Последните извештаи од Македонија зборуваат дека работничкото движење во таа злогласна провинција на Турската империја што е во распаѓање се шири сè повеќе и повеќе и покрај сите неволји и пречки од страна на властите, господарите и – што е уште поинтересно – од „револуционерите“. Така пред два месеца во Скопје 70 чевларски работници ја напуштија работата и ги поднесоа следниве услови: 1) скратување на работното време на 10 часови дневно; 2) зголемување на надниците, притоа вака: оние што добиваат по 8 гроша со 35% зголемување, а оние што добиваат повеќе од 8 гроша со 25%. Поголемиот дел штрајкувачи работеле кај еден Бугарин. Неговата милост, кога видела дека не може да ги принуди штрајкувачите да се вратат на работа со празни раце, се обратил до управата на „револуционерната“ „комитска“ организација.
И навистина, „револуционерната“ организација, сметајќи дека има генерално полномошно, како од робови, – великоумно реши работниците насилно да се натераат да се вратат на работа. За целта беше одредена една дружина „комитетлии“. Но, за жал, нејзината револуционерна мисла удри на тврдо: работниците не се уплашија од „револуционерите“ и од нивната глупава управа, туку ја продолжија борбата што ја завршија со успех: работодавците беа принудени да попуштат и работниците се вратија на работа, убедени на дело за какво „ослободување на робјето“ се бори таканаречената „Внатрешна револуционерна организација“. Малку подоцна во истиот град 40 кафтанџии (работници кои изработуваат кафтани) исто така беа објавиле штрајк, барајќи 30% зголемување. И тој штрајк беше завршен со победа, покрај сите маки и пречки. Овие два штрајка беа раководени од другари од Бугарија.
Исто така, по [пред] неколку месеци во Велес за време на бајрамот, кога е најголема работна сезона, 150 чевларски работници и чираци беа објавиле штрајк со намера да ги зголемат надниците. И во тој штрајк, како и во првите два, „револуционерната“ организација беше на страната на работодавците. Три до четири дена по објавувањето на штрајкот, шефот на месната организација Константинов (кој загина пред кратко време при нападот на некое српско село), во согласност со работодавците, ги повикал штрајкувачите и им се заканувал со смрт ако не се вратат на работа. Од друга страна, на една група од тие божемни „револуционери“ им било заповедано да развијат најжива агитација меѓу штрајкувачите со намера да ги разбијат и да им го свиткаат вратот пред работодавците.
Малку подоцна по тој штрајк, една комисија избрана од страна на шивачките работници беше предложила тарифа во која се предвидува работно време, надници и др. Работодавците, плашејќи се да не биде предизвикан општ штрајк што можеше да избувне секој момент, ја примиле тарифата без никакви измени, според предлогот на тарифната комисија. Тоа имало вонредно влијание врз работниците. Исто така во градот Штип имало неколку делумни штрајкови, но и таму работниците биле принудени да се борат со многу пречки, особено со месната „револуционерна“ организација, на чело со некојси Развигоров, кој многу се ангажирал на страната на работодавците и експлоататорите против работниците.
Исти појави – штрајкувачки движења – се чувствуваат речиси во сите поголеми градови во Македонија. Најцврсто и најсилно е движењето во Солун, каде што има големи индустриски претпријатија и каде што е натрупан доста голем дел од трговскиот пролетаријат. Се разбира дека, како и во другите градови, движењето и овде има мирен карактер. Штрајковите избувнуваат без никаква особена подготовка, организација исто така нема, а и ако се основа – таа е краткотрајна и во повеќето случаи завршува со слаб или речиси никаков резултат. Доста силно е движењето во градовите Серез, Драма и Кавала, каде што работат околу 80 илјади работници, поголемиот дел од нив преработуваат тутун. Постои движење и во Битола меѓу чевларските и пекарските работници, кои исто така штрајкуваа пред неколку недели. Движење постои и во Цариград, но сè подиво, без организација, без никаква претходна подготовка. Ова движење не само што има мирен карактер, туку е и распарчено и без врска. Пречките што ги среќаваат овие работници во стремежот да ја поправат својата мизерна положба се многу незгодни и тешки.
Тие се зголемуваат и со тоа што им прават пречки месните внатрешни организации. Во конфликтите помеѓу работниците и работодавците тие ја држат страната на овие последниве. Со тоа овие управници им ги отвораат очите на работниците по однос на своето „револуционерно“ дело. И не е далеку времето кога работниците ќе бидат и на дело уверени дека Внатрешната револуционерна организација се бори за слобода на господарите, а воопшто не за слобода на двојниот роб – македонскиот работник. Во секој случај држењето на Внатрешната организација и нејзините „војводи“ и обласни главатари кон работниците и нивната борба за поправање на нивната положба е поучна. Тоа ги тера, а и треба да ги натера, на помисла дека и тие во Македонија се должни да се организираат во свои самостојни класни организации и да поведат најенергична борба не само против султанската тиранија и безвластие, туку против лажните ослободители на Македонија – „комитетлиите“ (какви што можат да дадат само Бугарија, Србија и Грција).
Треба да се знае дека вистинската и сигурна шанса за успех на револуционерното движење во Македонија е можна само како класно дело на свесното работничко движење: спречувањето на правилниот и слободен развој на работничкото движење е спречување на борбата за ослободување на македонското робје. Тргнувајќи од таа гледна точка, сите свесни работници во Македонија треба да работат најенергично и да ги информираат македонските работници за реакционерството, некултурноста и кусогледоста на водачите на Внатрешната „револуционерна организација“.
Самиот ред на работите каков што е најкрасноречиво ни зборува за тоа дека револуционерното движење во Македонија не е во селата, туку во градовите – само градското работништво е оној елемент што е способен да го носи тој голем товар. Да се работи на тоа – да му се пречи да се организира и да си ја поправи својата положба – тоа во најмала рака значи да се води борба против слободата на Македонија.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/makedonija/rabotnicko-dvizenje.htm