Човекот и социјализмот во Куба [Четврти дел]

Социјалистички реализам базиран на уметноста од минатиот век

Тоа што тогаш се бараше беше упростувањето, кое секој го разбираше, поправо, функционерите го разбираа. Вистинското уметничко експериментирање беше уништено и проблемот на општата култура беше сведен на асимилирање на социјалистичката сегашност и мртвото (а со тоа и безопасно) минато. Социјалистичкиот реализам е всушност роден на основите на уметноста од минатиот век.

Но реалистичката уметност на 19-тиот век е истотака и класна уметност, можеби дури и почисто капиталистичка од декадентната уметност на 20-тиот век, каде емотивната тапост на отуѓениот човек најјасно се воочува. Во културата, капитализмот го дал сè она што имал да го даде и сè што останува е исчекувањето на трулеж и распаѓање; во уметноста, денешната декаденција. Но зошто барањето по замрзнатите форми на социјалистичката реализмот е единствениот исправен рецепт? „Слободата“ не може да се стави наспроти социјал-реализмот затоа што таа сè уште не постои; нема да постои сè до комплетниот развој на новото општество. Но да не ги осудуваме сите уметнички форми од втората половина на 19-тиот век наваму, гледајќи ги од кралскиот трон на реализмот по секоја цена; тоа би значело повторување на грешката на Прудон за враќање во минатото и врзување на уметничкиот израз на човекот кој се раѓа и се формира денес.

Идеолошки и културен механизам мора да биде развиен што ќе овозможи слободно експериментирање и продуктивен развој на плодната почва на државните субвенции.

Човекот на 21-от век

Грешката на механичкиот реализам не се јави во нашата земја, токму напротив. Не треба да создаваме нов човек кој ќе ги претставува идеите на 19-тиот век, ниту оние на нашиот декадентен и морбиден век. Треба да го создаваме човекот на 21-от век, иако ова е сè уште субјективен и несистематски стремеж. Токму ова е основата на нашето учење и работа; до оној степен до кој ќе постигнеме конкретни успеси на теориска основа и обратно, доколку ќе дојдеме до поширок теоретски заклучок врз основа на нашите конкретни учења и со тоа ќе дадеме значаен придонес на марксизмот-ленинизмот, на каузата на човештвото. Реакцијата против човекот од 19-тиот век ја донесе обновата на декаденцијата во 20-тиот. Не е многу сериозна грешка, но мораме да ја надминеме за да не оставиме отворена врата за ревизионизмот. 

Големо мнозинство луѓе се саморазвиваат, нови идеи добиваат нови поттици во општеството, материјалните основи на интегрираниот развој на секој негов член ја прави задачата уште поплодоносна. Нашата борба е во сегашноста; иднината е наша.

Интелектуалците не се автентични револуционери

Накратко, вината на многу наши интелектуалци и уметници потекнува од нивниот „првобитен грев“: тие не се автентични револуционери. Можеме да се обидеме да ги накалемиме дабовите така да даваат круши, но мораме и да садиме крушкини дрвја. Новата генерација ќе дојде ослободена од „првобитниот грев“. Веројатноста дека исклучителни уметници ќе се појават ќе биде многу поголема бидејќи ќе се зголеми културното поле и можностите за изразување. Наша задача е да ја чуваме сегашната генерација од застранување од нејзините конфликти, да се расипе и да ја расипе следната генерација. Не сакаме да создадеме платени работници подложни на официјално размислување ниту пак „другари“ кои живеат под закрила на буџетот, практикувајќи ја слободата во наводници. Револуционерите ќе дојдат пеејќи песни за новиот човек со автентичен глас на луѓето. Тоа е процес кој бара време.

Во нашето општество, младите и Партијата играат голема улога. Првите се особено значајни, затоа што од нив ќе биде извајан новиот човек, без сите претходни недостатоци. 

Младите добиваат третман соодветен на нашите стремежи. Едукацијата е сè повеќе интегрална и не го запоставуваме вклучувањето на студентите во работата од самиот почеток. нашите стипендирани студенти работат физичка работа за распустот или во тек на студиите. Во некои случаи работата е награда, во други е образовно средство; но никогаш казна. Новата генерација се раѓа.

Партијата: авангардна организација

Партијата е авангардна организација. Најдобрите работници се предлагаат од нивните другари за членови. Партијата е малцинство, но квалитетот на нејзините кадри и’ дава голем авторитет. Нашиот стремеж е партијата да стане масовна, но само тогаш кога масите ќе се развијат во авангарда, значи, кога ќе се образуваат до комунизам. Нашата работа е насочена кон овозможување на таква едукација. Партијата е жив пример: нејзините кадри мора да бидат професори по упорност и жртвување; со нивните дела мора да ги водат масите до крајот на револуционерната задача, што значи години на борба против тешкотиите во изградбата, против класниот непријател, грешките од минатото, империјализмот…

Сега сакам да ја објаснам улогата на личноста, човекот кој ги предводи масите кои создаваат историја. Тоа е нашето искуство, не рецепт.

Фидел даваше импулс на Револуцијата во првите години, тој секогаш ја предводеше и и’ даваше израз, но има и добра група револуционери кои се развиваат во ист правец како Фидел и голема маса која ги следи нејзините водачи бидејќи им верува. Им верува бидејќи тие лидери знаат како да ги протолкуваат тежнеењата на масите.

За индивидуите да се чувствуваат повеќе исполнети

Не е суштината во тоа кој колку килограми месо ќе изеде или колку пати годишно ќе летува на море или колку увозни добра може да купи со сегашната плата. Се работи за тоа индивидуите да чувствуваат поголема исполнетост, дека имаат поголемо внатрешно богатство и многу повеќе одговорност. Во нашата земја индивидуата знае дека славниот период во кој живее е период на жртвување; тој е запознат со жртвувањето. Првпат се сретна со тоа во Сиера Маестра и насекаде каде беа борбите; подоцна, го запознавме насекаде на Куба. Куба е авангарда на Америка и мора да издржи поголеми жртви бидејќи е на понапредна позиција, бидејќи на латино-американските маси им го покажува патот кон слободата.

Во земјата, лидерите ја исполнија својата авангардна улога; и мора сосема искрено да се каже, во една вистинска револуција, во која се жртвуваш себеси целосно без никакви мисли за материјална корист, задачата на авангардниот револуционер е и величествена и болна.

Дозволете да кажам, со ризик да испаднам смешен, дека вистинскиот револуционер е воден од силното чувство на љубов. Невозможно е да се замисли автентичен револуционер без овој квалитет. Тоа е можеби најголемата драма на водачот; мора да го спои страсниот дух со студен ум и да носи болни одлуки без ужаснување. Нашите авангардни револуционери мора да ја идеализираат својата љубов кон луѓето, за најсветата цел и да ја направат една и неделива. Не можат да паднат, во мали дози на секојдневна сентименталност, на теренот каде обичните луѓе ја применуваат својата љубов во практиката.

Голема доза на хуманост

Водачите на револуцијата имаат деца чии први зборови нема да ги чујат; имаат сопруги кои мора да бидат дел од нивното жртвување да ја доведат револуцијата до крај; нивните пријатели се строго ограничени на нивните другари во револуцијата. Тие немаат живот вон револуцијата.

Во такви услови, мора да се има голема доза на хуманост, голема доза на чувство за правда и вистина за да не се отиде во догматски екстреми, во студен схоластизам, во изолација од масите. Секојдневно мора да се бориш, зашто таа љубов кон живото човештво се преобразува во конкретни дела, во дела кои ќе служат за пример, како мобилизирачки фактор.

Револуционерот, идеолошкиот мотор на револуцијата во партијата, е обземен од оваа непрекината активност која завршува само со смртта, или додека не се оствари во светски размери. Ако неговиот револуционерен полет стане незаинтересиран кога се спроведуваат итни задачи на локално ниво и ако го заборави пролетерскиот интернационализам, револуцијата која ја предводи престанува да биде движечка сила и потонува во удобна поспаност и тогаш империјализмот, нашиот непомирлив непријател, почнува да победува. Пролетерскиот интернационализам е должност, но е и револуционерна потреба. Така ги образуваме нашите луѓе.

Опасности од догматизмот и слабостите

Очигледно е дека има опасности во сегашните услови. Не само од догматизам, не само од замрзнување на односите со масите во екот на големата задача; истотака постои опасност од слабостите во кои може да се најдеме. Ако човек мисли дека за да го посвети целиот негов живот на револуцијата, не треба да биде отргнуван од тоа со грижите дали на неговите деца им недостига нешто, дали нивните чевли се скинати, дали неговото семејство е во оскудица, токму со вакво размислување семето на распаѓањето успева да се пробие.

Во нашиот случај, ние се погриживме нашите деца да имаат, или да немаат, она што децата на обичниот граѓанин го имаат или го немаат; нашите семејства мора да го разберат и да се борат за тоа. Револуцијата е создадена од луѓе, но луѓето мора да го коваат револуционерниот дух од ден на ден.

Затоа одиме напред. Фидел е на чело на колоната – и не сме ни засрамени ни уплашени да го кажеме тоа – следете ги најдобрите партиски кадри, толку блиску до нив за да ја почувствувате нивната голема сила, дојдете до луѓето како целина, цврст сноп на индивидуалности кои се движат кон заедничка цел; индивидуи кои станале свесни што мора да се прави; луѓе кои се борат да го совладаат периодот на нужноста и да влезат во оној на слободата.

Тоа огромно мноштво си наредува на себе; неговите наредби се резултат на свеста дека се потребни наредби; тоа не е повеќе дисперзирана сила, поделена на илјадници делчиња расфрлани во просторот како фрагменти на граната, обидувајќи се сите средства, во жестока борба со нивните ближни, да се стекнат со позиција во која полесно ќе се соочат со неизвесната иднина.

Ние знаеме дека нè чекаат жртвувања и дека мораме да ја платиме цената на херојскиот факт дека стануваме авангардна нација. Ние, водачите, знаеме дека мораме да ја платиме цената за да имаме право да кажеме дека сме на чело на народот кој е пак на чело на Америка.Секој од нас точно го дава делот на неговото жртвување, свесен дека е награден од задоволството на исполнување на должноста, свесен дека напредува заедно со другите кон новиот човек кој се наѕира на хоризонтот.

Ние сме послободни бидејќи сме поисполнети

Дозволете да извлечам неколку заклучоци:

Ние социјалистите сме послободни бидејќи сме поисполнети; и сме поисполнети бидејќи сме послободни.

Скелетот на нашата слобода е формиран, но му недостига протеинска супстанца и обвивка, и ние ќе ги создадеме.

Нашата слобода и нејзиното опстојување е со боја на крв и испреплетено со жртвување.

Нашето жртвување е свесно; тоа е цената за слободата што ја градиме.

Патот е долг и непознат; свесни сме за нашите ограничувања. Ние ќе го создадеме човекот на 21-от век, ние самите.

Ќе зацврснеме во секојдневната акција, создавањето на новиот човек со нова технологија.

Личноста има улога на мобилизација и лидерство сè додека ги претставува најголемите доблести и стремежи на луѓето и додека не е одвоена од масите.

Патот го отвора авангардата, најдобрите помеѓу добрите, Партијата.

Основниот материјал на нашата работа е младината: во неа ги полагаме нашите надежи и ја подготвуваме да го преземе знамето од нас.

Ако ова задоцнето писмо ги направи некои работи појасни, ќе ја исполни мојата цел што го испратив.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/gevara/1965/chov_soc.htm

Последно