Ќе почнам со претставување на концептите што ќе ги користам во оваа презентација/текст: репродукција, глобализација и војната против жените. Темата е широка, особено ако заземеме глобална перспектива. Ќе ви ја претставам многу шематски.

Концептот на репродукција има долга историја. Репродукцијата првпат била спомената во 18 век во контекст на природните науки. Набргу мигрирала во општествените науки. Ја користеле во 18 век физиократите, првите економисти на капиталистичкото општество. Тие го користеле концептот „репродукција“ за да ги дефинираат механизмите што ги користи општеството за да се одржува. Маркс го користел концептот во своето дело со истото значење. Зборувал за репродукција на капиталистичкиот систем, упатувајќи на механизми со кои капитализмот се репродуцира себеси. Разликата била што Маркс го користел концептот „проста репродукција“ за да ја дефинира репродукцијата на работната сила. Ќе се вратам подоцна на тој концепт.

Репродукцијата станала политички концепт со феминистичкото движење од `70-тите, кога феминистките почнале да ги анализираат корените на женското угнетување и специфичните форми на експлоатација кои ги трпат жените во капиталистичкото општество. Репродукцијата, во овој контекст, ги дефинираше активностите со кои се репродуцира нашиот живот: домашната работа, размножувањето, сексуалната работа, како и семејството и општествените односи што ги одржуваат. Во меѓувреме откривме дека во капиталистичките општества активностите на репродуцирањето се присвоени од капитализмот. Тие се канализираат кон репродуцирањето на работната сила. И покрај тоа што тие ја репродуцираат работната сила, не се признаваат како труд и не се добива надомест за нив.

Во `70-тите бев дел од организација што се залагаше за „плати за домашната работа.“ Рековме дека Маркс немал право и дека основоположниците на социјализмот грешеле кога го ставиле производството на стоки во центарот на капиталистичкото организирање на трудот. Реално, без репродуцирањето на работната сила, на способноста на луѓето да работат, никаков друг вид на труд не може да се случи. Ако немате работници, ако немате луѓе што може да се појавуваат секој ден на вратите на фабриките и во канцелариите, не може да продолжат активностите. Поаѓајќи од оваа премиса, го анализиравме користењето на платата и наемниот однос, и откривме дека тие служат за да се скрие важноста на домашната работа. Тие служат за неутрализирање на оваа работа, да се направи да изгледа како лична услуга. И на тој начин да се направи невидлива како форма на експлоатација. Платата се користела и за да се создаде трудова хиерархија. Тоа почнува во семејството како центар на репродуцирање на работната сила. Сопругот, работникот кој добива плата станува надзорник на неплатената репродукциска работа на сопругата. Сфативме дека преку платата, капиталистичката класа и државата на сопругот му делегирале моќ да ја контролира домашната работа на жените и да ги казнува ако не работат во согласност со општествените очекувања. Така, домашното насилство станува интегрален дел од репродуктивната работа. Насилството е класичната казна за лицата без плата. Што може друго да користите против некого кој е неплатен за работата што ја врши според тоа што им треба на државата и на капиталот?

Вака е организирана репродукцијата што доминирала во капиталистичкото општество до `70-тите. Но со реструктурирањето на светската економија, што започнало во доцните `70-ти, репродуктивната работа исто така била меѓународно реструктурирана. Важно е да се согледа дека не бил реструктуриран само производниот процес на глобално ниво.

Разгледувањето на глобализацијата од аспект на репродукцијата беше важно, затоа што откри дека глобализацијата е политички процес, но и економски. Таа има многу структурни карактеристики на она што Маркс го дефинира како „првобитна акумулација.“ Како и првобитниот процес на акумулација, глобализацијата беше и е наменета да ја врати контролата на владејачката класа врз работниот процес, која била загрозена со борбите во `60-тите и `70-тите. Во `60-тите и раните `70-ти, цел бран антиколонијални, анти-апардхејдски борби, фабрички борби, студентски и женски борби, се здружиле за да ги затресат основите на капиталистичката политичка економија и, особено, да ги поткопаат хиерархиите и поделбите што ги изградил капитализмот внатре во пролетеријатот на меѓународно ниво.

Глобализацијата беше и сѐ уште е одговор на таа криза. Капиталот морал да ја преструктурира светската економија за да го поврати својот акумулациски капацитет. Средствата што биле користени биле класичните средства на капиталистичката моќ уште од самиот почеток: одвојување на производителите од средствата за производство, и, би додала, понатамошно обезвреднување на репродуктивната работа. Ќе ги разгледам последиците, особено за жените, како од новите форми на репродукција, така и од некои од борбите што се случуваат денеска како одговор на нивниот развој.

Една од главните алатки за реструктурирање на светската економија беше програмата за структурно приспособување што им ја наметнаа Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд на многу земји од таканаречениот Трет свет, во име на „должничката криза“ и „економската обнова.“ Во суштина, ова беше процес на реколонизација на цели региони од светот – Африка, Латинска Америка, делови од Азија. Структурното приспособување беше програма за реколонизација, затоа што ги уништи локалните економии, принудувајќи ги владите да ги отворат вратите за странските инвестиции и отстранувајќи ги сите протекционистички прописи; исто така, ги преориентира и „приспособените“ економии кон извозот на суровини и, давајќи им зелено светло на компаниите за експлоатација на природни ресурси (рударски и нафтени компании), предизвика разни форми на одземање, приватизација и комерцијализација на земјата, големи промени во сопственичките односи и уништување на многу комунални земјишни режими. Сите овие процеси избркале милиони луѓе од нивната земја. Уште пред сегашната бегалска криза, во текот на `80-тите и `90-тите, политиката на Светската банка и на Меѓународниот монетарен фонд и политиката на експлоатација на природните ресурси, доведоа до масовно истерување на луѓето од нивната земја и постојан проток на мигранти. Денес ширум светот, но особено во земјите богати со минерално богатство, рударските фирми доминираат како основна сила на производството. Тоа значи дека се трујат земјите и водите, реките се претвораат во отровни депонии. Додајте ги кон ова прекаризацијата на работата и расклопувањето на социјалната држава, што ги намали или елиминираше социјалните служби што биле воведени во многу земји по независноста.

Последиците од реструктурирањето што ги опишав биле особено разорни за жените. Тоа не е случајно, затоа што глобализацијата е напад на репродукцијата на работната сила. Направена е за да ги уништи најосновните потреби што ги имале луѓето за својата репродукција. Било неизбежно да бидат засегнати особено жените, бидејќи тие се главниот субјект на репродуктивната работа. Каде и да погледнеме, во секој регион и во секоја работна сфера, гледаме дека тоа влијаело особено врз жените во однос на нивниот пристап до ресурси, нивоата на експлоатација и општествената моќ. Го нагласувам ова за да ѝ се спротивставам на идејата промовирана од Обединетите нации, и прифатена од многу феминисти/феминистки, дека „глобализацијата“ била добра за жените, бидејќи многу од нив станале дел од наемната работна сила.

Капиталистичката класа и државните политичари во Обединетите нации многу рано го согледале значењето на феминистичкото движење. Феминистичкото движење првично било раширено, автономно движење на жените што го изразувало одбивањето на неплатената работа, на економската зависност од мажите и на ограничувањето на домашната работа. Обединетите нации набргу ги согледале субверзивните импликации од оваа борба. Затоа уште во 1975 година навлегле во сферата на феминистичката политика со првата глобална конференција за жените одржана во Мексико Сити. Сметам дека има многу интересна паралела тука меѓу интервенцијата на Обединетите нации во феминистичката сфера и интервенцијата на ОН во антиколонијалната политика неколку години претходно. Имено, кога ОН сфатиле дека антиколонијалната борба не може да биде поразена, се ставиле на нејзиното чело. Се назначиле за „деколонизатори“ за да се уверат дека овој процес ќе се случува во услови што не се непријателски за интересот на меѓународниот капитал. Нешто многу слично се случило и со феминистичкото движење. Обединетите нации навлегле во сферата на феминистичката политика за да осигурат дека женските барања на автономија, економска независност и крај на општествената и економската подреденост во однос на мажите фактички би се искористиле за повторно придвижување на капиталистичката машина за труд. Женскиот труд бил еден од главните двигатели за повторното придвижување на глобалната економија. Сметам дека била трагична грешка што феминистичкото движење не можело да смисли стратегии да го блокира овој проект, особено во смисла на политичкиот контекст на времето. Тоа бил политички контекст во кој многу работници, особено фабрички работници, го одбивале дисциплинирањето на индустриската работа, кога капиталот почнувал да ги растура традиционалните работни места и да го децентрализира производството, кога наемниот труд ги губел своите придобивки, кога се намалувале платите, кога синдикатите можеле да понудат само намалување на штетата. Ова е контекстот во кој Обединетите нации во име на женската еманципација ја презеле задачата целосно да ги интегрираат жените во новата глобализирана светска економија.

И покрај реториката на Обединетите нации, глобализацијата била напад врз жените и чекор кон дополнително обезвредување на репродуктивната работа. Денешните жени се првите жртви на процесот на раселување кој се одвива во многу делови од светот. Раселувањето е предизвикано од нафтени компании, рударски компании, кои во содејство со локалните влади и локалните шефови ги уништуваат комуналните режими доминантни во многу региони од светот, и ги бркаат луѓето за да може да им ги крадат ресурсите. Неодамна бев на една феминистичка конференција за фемицидот во Колумбија, во област каде што имало масовни раселувања на луѓе. Една од главните теми беше таа дека напаѓањето и убивањето жени се користи за бркање на луѓето од нивната земја за да се направи место, на пример, за копањето злато, што е многу деструктивно за животната средина. Во целата историја, жените се напаѓани, кон нив се однесуваат брутално, затоа што тие се лепилото што ги држи заедно заедниците и се во првите редови на оние што даваат отпор против уништувањето на нивните земји, шуми и води, бидејќи мора да ги репродуцираат своите семејства. Нивното тероризирање е еден од најефикасните начини да се обезбеди истерувањето на цели заедници од местата каде што живееле стотици години.

Жените денеска се главните бранители на руралните области во светот и главните губитници кога се приватизира или комерцијализира земјата. Затоа сега има војна против жените на меѓународно ниво. Една од мисиите на Светската банка е уништувањето на земјоделството за прехранување, при што се тврди дека земјата треба да се користи како гаранција за банкарските заеми со кои може да се започне некаков бизнис. Светската банка обвинува дека фактот што многу жени ја користат земјата за прехранување е еден од причинителите на сиромаштија во светот.

Во раните `80-ти, Светската банка беше една од агенциите што ги обвинуваше жените во „Третиот свет“ за предизвикување сиромаштија со произведување на премногу деца. Ги поддржуваше политиките за контрола на населението што довеле до стерилизација на многу жени во Индија, Индонезија. Денес ги обвинуваат дека се занимаваат со застарена форма на земјоделство. Реално, за многу луѓе во светот земјоделството за прехранување е основната разлика меѓу живот и смрт во регионите што се целосно осиромашени од меѓународните економски политики.

Како резултат на комерцијализацијата на земјоделството, жените денеска го губат пристапот до земјата. Како што се намалува земјата достапна за заедниците, во комуналните режими, оние што ја контролираат земјата (мажите), ги редефинираат правилата за учество. Тие редефинираат кој припаѓа и кој не припаѓа, кој има пристап, а кој нема, до земјата. Овој процес на исклучување помага да се објаснат некои од изблиците на насилство што се случуваат во неколку делови од светот. Како што веќе споменав, кон жените често се однесува брутално и се убиваат, затоа што се спротивставуваат на одземањето на земјата, без разлика дали од компаниите или од членовите на нивните семејства и заедници. Друг фактор за зголемувањето на насилството кон жените се суперексплоатативните форми на вработување што ги прифаќаат како одговор на економската криза со која се соочуваат.

Пример за тоа се условите за работа на жените што прават компјутери за Apple во Кина. Тие се толку лоши и угнетувачки што жените што работат во Foxconn често се закануваат дека ќе се убијат. Колку се жените осиромашени од глобализирањето на економијата може да се виде од зголемената појава на „сурогат-мајчинство“. Сурогат-мајчинството е симбол за положбата на жените во капитализмот. Во капиталистичкото општество жените се тераат да произведуваат работници за експлоатација. Сега достигнавме ново на експлоатација, каде што жените мора да ја продаваат не само својата работа во процесот на продукција и репродукција, туку мора да ги продаваат и своите деца. Мислам на развојот на „пазарот на бебиња“, втемелен на посвојувањето и сурогат-мајчинството. Ова е симболично за видот на криза со која се соочуваат жените и за борбата на која се принудени за да заработат некаков приход.

Жените исто така посегаат и по иселувањето, дури и во прекуокеанските земји, каде што главно работата што ја добиваат е домашна или сексуалната работа. За да може да се издржуваат себеси и своите семејства, жените мора да работат во ситуации што ја загрозуваат нивната безбедност, без истовремено да им обезбедуваат вистинска економска автономија и гаранција за безбедна иднина. Работниците-имигранти во домаќинството, на пример, во земјите во кои мигрираат се соочуваат со многу злоупотреби, особено кога немаат документи. Сè на сè, влегувањето на жените во работната сила и комерцијализацијата на цели области на репродуктивната работа, не им донесоа придобивки на жените. Сурогат-мајчинството е насилен процес. Тоа е насилство на носење на дете девет месеци знаејќи дека на крај ќе мора да се откажеш од него.

Позитивно е што жените организираат многу форми на отпор. Борбите на жените, според мене, се движат во две насоки: платата, до која често доаѓаат со миграција, и заедничките добра. Миграцијата е секако борба за плата. Мислам, можеме на миграцијата да гледаме како на некаков вид пораз, затоа што мора да го напуштите домот, семејството, често и децата. Истовремено е и борба затоа што има многу да се учи низ тоа – со секој чекор мора да се борите за да може да мигрирате, а тоа е одбивање на сиромаштијата. Тоа е обид да се преселите на места каде што ќе имате повеќе можности, поголема моќ да ја смените својата положба. Денес, меѓународните работници во домаќинството стануваат сè поорганизирани. Во САД, на пример, има моќни движења на домашните работници, главно мигранти, кои се борат за основни работнички права. За жал, сè уште немаме женско движење кое ќе може да ја претвори борбата на домашните работници-имигранти во широко женско движење против неплатената домашна работа, како и против платената домашна работа. Мора да ја промениме самата домашна работа и да ја поставиме репродуктивната работа на сосем нова основа. Во САД, жените се исто така во центарот на борбата за зголемување на минималната плата и за подобри работни услови.

Другиот правец во кој се движат жените е она што го нарекувам „создавање на заеднички добра.“ Ова е особено видливо во многу земји во Латинска Америка. Под „создавање на заеднички добра“ мислам на ситуација во која, соочени со брутално осиромашување, жените реагираат со креирање на покомунални, покооперативни форми на репродукција, како што се „народните кујни“, каде што жените и некои млади момчиња, ротирајќи, готват секој ден за стотици семејства, обезбедувајќи храна за младите, или ги чуваат децата и организираат простори каде што луѓето може да се соберат и да разговараат за тоа што треба да се направи. Во една заедница што ја посетив во Буенос Аирес, користат „театар на угнетените“, кој некои го преименуваат во „театар на отпорот“, за да се справат со општествените проблеми и за политичко образование. Тоа е театар во кој учествува секој, секој може да ги претстави своите идеи и своите решенија за проблемите што се дискутираат.

Овие експерименти се особено инспиративни, затоа што задача за сите нас е реконструирањето на општественото ткиво и врските на солидарност кои се уништени од процесот на глобализација, од индустриското преструктурирање и од гентрификацијата на нашите градови. Ова не е едноставна задача, оти за да се реорганизира нашата репродуктивна работа на покооперативен начин ни требаат повеќе време и простор. А тие сè повеќе се намалуваат во нашите заедници.

Сметам дека и ние мора да се движиме помеѓу платата и заедничките добра. Мора да се бориме околу платите, затоа што сѐ уште не можеме да ја надминеме монетарната економија. Дури и запатистите, кои според мене се најблизу до самоуправно општество, не го напуштиле целосно монетарниот однос. Сè уште мора да го продаваат своето кафе; мора да земаат пари, затоа што не се во положба да произведуваат сè што им треба. Прашањето е како ја користиме борбата за плата на начин кој нема да стане инструмент на поделба. Платата е меч со две острици, затоа што може да се користи за создавање хиерархија, да скрие области на експлоатација. Мора многу да внимаваме кога е платата во прашање. Но не можеме целосно да ја надминеме. Прашањето е дали може да ја комбинираме борбата околу платената работа со создавањето на заеднички добра, дали може да ја користиме платата за да ги засилиме нашите напори за создавање заеднички добра.

На ист начин како што не можеме да ја надминеме платата, не можеме целосно да ја надминеме ни државата. Сè уште мора да се бориме за јавните услуги, затоа што не можеме да ги замениме, барем сè уште не, и не можеме да создаваме покооперативни форми на репродукција, освен ако не го присвоиме повторно богатството што сме го произвеле. Тоа значи дека неизбежно мора да преговараме со државата и да се судираме со неа.

И во овој случај, прашањето е: каков е нашиот однос кон државата? Дали е таков што очекуваме државата да го организира нашиот живот? Или е таков што ѝ пристапуваме со моќ за да ја принудиме да ни ги даде оние ресурси што ни се потребни за да се организираме самите? Тука, запатистите се исклучок. Тие одбија какви било преговори со државата. Но во нашата ситуација, мора да преговараме и да се бориме со државата, затоа што немаме земја и други ресурси.

Во САД исто така е многу силна желбата за покомунални форми на живеење. Тоа е она што го изрази движењето „Окупирај“, и покрај сите свои ограничувања – потребата за градење заедници. Тоа беше израз на разбирањето дека не може да му се спротивставиме на оној вид напад што ни се заканува денес, освен ако не создадеме поколективни форми на постоење, освен ако не ги преобразиме нашите заедници во бази на отпор на сè поголемата комодофикација на нашите животи.

Со радост го очекувам создавањето на места во нашите заедници во кои ќе можеме да градиме нови форми на солидарност. Ова се иницијативите на кои треба да им ја посветиме нашата енергија, нашата политичка работа.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/federici/2016/reprodukcija-globalizacija.htm