Се сеќаваш ли на еден ден? – Се викаше 8-ми март!Се сеќаваш ли на едно движење? – Се викаше феминизам!

„Класната борба е борба на жените, борбата на жените е класна борба!“
– Слоган на данско феминистичко движење „Црвените чорапи“

Се заборави ли ВИСТИНСКОТО значење?

Вековното потчинување на жената, нејзиното обезвреднување и класифицирање во групата на граѓани од втор ред; без право на соодветно образование, без право на работа и учество во политичкиот живот, резултирало со значајна борба. Која ќе донесе суштествени промени битни првенствено за „ослободувањето“ на жената и нејзината личност, а потоа и за воспоставување на „условно порамноправно“ општество. Оваа борба особено се сврзува и симболизира со датумот 8-ми март. Познат сега како Меѓународен ден на жената, но неговото суштинско значење лежи во првичната здобиена форма на името. Односно како Меѓународен ден на жените работнички или ден на меѓународна солидарност на жените во нивната борба за социјална, економска и политичка рамноправност. Како еден од најзначајните датуми во календарот на глобалното работничко движење, во кое жените го дале својот придонес за праведно општество. На кој сите работници независно на пол, раса, боја, верување се свествуваат за потребата од една заедничка битка.

За жал денеска, овој ден е целосно мејнстримизиран и изместен од коренот на своето првенствено значење, така што се поистоветува со денот на мајката, саканата, денот на вљубените. Проследен со патувања, подароци, без да се знае вистинската причина за сето тоа; што инаку целосно се вклопува во конзумеристичкиот дух на воспоставениот систем и овозможува негово егзистирање. Па наместо синоним за борба, признавање, успех, победа, стана синоним за прослава на постоењето на жената. Што пак од друга страна ги подгрева сексистичките апетити, пролонгирајки ја и одржувајќи ја војната меѓу родовите.

Процесот на раѓањето на 8-ми март

Во Август 1910 г., во Копенхаген,била организирана Меѓународна конференција на жените социјалистки, на која учество зеле 99 жени од 17 различни земји. Имено, Клара Цеткин, лидерка на Меѓународниот Социјалистички Женски Секретаријат, произлегла со предлог за воспоставување на Меѓународен ден на жената, кој би се одржувал секоја година, иако не бил конкретизиран датум за истиот. Идејата била, промовирање на еднакви права, вклучувајки го првенствено правото на глас, за жените.

Резолуцијата од Клара Цеткин гласи:

Во согласност со класносвесните политички и синдикални организации на пролетеријатот во секоја земја, социјалистките во сите земји ќе организираат Ден на жените секоја година. Пред сè, Денот на жените ќе има цел за постигнување универзално право на глас за жените. Ова барање ќе биде на линија со социјалистичкото разбирање на целото прашање за правата на жените. Денот на жените ќе биде меѓународен во својата природа и мора да се подготви беспрекорно.

Конференцијата решила дека барањата за денот на борбата треба да биде:

  1. Борба за право на глас за жените;
  2. Борба против закана од војна
  3. Борба за грижа за мајките и децата;
  4. Борба против пораст на цените.

Следствено наредната 1911 г., на 19ти март овој ден е одбележан за прв пат, од повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија, а само во Австро-Унгарската импрерија имало околу 300 демонстрации.

Иако во годините кои ќе следат, ќе има протести на жените во различни земји, ни еден од нив не е одржан точно на 8-ми март. Па така, во 1914 г., за прв пат Меѓународниот ден на жената е одржан на 8-ми март, најверојатно по игра на случајност, односно затоа што денот бил Недела. Како и да е од тогаш па до ден денешен, е усвоен овој датум како официјален.

Имено по избивањето на Првата светска војна во 1914 г., доаѓа до распарчување на интернационалното социјалистичко движење на две крила и тоа реформистичко и револуционерно, поделба која е понатаму продлабочена со Руската револуција. Реформистите се оние кои ќе го бранат капиталистичкото општество, сметајки дека истото треба да се менува постепено и дека исходите ќе бидат достигнати со реформи како што би биле здобивање на сите со право на глас. Од друга страна револуционерното крило, на кое ќе припаѓаат Клара Цеткин и Роза Луксембург, ќе укажат на единствениот начин на ослободување, можен само со суштинско и фундаментално менување на општеството во неговата капиталистичка форма. Воглавно оваа крило, по Руската револуција ќе ја основа Третата Комунистичка Интернационала, која ќе продолжи со одбележување на 8-ми март како Меѓународен ден на жената.

Свирепото искористување на феминизмот и искривената слика за него

Брзиот развој на општеството во последниве сто години, процветувањето на капитализмот и неговото пуштање на пипците во сите сфери на живеењето, доведе до огромни, суштински промени во многу аспекти, вклучително и во феминизмот. Како движење кое се засноваше на еден сон. Сон за социјално еманципаторско движење, со основен идеал на постигнување на егалитарно општесво кое почива на темелите на родова рамноправност. Како движење кое (посебно во својот втор бран) ја насочува својата борба против капиталистичкиот поредок и патријархатот-како вечни партнери, борба против економската експлоатација, политичката подреденост и статусната хиерархизација. Замисли, кои се чини се одамна редефинирани и реформулирани, целосно изместени од нивната оска на ротација.

Имено, воспоставениот систем во сегашната форма, користејки ги го својот техлоошки развој но и стремежите на феминизмот за раширување на своите идеи на глобално ниво, поврзување, делување и заштита на ранливите групи на меѓународен план, ќе му го пружи на ова движење развојот на технологијата пред се’ во сферата на комуникациите и можноста за создавање на јавно глобално мнение преку појавата наречена глобализација. Па ќе ги турне феминистките на големата светска сцена преплавена од повеќеслојни културолошки и идентитетски борби на повеќе полиња-насочени пред се против насилство, и таканаречени кампањи за жената; пасивизирајќи ги и оддалечувајќи ги од друга страна во активната критика на социо-економските и политичките збиднувања. Овозможувајќи им да ги изгубат основните начела на битките и да заборават зошто на прво место феминизмот е значаен, потребен и неопходен. И тоа како присутен активен сегмент во секојдневниот живот на секој маж и секоја жена, а патем и како социјално движење во левицата кое треба да се развива наместо да гасне.

Па така, слоганот-Класната борба е борба на жените, борбата на жените е класна борба, со кој парадираа жените по улиците во Данска, се чини е одамна подзаборавен (за многу и непознат), во поширокиот јавен дискурс посебно меѓу младата популација. Зашто истата е задоена и бомбардирана од мас-медиумите и невладиниот сектор, кои го сервираат феминизмот во неговата перверзно реинкарнирана, неолиберална форма. Односно, им овозможуваат на широките народни маси да го перципираат само и единствено како борба на жените од сите социјални слоеви како борба за жените; и тоа борба за кариера, за материјална сигурност, за ослободување од оковите на доминантната моќ на мажот. Па еманципацијата на младиот (пред се’) женски дух, ја водат во насока на градење на личност која треба да е во константен натпревар со својот машки ривал и противник. Подгревајќи ја и потенцирајќи ја посебноста на жената, нејзината супериорност. Градејки индивидуи, кои се натпреварувачки и кариеристички настроени, спремни да се понудат на пазарот на трудот, да се вклопат во капиталистичкото акумулирање, без патем да бидат соочени со класните антагонизми и капиталот како вистинскиот заеднички непријател на сиот човеков род.
Значи сфаќањето на феминизмот е толку мејнстримизирано и извадено од колосек што феминистките се сведени на рамниште на очајни жени желни за внимание, за превласт, за моќ, за доминација, за покажување на фактот дека жената е подобра од мажот, за замена на машката доминација со женската. Либералните битки за идентитети, од една страна, градат вакви женски индивидуи, а од друга страна мажи кои истиве ги презираат. И на трета страна стои воспоставениот систем кој опстојува во својата форма баш поради добро водената политика на раздели па владеј, независно дали поделбата е на основа на род, раса, маргинализирани заедници итн итн.

Па, тука е можеби клучното прашање-Каде згрешивме и во кој момент феминизмот скршна од својот пат? Сега жената има право на глас, на образование, на работа, вклучена е на пазарот на трудот-иако е се’ уште помалку застапена и платена во професионалната сфера, правно и институционално сепак е еднаква. За што тогаш треба да се водат битките и дали воопшто треба?-се прашањата кое широките народни маси често си ги поставуваат. И ќе си ги поставуваат, затоа што треба да бидеме свесни дека живееме во свет на привидна рамноправност. Затоа што патријархалниот модел на воспитување-кој го воспева мажот, неговата доминација, авторитет кој не се доведува во пашање; паралелно прокламирајки го семејството како несомнен нуклеус на битисувањето и потчинувајќи ја жената, е толку навлезен во секојдневието и порите на нашето живеење што се смета за нормален. Нормално е жената да работи двојна неплатена работа (професионално и дома) и тоа од неа да се очекува како обврска-но не само од сопругот, туку и од нејзе самата.

Затоа несомнено дека одговорот на горните прашања е потврден, дури и повеќе од тоа.
Потребни се фундаментални промени во менталитетот на народот, сфаќањето на рамноправноста и потребата од истата.

Потребно е ширење на еманципаторските идеали на феминизмот-не како движење за супериорноста жената (како што обично е доживеано), туку како движење за егалитарно општество за кое постои еден род-човечки.

Потребна е заедничка борба против најлукавиот и најпромислениот противник. Оној кој носи име- Капитализам , кој низ својата призма не гледа мажи и жени, напротив гледа само работници- потрошен материјал, кој е мобилен, брзо се генерира и е лесно заменлив со нов.

Авторка:
Дијана Бојковска – активист на ДСП Ленка

Последно