Реакција на еколошкото здружение Здрава Котлина
Во текст на Фронтлајн, новинарската перјаница на СДСМ, Љубиша Николовски ги нарече Струмичани, Ново Селци и сите останати во Југоисточна Македонија дека се лицемерни и дека ако победил Груевски на избори во декември 2016 пепел ќе сме станале. Дека можеби Груевски имал право кога напишал дека отпорите во Југоисточна Македонија се добро платени од некаква конкуренција. Е сега да расчистиме некои работи:
Прво, да го прашаме новинарот дали во тие лицемерни и добро платени спаѓаат СДСМ заедно со Зоран Заев, Перо Костадинов, сегашни и бивши функционери на СДСМ од Југоисточна Македонија? Затоа што друга песна пееја за рудниците и ветуваа пред изборите во декември 2016? Особено пред локалните избори во 2017. Еве ќе си земаме за обврска да ги објавуваме видеата и постовите од тоа време за нештата да бидат појасни пред изборите што следат оваа или следната година. А Љубиша слободно нека одговори кога сака, ако пак не знае нека ги праша во СДСМ.
Второ, се работи за живот, здравје, имот и приходи на 150.000 илјади луѓе кои во Југоисточна Македонија се поврзани претежно со земјоделството и градежништвото. Новинарот може и не се грижи многу за ова и оди на гола неодржлива политика веројатно од лукративни причини. А можеби е глуп или луд. Оти до сега ако малку се потрудил ќе можеше да разбере дека не може да одговори на низа прашања што ниту Грујо не може да ги одговори а да не го плукаат. Ќе мора да не се сеќава или да не знае.
Еве едно просто и практично прашање проблем за новинарот сезнајко: Од една дупка што станало езеро полно со киселина која има Ph вредност помеѓу 2 и 3, почне да истекува киселина со проток од 20 литри во секунда, и за која се потребни 2 милиони долари годишно во следните 300 години, кој ќе плати за чистење на таквата река од киселини?
Потенцијални одговори:
а. Еуромакс Ресурси
б. Локалните општини Босилово и Ново Село
в. Љубиша Николовски
г. СДСМ
д. Никој нема да плаќа
ѓ. Државниот буџет
Малку помош за новинарот е дека Еуромакс ќе го земат златото и ќе си заминат пред да се наполни дупката со киселина, Љубиша Николовски нема толкави пари, СДСМ ќе биде некаде зафатен со други процеси, Локалните општини Босилово и Ново Село имаат по 3 милиони евра вкупен буџет. Останува државата да плаќа за лицемерните Струмичани, Босиљане и Новоселци, оти ако не плаќа тогаш таа река од киселина ќе си тече во Струмичкото поле и ќе ги труе тие неблагодарни поткупени луѓе што протестираат воопшто да нема такви рудници и реки!
Трето имаме многу такви практични прашања за новинарот и СДСМ па ќе ги поставиме на секој митинг и рамо до рамо настан за да видиме кој ќе стане ПЕПЕЛ на следните избори. Очигледно работите излегуваат од контрола за СДСМ со вакви текстови па да видиме како ќе заврши ова!
Четврто имаме убави документирани примери за трговии со влијание, фалсификување, злоупотреба на службена положба и овластување, инсајдерски тргувања, криминално здружување итн…
Зар не ви е јасно дека оваа игранка е завршена и шумарот е повикан и само што не дошол?!
Благодарност до Љубиша и секое добро од лицемерните Струмичане и цела Југоисточна Македонија!
Во оваа прилика само да посочиме дека партиите попусто се караат кој е одговорен за глупостите со рудникот Иловица-Штука. Многу поефикасно е да се поништат одлуките и концесиите а потоа да се спроведе истрага за кој што направил или не направил. Еве ќе имате и помош од преку барата по примерот на МАТАВ па гледајте си со време…
А рудник никогаш нема да има во Струмичко!
П.С: Имавте потполно право за феноменот дека власта на СДСМ секогаш ја рушат новинари блиски до СДСМ!
Ќе додадеме дека интересен феномен е како ставовите и политиките на Грујо се промовираат од перјаници на СДСМ по селективна потреба… Психолошки ефект или нешто друго е во прашање?