Аманда Ји е новинарка и организатор со седиште во Бруклин. Таа е управен уредник на Liberation News, а нејзиното пишување се појави во Monthly Review Online, The Real News Network, CounterPunch и Peoples Dispatch. Подолу ќе прочитате за нејзиното искуство во Куба како и нејзините три поуки.

Минатиот месец, јас отидов во Куба како дел од делегација од 20 лица за да доставиме 60.000 американски долари со цел купување лекови и медицински материјали до две детски болници таму. Оваа делегација беше организирана од Hatuey Project, организација која работи на доброволна основа и редовно носи медицинска и хуманитарна помош во Куба. Како дел од 10-дневното патување, се сретнавме со претставници на различни кубански организации, институции, па дури и со членови на Парламентот. Преку овие разменувања, научивме за тоа како народот на Куба е ангажиран во нивниот тековен револуционерен процес, нивниот проект за изградба на социјализам и влијанијата на американската политика врз секојдневниот живот.

Еве три клучни лекции што ги извлеков од нашата делегација.

  1. Целото кубанско општество е под влијание на американската блокада

Американската блокада на Куба, која е на сила од 1960-тите години, е акт на економска војна. Политичките мотивации зад неа се јасни уште од самиот почеток: да се направи животот на островот толку мизерен што кубанскиот народ ќе ги насочи своите фрустрации кон Комунистичката партија и ќе ја собори, отворајќи пат за американските деловни интереси да се вратат. Ова е американската политика кон Куба повеќе од 60 години.

Како што нагласија претставниците со кои разговаравме, нема сектор на општеството што блокадата не го допира. Условите сега се полоши од кога било: Блокадата доведе до екстремни недостаси на храна, брашно и гориво. Електричните прекини стануваат сè почести.

Меѓутоа, земјоделците не можат да одгледуваат храна на големо, бидејќи блокадата им ги негира пестицидите, ѓубривата и опремата потребни за тоа. Многумина се потпираат на земји како Мексико кои донираат трактори, мотики и друга земјоделска опрема.

При примањето на нашата медицинска испорака, еден доктор во детска болница во Санта Клара ни раскажа дека лековите се најпотребни, а сепак најмногу засегнати од блокадата. Блокадата не само што спречува клучни лекови да стигнат до островот, туку суровини, наука и технологија потребни за нивно производство. Како и најефективните третмани за рак кои се произведуваат во САД. Во Куба докторите немаат пристап до нив, тие често бараат алтернативни третмани кои не се толку ефективни. Ова има очигледен влијание врз стапката на преживување.

Докторите исто така се жалеа дека недостигот на гориво го прави екстремно тешко за семејствата на пациентите да патуваат од нивните домови до болницата. Покрај тоа, недостигот на храна создава уште повеќе тешкотии за овие семејства. Како што разбравме, блокадата не влијае на одделни работи во изолација; таа создава преклопувачки кризи со кои секојдневните Кубанци мора да се справуваат.

Ова е суровата цена што кубанскиот народ продолжува да ја плаќа за нивниот социјалистички проект.

  1. Куба ни покажува дека е можен друг свет

Куба е пример дека постои иднина надвор од капитализмот, и дека таа иднина вреди да се бориме за неа.

Владата на Куба претставува демократија која е практично непозната за нас во САД. На нашиот последен ден, се сретнавме со неколку членови на Парламентот, или Народното Собрание на Народната Власт—највисокото политичко тело во земјата. За разлика од САД, овие владини претставници не примаат плата, ниту претставуваат групи со одредени политички интереси. Ниту пак имаат изборни кампањи или добиваат средства за кампањи.

Како што ни кажа еден член на Собранието, „Политиката не е бизнис. Тоа е одговорност на револуционерниот проект што го изградивме.“

Популарната консултација меѓу владините службеници и членовите на заедницата е важен демократски принцип во Куба. Секој нов потенцијален закон се дебатира и се доработува преку овој процес, вклучувајќи го и новиот Семеен Кодекс донесен во 2022 година. Високото ниво на политичко учество меѓу кубанскиот народ веројатно се должи на нивната вера во овој демократски консултативен процес.

И покрај блокадата, Куба ги мобилизира малкуте ресурси што ги има во служба на својот народ, особено на најранливите. Ние постојано бевме воодушевени од тоа колку многу Куба прави со толку малку. Во болниците што ги посетивме, нашата делегација—научена да се справува со олигархиите на здравствените и осигурителните системи во САД—беше воодушевена од посветеноста на персоналот да обезбеди сеопфатна и квалитетна нега на пациентите и покрај екстремните тешкотии што ги донесува блокадата.

Исто така ја посетивме Quisicuaba Agricultural Camp (Земјоделскиот Камп на Куисикуаба ) во провинцијата Артемиса, центар за поддршка на бездомни лица, како и за стари лица кои имаат потреба од поддршка во нивните пензионерски денови. По револуцијата земјопоседништовото беше укинато во Куба. Со тоа условите кои доведуваат до бездомништво таму се различни од оние во САД. Во Куба, бездомништвото обично е предизвикано од ментални здравствени проблеми, алкохолизам или губење на семејната поддршка, наместо иселување.

Quisicuaba им обезбедува на жителите сместување, клинички и психолошки третман, три оброци на ден, заедно со работилници и дневни програми. Има фарма на кампот каде заедно, жителите одгледуваат банани, слатки компири и касава, заедно со добиток. Кампот негува заедничко опкружување меѓу жителите, и неговата примарна цел е заштита и рехабилитација за да можат повторно да се вклучат во општеството. Центри за поддршка како Quisicuaba се субвенционирани од нивните провинциски влади.

Меѓутоа, во САД, над половина милион луѓе искусуваат бездомништво без никаква поддршка од владата, и соочени со подстандардните услови во повеќето засолништа за бездомници, тие често одбираат да останат на улица наместо да побараат прибежиште. Ова е реалната слика на животот во САД—нашата влада троши милијарди долари на војна и за поддршка на израелскиот геноцид во Газа додека бездомништвото расте, луѓето не можат да си дозволат основни потреби и инфраструктурата се руши.

Но, не мора да биде вака. Куба ни покажува дека е можен друг свет. Еден свет што ја центрира човечноста и достоинството на животот над профитот.

  1. Мораме постојано да го одбиваме очајот во борбата за овој нов свет

И покрај тешкотиите создадени од блокадата, бевме изненадени од тоа колку топли беа кубанските луѓе кон нас, гордоста што ја покажуваа кога зборуваа за нивната револуција и нивната непоколеблива решителност да не клекнат пред американската политика. Еден од највпечатливите делови од делегацијата беше посета на Центарот за Генетско Инженерство и Биотехнологија, истражувачки институт во Хавана.

Научникот со кој разговаравме таму се сеќава дека еден од најгордите моменти во неговиот живот беше придонесот за кубанската вакцина против COVID-19. Тие ја нарекоа таа вакцина „Abdala,“ по песната напишана од кубанскиот национален херој Хозе Марти во која главниот лик ја брани својата татковина Нубија од шпанските окупатори. Марти ја напишал таа песна за време на Десетгодишната војна на Куба против Шпанија. Преден план во колективната свест на луѓето е нивната борба за суверенитет и национално ослободување, секогаш.

Научникот ни кажа, „Кога твојата идеја е правилна, мораш да се бориш до крај.“

Ова беше клучен заклучок за мене како некој што живее во САД, особено со оглед на нивото на цинизам и песимизам меѓу некои сектори на Левицата тука. Американската блокада е на сила повеќе од 60 години. Повеќето Кубанци го живеат целиот свој живот под блокада. Ако кубанскиот народ останува толку решителен да ги брани достигнувањата на својата револуција, ако тие го одржуваат своето чувство за револуционерен оптимизам дури и под најтешки услови, какво изговор имаме ние да чувствуваме очај за она со што се соочуваме? За борбата против американскиот империјализам?

Верувам дека тој вид на песимизам е луксуз што ни е дозволен, но мораме да го одбиеме. Очајот е избегнување на нашата колективна одговорност на оние што живеат во срцето на империјата. Нашата сопствена влада го ограбува кубанскиот народ со векови, од окупација до сегашната блокада. Наша одговорност е да се бориме против злобните политики на САД. Само кога американскиот империјализам ќе биде уништен, земји како Куба ќе можат да дишат и да се развијат до својот целосен потенцијал. Ова го правиме прво и основно преку организирање, за да можеме да изградиме капацитет да го ослабиме империјализмот од внатре. Тоа е одговорност што сите ја делиме како оние што живеат во утробата на ѕверот. Им го должиме тоа на луѓето во местата како Куба.

Текстот во оригинал можете да го прочитате на линкот што следува: https://www.midwesternmarx.com/articles/three-lessons-i-learned-on-my-visit-to-cuba-by-amanda-yee