Жената е изворот на промената

Пишува: Адријана Ананиева

Прашањето на кое треба да побараме одговор е – Што е причината поради која ние мора да се посветиме на слободата? Нашите размислувања нè доведоа да ново “пречитување” на членот 1 од Универзалната декларација за човековите слободи и права. Овој член од Декларацијата гарантира дека сите луѓе се еднакви. А не дека некои лебдеат над правата и слободите на жените. Статусот на жените е значително подобрен, особено во последните децении, но ние сме далеку од едно општество каде што мажите и жените се еднакви. Всушност разлика во третманот помеѓу мажот и жената се наоѓа на различни нивоа, како законски така и во општеството.

Почнувајќи со борбата на суфражистките за правото на глас од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век и политичкиот ангаржман на жените од високата класа, преку современите феминистички движења и битките за слобода на секое поле, економско, политичко, социјално, културно; борбата продолжува. Во минатиот век на жената и’ беше дозволено да влезе во кругот на кариеристите и зачекори уште некое скалило повисоко, “to rub shoulders” или да биде во делокругот на мажите од бизнис и политичкиот свет. Но, сепак да заостанува чекор зад нив.

Денес, жената е глава на семејството. Главата на семејството е изворот. Сè што има тежина е на нејзиниот грб. Да се грижи за домот, редот и поредокот во него, за децата, за работното место, да го одржува нејзиниот брак, да се наобразува и да напредува. Сепак, современиот свет и покрај тоа што и дозволи скалило повисоко, не ја ослободи од социјалните, културните, економските и политички стеги. Со цел да ја стекне својата слобода, макар и делумна, прво нешто што и’ е потребно е да се едуцира. Од најмала возраст. Второ, да се стекне со можноста да заработува за својот живот. Трето, да може да донесува одлуки за себе, за своето тело, за својата перспектива. И секое од овие права и слободи, во зависност од тлото за кое се работи, се попречувани повеќе или помалку.

Една членка на Европскиот парламент, италијанката Лиција Ронцули ја зема својата ќерка Викторија на парламентарните седници во Стразбур. Со носењето на своето дете на работа, го сврте вниманието кон прашања за тешкотиите со кои се соочуваат жените во обидот да се справат со работата и мајчинството. Можете да замислите колку е тоа лесно? Таа вели дека одлуката да го донесе своето дете со себе не е “политички гест туку мајчински”, имајќи предвид дека мнозинството жени ја немаат можноста да ги носат своите деца на работа.

Што е со породилното отсуството за татковците? Во наши, македонски услови смеат ли тие да си дозволат породилно отсуство со цел да се грижат за своите деца и жени, а притоа да не стравуваат дека ќе бидат осудени од општеството, стигнатизирани или не дај Боже да добијат отказ?

Maржан Сатрапи, иранско-француска, илустраторка и филмски режисер, е автор на “Персеполис”, исклучително автобиогрфско дело за животот на жените во Иран пред и по исламската револуција. Пример за автентичен израз на репресија и борба за своите права. Акција – реакција.

Се обложувам дека гола жена да прошета низ центарот на Копенхаген би можела да се собере повеќе погледи и внимание отколку еден политичар кој зборува на плоштад. И никој не би се заморувал со судови и преданија за нејзината променада. Тоа е таа слобода. Додека во арапскиот свет, жената ризикува да биде каменувана до смрт за бизарни нешта, како што се користење на Фејсбук. Гениталното осакатување на жените се’ уште постои во 21-от век.

Клучна точка во борбата за правата на жените е и наобразбата за феминизмот. Што тој значи, колку се’ правци има и кои му се целите? Како пример, може да се зборува за работата на Шимаманда Нгози, чија работа е да ги едуцира луѓето за важноста на улогата на жените и како општеството треба да ги почитува, поттикнува и промовира на ист начин како и мажите. Најпрво со сознанието за своите маки, своите амбиции и својата сексуалност од најрана возраст.

Образованието е клучно во потребата да се промени начинот на кој жената се гледа во светот. Феминизмот како определба не е само за жените, туку и за мажите кои ја разбираат вредноста на жените и како тие можат да придонесат кон развојот на нашето општество.

Сега е време да ги удвоиме нашите сили за нашите права и слободи до ставање на истите во сиот свој капацитет. Секој од нас може и мора да го направи тоа на свој начин!

Ќе победиме!

   

Последно