критиката на политичката економија“, Карл Маркс)