Првата светска војна изврши огромен притисок на царска Русија. Војната течеше лошо, недостатоците на храна беа се` полоши и полоши, а системот западна во длабока криза.
Милиони селани се регрутирани во војска – каде изненадно беа изложени на идеите на класно освестените работници. За разлика од другите земји, водечката социјалистичка партија – Болшевици – не капитулираше пред национализмот, туку од самиот почеток се противеше на војната.
Во февруари 1917 година изби револуцијата. На меѓународниот ден на жените, работничките во главниот град на Русија, Петроград, почнаа протести поради недостатоците на леб.
Полицијата ги разби демонстрациите. Двојно повеќе жени се појавија наредниот ден. Движењето се ширеше како пожар. Војниците, наместо да пукаат на демонстрантите, почнаа побуна и во рок од една недела царот, рускиот диктатор, беше присилен да абдицира.
Оваа прва револуција од 1917 година беше спонтана – никаква теорија не можеше да предвиди кога точно браната ќе пукне и насобраниот гнев на руските работници и војници ќе ја збриши царската автократија. Револуцијата и` пркосеше на теоријата, дури и на болшевичката теорија, бидејќи не доведе до создавање на една нова сила, туку на две.
Формално, власта премина од рацете на царот на Думата (Парламент) и нејзината привремена влада, со која доминирала либерално-капиталистичката Партија на кадетите – баш како што предвидуваа сите марксисти.
Во реалноста, власта беше поделена помеѓу Думата и Советите – непосредно избрани работнички и војнички собранија – кои никнуваа ширум Русија.
Во Петроград ништо не би можело да се случи, ниту би можело да се одржува ред – без моралната тежина на советите.
Умерените марксисти – меншевиците и социјалните револуционери (партија ориентирана кон селанството) го имаа мнозинството во Петроградскиот совет, воглавно поради пропорционално недоволната застапеност на големите работни места, каде болшевиците беа најсилни.
Привремената влада продолжи да војува и да одолговлекува со редистрибуција на земјишните поседи. Во неа доминираа капиталисти, непријателски натроени кон економските барања на работниците.
Тоа не ги задоволуваше милионите кои ја вкусија сопствената колективна моќ. Меншевиците се залагаа против изнесување на „неразумни барања“.
Во претходните колумни видовме како Лениновата концепција на партијата се разликувала од меншевичката. Ленин сакал партија која ќе интервенира во движењето, а тие сакаа партија која ќе го рефлектира.
Повеќето од оние кои учествуваа во Февруарската револуција сакаа само подобра влада – никогаш не размислуваа за тоа дека баш тие можат да ја водат земјата. Меѓутоа, како што тврдеше Ленин, советите беа ембрионски облик на работничката влада.
Иако во движењето доминираа ставови кои ја поддржуваа привремената влада, логичен заклучок од активностите на оние кои учествуваа во него, беше дека работниците и работничките можат самостојно да владеат. Одразувајќи ги сите, па и назадните, тежнеења на движењето во сопствената теорија, меншевиците во пракса го кочеа движењето.
Ленин во февруари се` уште беше во егзил и повеќето болшевички водачи заостануваа зад меншевичките.
Ленин разви сосема поинаква анализа, која врвот го достигна во неговите Априлски тези. Најголем дел од населението во Русија сакаше леб, мир и земја. Ниедна капиталистичка власт тоа не би им го обезбедила.
Тоа можеше да се добие само со „вооружување на пролетаријатот и јакнење, развивање на улогата, значењето и моќта на советот“.
Милиони работници и работнички се` уште привремената влада ја гледаа како своја. Ленин тврдеше дека задачата на болшевиците е „трпеливо да им објаснуваат“ како единствен начин да добијат „леб, мир и земја“ е давањето на „сета власт на советите“.
Да би ја придобил поддршката на партијата за своите идеи, Ленин морал да се бори. неговите аргументи не се вклопуваа во шемата на „старите болшевици“, но звучеа совршено со склад со искуството на нивното членство и работниците кои не беа во партиските редови.
Баш како и во 1905 година, Ленин мораше да ги заобиколи водствата на комитетите и да се обрати директно на оние кои стоеа во првите борбени редови на масовните штрајкови и револуции.
Некои тврдеа дека суштината на болшевизмот е во централизираната преданост на догматичниот марксизам.
Напротив, повторно се покажа дека во суштината е Ленинова способност повторно со голема брзина политички да ја вооружува партијата, како би можела да се носи со брзите промени во околностите и да ја надминува конзервативната инерција која ја создаваа нејзините структури.
Извор: http://marks21.info/istorija/lenjin-licem-u-lice-sa-ratom-i-revolucijom-3