Човекот и социјализмот во Куба [Трет дел]

Долг и тежок пат

Патот е долг и полн со тешкотии. Понекогаш, се застранува од курсот и потребно е повлекување; понекогаш, премногу брзото темпо нè одделува од масите, а понекогаш темпото е споро и го чувствуваме притисокот на оние кои нè следат. Нашата амбиција како револуционери нè тера да се обидеме да се движиме нанапред колку што е можно повеќе, отворајќи го патот пред нас, но знаеме дека мора да ги сочекаме масите, кои ќе напредуваат побргу ако ги охрабриме со нашиот пример.

И покрај важноста на моралната мотивација, постоењето на две групи (неброејќи го она малцинство кои од различни причини не учествува во изградбата на социјализмот) е показател на релативниот недостаток на развој на општествената свест. Авангардната група е идеолошки понапредна отколку масите; овие вторите се стекнуваат со нови квалитети, но недоволно. Во првата група се случува квалитативна промена која овозможува да се жртвуваат во функција на нивниот авангарден карактер, вторите го прават тоа половично и мора да бидат подложени на мотивација и притисок од одреден интензитет; тоа е диктатура на пролетаријатот која се применува не само врз поразената класа, туку индивидуално и врз победничката класа.

Да се постигне целосен успех, сево ова наложува серија од механизми, револуционерни институции. Концептот на институционализација се вклопува во оваа слика на мноштво луѓе како маршираат кон иднината како хармонична целина на добро подмачкана машина која го овозможува маршот со тоа што дозволува природна селекција на оние чија судбина е да маршираат во авангардата и кои имаат моќ на награда и казна над оние кои ја извршуваат својата должност односно делуваат против општеството во изградба.

Совршена идентификација меѓу власта и заедницата

Институционализација на Револуцијата сè уште не е постигната. Бараме нешто ново што ќе овозможи совршена идентификација меѓу власта и заедницата во целина, прилагодена на специфичните услови на градењето на социјализмот и избегнување во најголем можен степен на клишеата на буржоаската демократија трансплантирани на општеството во формирање (законодавните домови, на пример). Некои експерименти беа извршени за цел постепено институционализирање на Револуцијата, но без многу брзање. Во најголема мерка бевме ограничени од стравот дека одредени формални аспекти може да ја замаглат крајната и најважна револуционерна цел: да го ослободиме човекот од отуѓувањето.

И покрај недостатокот на институции, кој мора постепено да го надминуваме, масите сега ја создаваат историјата како свесна целина на индивидуи кои се борат за иста цел. Иако постои очигледна стандардизација на човекот во социјализмот, тој е поцелосен; неговите можности за самоизразување и учество во општествениот апарат се бескрајно поголеми, без разлика што недостига совршен механизам за тоа.

Сè уште е нужно да се потенцираат кај неговата свест, индивидуална и колективна, учеството во сите механизми на насочување и производство и да се асоцираат на идејата за техничка и идеолошка едукација, со што индивидуата ќе разбере дека тие процеси се меѓузависни и нивното напредување е паралелно. Со тоа тој ќе стане целосно свесен за своето општествено битие, што е еднакво на неговото реализирање како човечко битие, кое ги скршило оковите на отуѓувањето.

Тоа ќе биде конкретно воочено во повторното доживување на неговата природа преку ослободениот труд како израз на неговите човечки особини во културата и уметноста.

Работата мора да добие нови услови

За да се развие во култура, работата мора да стекне нови предуслови; човекот како стока престанува да постои и се воспоставува систем кој овозможува исполнување на општествените обврски. Средствата за производство припаѓаат на општеството и машината е само фронтот каде обврската се исполнува. Човекот почнува да се ослободува од неподносливата помисла дека работата е единствено начин на задоволување на неговите животински потреби. Тој почнува да се пронаоѓа себеси во неговата работа и да ја разбира својата човечка големина преку создадениот објект, преку извршената работа. Тука повеќе не станува збор за поделба во неговото битие во форма на продавање на работна сила, која повеќе не му припаѓа; напротив, тоа покажува воздигање на самиот себе, придонес на животот на општеството од кое е дел, исполнување на неговата општествена обврска.

Правиме сè што е возможно да и’ го дадеме на работата ова ново значење на општествена обврска и да се придружиме во развојот на технологијата, од една страна, што ќе обезбеди услови за поголема слобода, и на доброволната работа од друга страна, темелено на марксистичката концепција дека човекот навистина ги остварува своите човечки потенцијали само кога произведува без физичката принуда да се продава како стока.

Јасно е дека работата сè уште има принуден аспект, дури и кога е доброволна; човекот сè уште не ја трансформирал принудата што го опкружува во условни рефлекси на општествена природа и во многу случаи, тој сè уште произведува под притисок на околината (Фидел ова го вика морална принуда). Тој сè уште треба да дојде до степен на духовна хармонија со неговата работа, без директен притисок од општествените услови, туку во нивно целосно разбирање преку новостекнатите навики. Тоа ќе биде комунизам.

Промена во свеста не доаѓа автоматски, како што не доаѓа автоматски ни во економијата. Промените се спори и неправилни; постојат период на забрзување, други се внимателни, а некои подразбираат и повлекување.

Првиот преоден период кон комунизмот

Мораме истотака да земеме во предвид, како што претходно посочивме, дека не сме пред период на чист преоден период како што го замислил Маркс во „Критиката на Готската програма“, туку поинаква фаза која не ја предвидел: првиот период на преодот кон комунизмот или во градењето на социјализмот. Елементи од капитализмот се присутни во овој процес, што се случува во виорот на жестока класна борба. Овие елементи го отежнуваат комплетното разбирање на суштината на овој процес.

Ако на ова се додаде схоластиката што го спречуваше развојот на марксистичката филозофија и го отежна систематското третирање на овој период, чија политичка економија сè уште не е развиена, мора да се согласиме дека сè уште сме во пелени. Мораме да ги проучиме сите почетни карактеристики на овој период пред да воспоставиме поопсежна економска и политичка теорија.

Теоријата која ќе произлезе сигурно ќе даде нагласок на два столба на социјалистичката конструкција: формирање на новиот човек и развој на технологијата. Сè уште треба многу да постигнеме на двете полиња, но оддолжувањето е помалку оправдано доколку се однесува на технологијата; овде не е случај на слепо напредување, туку повеќе следење на ширум отворениот пат од најразвиените земји на светот. Затоа Фидел толку остро инсистира на нужноста од технолошка и научна формација на целиот народ и особено авангардата.

Поделба помеѓу материјалните и духовните потреби

На полето на идеите кои водат кон непродуктивни активности, полесно е да се види поделбата помеѓу материјалните и духовните потреби. Долго време човекот се обидува да се ослободи од отуѓувањето преку културата и уметноста. Тој умира секојдневно во тие осум и повеќе часови во кои е третиран како стока [commodity] за да ја поврати својата животност во своите духовни дела. Но овој лек во себе ја содржи сопствената болест: тој е осамено суштество кое бара хармонија со природата. Тој ја брани својата околина на потисната индивидуалност и реагира на естетските идеи како уникатно битие чии тежнеења остануваат апстрактни.

Тоа е обид за бегство. Законот на вредноста не е веќе само одраз на производните односи; монополистичкиот капитализам го опколил со комплексна пајажина која го претвора во покорен слуга, дури и кога методите се само емпириски. Уметникот мора да биде едуциран за уметност која е наметната од надградбата. Бунтовниците се поразени од апаратот и само исклучителните таленти се способни да ја креираат својата работа. Другите стануваат засрамени наемници или биваат скршени.

Уметничките експериментирања се измислени и се земаат како дефиниција за слобода, но овие „експериментирања“ имаат невидливи граници на кои доаѓаат; односно, кога треба да се третираат вистинските проблеми на човекот и отуѓувањето. Емотивната бесчуствителност и вулгарните потреби се безбедносните вентили на човековата нелагодност; се напаѓа идејата да се направи уметноста оружје на разоткривање и критика.

Ако правилата на играта се почитуваат, циркуски дресираниот мајмун е обилно награден. Условот е само да не се ни обидува да избега од невидливиот кафез.

Нов импулс на уметничкото експериментирање

Кога Револуцијата дојде на власт, настана егзодус на целосно припитомените; другите, револуционери или не, видоа нов пат. Уметничкото експериментирање се здоби со нова сила. Од друга страна, патиштата беа повеќе или помалку видени и концептот на бегство беше сокриен зад фразите за слободата. Овој став, израз на буржоаскиот идеализам во свеста, често се одржуваше и кај самите револуционери.

Во земјите кои поминале низ сличен процес, огромни напори со претеран догматизам беа направени во борба против тие тенденции. Општата култура стана нешто како табу и формално егзактното претставување на природата беше прогласено за врв на културните аспирации. Ова се претвори во механички приказ на општествената реалност создадена од пусти желби: идеалното општество, речиси без конфликти и противречности, кое човекот се трудеше да го создаде.

Социјализмот е млад и прави грешки. 

На нас револуционерите, многупати, ни недостига знаење и интелектуална храброст да се соочиме со развојот на новиот човек со методи различни од конвенционалните, а токму конвенционалните методи страдаат од влијанието на општеството кое ги создало (уште еднаш се јавува темата за односот помеѓу формата и содржината). Дезориентацијата е голема и проблемите на материјална изградба нè преокупираат. Нема уметници од голем авторитет кои имаат и голем револуционерен авторитет.Луѓето од Партијата треба на себе да ја преземат оваа задача и да бараат остварување на суштинската цел: да ги образуваат луѓето.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/gevara/1965/chov_soc.htm

Последно