Човекот и социјализмот во Куба [Прв дел]

Писмо на мајорот Ернесто Че Гевара до Карлос Кихано, уредник на неделниот магазин „Марча“ од Монтевидео.


Ги завршувам овие белешки патувајќи низ Африка, воден од желбата да го одржам ветувањето, иако со мало задоцнување. Сакам да го направам тоа со зафаќање на темата што се споменува во насловот. Верувам дека тоа може да биде од интерес за уругвајските читатели.

Вообичаено е за капиталистичките гласноговорници да го употребуваат како аргумент против социјализмот подметнувањето дека таков општествен систем или период на градење на социјализмот во кој се наоѓаме се карактеризира со уништување на поединецот на сметка на Државата. Воопшто нема да се обидувам да го оспорам тврдењето на чисто теоретска основа, туку напротив, преку востановените факти на кубанското искуство и ќе додадам коментари од општа природа. Најпрво во општи црти ќе ја прикажам историјата на нашата револуционерна борба пред и по преземањето на власта.

Како што е познато, точниот датум на почетокот на револуционерните акции кои кулминираа на 1 јануари 1959, беше 26 јули 1953. Група предводена од Фидел Кастро ја нападна воената касарна Монкада, во провинцијата Ориенте, во раните утрински часови. Нападот беше неуспех, неуспехот стана катастрофа и преживеаните беа затворени, сè додека одново не ја започнаа револуционерната борба, откако беа амнестирани.

Во текот на овој процес, кој го содржеше само првото семе на социјализмот, човекот беше основен фактор. Човекот – индивидуализиран, конкретен, именуван – беше носител на довербата и триумфот или неуспехот на задачите доверени на него зависеа од неговата способност да делува.

Тогаш дојде периодот на герилска војна. Се водеше во две наполно различни средини: народот, како сè уште неразбудена маса која требаше да се мобилизира, и авангардата, герилците, потисниот мотор на мобилизацијата, генераторот на револуционерната свест и борбен ентузијазам. Авангардата беше катализатор што го создаде субјективниот предуслов неопходен за победа. Индивидуата истотака беше основен фактор во герилата, како рамка на постепената пролетаризација на нашата мисла, во револуцијата што се случуваше во нашите навики и во нашите умови. Сите до еден од борците на Сиера Маестра кои добија висок чин во револуционерните сили го постигнаа тоа со долга листа на забележителни заслуги. Токму врз основа на тие заслуги и го добија својот чин.

Првата херојска етапа

Тоа беше првиот херојски период во кој луѓето тежнееја да издржат голема одговорност, голема опасност, со исполнување на нивната должност како единствана сатисфакција. Во нашата револуционерна образовна работа, често се навраќаме на таа поучна тема. Човекот на иднината се наѕираше во нашите борци.

И во други случаи на нашата историја имаше повторување на оваа целосна посветеност на револуционерната кауза. Во текот на Октомвриската криза и во времето на ураганот Флора, бевме сведоци на дела на исклучително херојство и саможртва понесени од целиот народ. Една од основните задачи од идеолошка гледна точка е да најдеме начин да го внесеме таквиот херојски став во секојдневниот живот.

Револуционерната влада беше воспоставена во 1959 со учество на неколку членови на „продадената“ буржоазија. Постоењето на Бунтовничката Армија претставуваше гарант на моќта како основен фактор на сила.

Сериозните контрадикции што се појавија беа решени директно, во прва инстанца, во февруари 1959, кога Фидел Кастро го превзема водството во владата како премиер. Овој процес кулминираше во јули истата година со оставката на претседателот [Мануел] Урутија под притисок од масите.

Со јасно одредени карактеристики, тогаш во историјата на Кубанската револуција се појави нов субјект кој постојано ќе биде присутен: масите.

Целосно и точно толкување на народните желби

Ова повеќелико битие не е, како што се тврди, сума на елементи од ист тип (или уште помалку, редуцирано на ист тип од системот наметнат на нив) и кое делува како припитомено стадо. Точно е дека масата ги следи лидерите, особено Фидел Кастро, без двоумење, но степенот во кој тој ја стекнал таа доверба се должи токму на целосното толкување на желбите и стремежите на луѓето, како и на искрената желба да се остварат дадените ветувања.

Масите учествуваа во Аграрната реформа и во тешкото преземање на управувањето со државните претпријатија; го покажаа своето херојство кај Плаја Хирон во борбите против групата бандити вооружени од ЦИА; за време на Октомвриската криза оставија свој белег на еден од најбитните настани во денешното време и продолжуваат со градење на социјализмот.

Гледајќи површно на нештата, може да изгледа дека тие што зборуваат за потчинување на индивидуата на Државата се во право; со неспоредлив ентузијазам и дисциплина, масите ги спроведуваат задачите одредени од власта без оглед на нивната природа: економска, културна, спортска итн. Иницијативата најчесто доаѓа од Фидел или високата команда на револуцијата; таа е објаснета на народот, кој ја прифаќаат како своја. Понекогаш, локалното искуство е земено од партијата и од владата и со тоа е обопштено, следејќи ја истата постапка.

Сепак, Државата понекогаш прави грешки. Кога тоа ќе се случи, колективниот ентузијазам видно исчезнува како резултат на квантитативното исчезнување што се случува во секој елемент што го сочинува колективот и работата се парализира сè додека не спласне на безначајно ниво; тогаш е време да се корегираме. Тоа се случи во март 1962, со секташката политика наметната на Партијата од Анибал Ескаланте.

Дијалектичкото единство помеѓу Фидел и масите

Овој механизам очигледно не е доволен да осигура низа од свесни мерки; она што недостига е поструктуриран однос со масите. Мораме да ја подобриме оваа врска во следните години, но засега, во случаите на иницијативите кои доаѓаат од високите нивоа на власта, се служиме со речиси интуитивен метод за да ги ослушнуваме различните реакции на проблемите кои се поставени.

Фидел е врвен мајстор во ова; неговиот карактеристичен начин на интеграција со народот може да се разбере само кога ќе се види во акција. На големите јавни собири може да се забележи нешто налик на дијалог помеѓу две музички струни чии меѓусебни вибрации предизвикуваат сè понови тонови. Фидел и масите започнуваат да вибрираат со растечки интензитет чија кулминација е ненадејниот прекин понесен од победничките борбени извици.

Она што е тешко да го разбере некој кој не доживеал револуционерно искуство е ова блиско дијалектичко единство кое постои помеѓу индивидуата и масите, кои се во меѓусебна поврзаност, и масата, како целина сочинета од индивидуи, меѓусебно поврзани со лидерите.

Во капитализмот, слични феномени од овој тип може да се забележат со појавување на политичари способни да го мобилизираат народот, но ако тоа не е автентично општествено движење, кога и не е сосема точно да се зборува за капитализам, движењето ќе трае исто колку и неговиот промотор или додека стегите на капиталистичкото општество не стават крај на општата илузија. Во капитализмот, човекот е воден од бесчуствителни правила најчесто вон доменот на неговото разбирање. Отуѓената индивидуа е врзана во општеството со невидливи окови: законот на вредноста. Законот делува во сите аспекти на човековиот живот, оформувајќи ги неговиот пат и судбина.

Втор дел: https://lenka.mk/left_literature/chovekot-i-soczi%d1%98alizmot-vo-kuba-vtor-del/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/gevara/1965/chov_soc.htm

Последно