Кога бев студент, мојот професор по економија ни кажуваше дека, иако трудовата теорија на вредноста била важна историска етапа во развојот на економијата, веќе било познато дека таа има фатални недостатоци. Економистите на 20-тиот век како што се Пјеро Срафа и Пол Самуелсон покажале дека е непотребно да му се допушти на трудот какво било посебно место во нашето разбирање на цените. Наместо тоа, структурата на цените би можела да биде совршено добро разбрана како исход на монетарните трошоци со кои се соочуваат фирмите и однесувањето на претприемачите за максимизирање на профитот. Доколку во реалноста не постоеше такво нешто како вредност на трудот, следи дека Марксовата теорија на експлоатација е неправилен упад на морални предрасуди во „позитивната наука“ на економијата.
Професорот, кој ни го предаваше ова, Иен Стидмен, беше всушност сосема левичар, активен член на Комунистичката партија.
Ова е само една анегдота, но фактот дека дури и еден истакнат комунистички интелектуалец верувал дека централната компонента на Марксовата теорија била научно безвредна е значаен. Во минатото тоа даде индикација за тоа колку се лошо подготвени интелектуалците на комунистичкото движење, кога се соочија со многу интензивни идеолошки напади врз социјализмот, кои се одвиваа во 1980-тите и 1990-тите.
Но, пред 25 години дојде помош од неочекуван извор. Двајца математичари Моше Мачовер и Емануел Фарџун, напишаа книга, наречена Законите на хаосот. Нивната книга даде радикално нов начин на гледање – дека капитализмот функционира како хаотичен и деорганизиран систем. Мачовер и Фарџун имале на увид да сфатат дека физиката веќе развила теории за да опише слични хаотични и деорганизирани системи.
Во пазарната економија, стотици илјади фирми и поединци се во општење, купувајќи и продавајќи стоки и услуги. Ова е слично на гас во кој многу голем број на молекули се во интеракција, потскокнувајќи еден кон друг. Физиката зборува за овие системи дека имаат „висок степен на слобода“, со кој, значи дека движењата на сите индивидуални молекули се „бесплатни“ или случајни. Но, и покрај тоа што индивидуалните молекули се слободни да се движат, сè уште можеме да кажеме нешто за нив во целина. Можеме да кажеме која ќе биде нивната просечна брзина (нивната температура) и кои ќе бидат нивните веројатни дистрибуции во просторот.
Гранката на физиката, која го изучува ова, се нарекува статистичка механика или термодинамика. Наместо со подготвување на детерминистички извештаи, таа се занимава со веројатности и просечни вредности, но тоа сепак доаѓа со основните закони, законите на термодинамиката, за кои било откриено дека владеат со однесувањето на нашиот универзум.
А тука е и изненадувањето! Кога тие го примениле методот на статистичка механика врз капиталистичката економија, откриле дека предвидувањата речиси точно се поклопуваат со трудовата теорија на вредноста, како што е утврдена во том 1 од Марксовиот Капитал. Статистичката механика покажа дека пазарните цени на стоките ќе се разликуваат во однос на нивната трудова содржина како што и Маркс претпоставил. Бидејќи пазарот е хаотичен, индивидуалните цени не би биле точно еднакви на трудовите вредности, но тие би се насобирале многу близу околу трудовите вредности. Додека во том 1 од Капиталот трудовата теорија на вредноста е земена само како емпириски важечко правило на палецот. Маркс знаел дека таа е точна, но не кажал зошто. Овде, најпосле имаме една здрава физичка теорија, што ја објаснува валидноста на трудовата теорија на вредноста.
Задачата на науката е да ги открива причинските механизми. Кога тоа е направено, може да се дадат предвидувања, кои може да се тестираат. Ако две спротивставени теории даваат различни предвидувања за реалноста, ние можеме, со набљудување, да одредиме која теорија е точна. Ова е нормален научен метод.
Теоријата на Фарџун и Мачовер дала одредени прогнози, кои се непосредно против прогнозите дадени од критичарите на Маркс, како што е Самуелсон. Особено нивната теорија предвидува дека индустриите со висок труд во однос на капиталот ќе бидат попрофитабилни. Конвенционалната економија предвидува дека нема да постои таква систематска разлика меѓу профитните стапки во различни индустрии. Кога се ставила теоријата на тест, произлегло дека Фарџун и Мачовер биле во право. Индустриите со висок труд во однос на капиталот се попрофитабилни. Но, ова е токму она што ние би го очекувале, доколку изворот на профит е експлоатацијата на трудот одошто капиталот. Нивната теорија не само што произлезе дека е емпириски целосно точна, но во исто време ја потврди Марксовата теорија на експлоатација на работникот.
Следен голем напредок беше направен од физичарот Виктор Јаковенко, кој покажа во неговиот труд Статистичка механика на пари дека парите во пазарната економија ја играат истата улога како и енергијата во физиката.
Токму како што енергијата е одржана во судирите помеѓу молекулите, така и парите се одржани со актите на купување и продавање. Досега е така очигледно!
Она што не е очигледно е тоа што имплицира ова. Јаковенко покажа дека законите на термодинамиката потоа имплицираат дека дистрибуцијата на парите меѓу луѓето ќе ја следи истата форма како и дистрибуцијата на енергијата меѓу молекулите во еден гас: таканаречената Гибс-Болцманова дистрибуција. Ова звучи многу научно, но што всушност значи тоа?
Она што Гибс-Болцмановата дистрибуција на пари го кажува е тоа дека малку луѓе завршуваат со многу пари и многу луѓе завршуваат со многу малку пари. Тоа значи дека дистрибуцијата на пари ќе биде многу нееднаква, како што гледаме во капиталистичкото „општество“. Всушност, Јаковенко покажа дека дистрибуцијата на богатството во Соединетите Држави многу близу се вклопува со Гибс-Болцмановата дистрибуција.
Постои тенденција да се верува дека богатите луѓе го должат своето богатство на интелигенцијата или напорот, но физиката ни кажува дека не е така. Со обѕир на пазарна економија, тогаш законите на шанса значат дека многу пари ќе завршат во рацете на малку луѓе.
Всушност, кога ние гледаме во Соединетите Држави, откриваме дека дистрибуцијата на богатството е дури и понееднаква одошто би очекувале од Гибс-Болцмановиот закон. Ако Гибс-Болцмановиот закон е на сила, тогаш би постоеле милионери, но не и милијардери. Зошто несразмерност?
Јаковенковите оригинални равенки ја претставија економијата, која е нешто како она што Маркс го нарече просто стоковно производство. Тоа претпоставило само купување и продавање. Поновиот труд од Јаковенко и Рајт, покажа дека ако вие ги менувате овие равенки така што ќе допуштате или заработка од камата на пари или од вработување на наемен труд, тогаш равенките имплицираат поларизација на населението во две групи. Мнозинството од населението, работничката класа и ситната буржоазија, произлегува од Гибс-Болцмановата дистрибуција на приход. Меѓутоа, постои друга класа, онаа чиј приход произлегува од капитал, чие богатство следи од еден друг закон, кој се нарекува закон на моќта. Повторно, погледајте детално во дистрибуцијата на богатство и ќе ви ја даде точно дистрибуцијата предвидена од Јаковенковата теорија. Ова, кажува Јаковенко, докажува дека Маркс бил во право кога кажал дека современото „општество“ се состоело од две различни и спротивставени класи: капиталисти и работници.
Така современата физика покажа дека не само што Маркс бил во право со неговата основна анализа, но дека тој бил во право, бидејќи неговите заклучоци произлегуваат од најосновните закони на физиката, законите на термодинамиката.
Постои исто така помалку очигледен заклучок, кој можеме да го добиеме од физиката, а кој се однесува на непожелноста од пазарен „социјализам“. Можеме да видиме од Јаковенковиот труд дека една пазарна „социјалистичка“ економија би имала исто така многу нееднаква дистрибуција на парите. Постои исто така Гибс-Болцманов закон што би владеел. Мал број на луѓе или задруги би завршиле со многу пари, и многу такви луѓе или задруги би завршиле погодени од сиромаштија. Од ова капитализмот би бил регенериран.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/koksot/2008/fizika.htm