Пишува: Златко Стојанов
Сите патишта водат кон Рим, вели старата поговорка. Кога сме на темата на патиштата, дали сте слушнале за проектот на власта за Коридорот 8, патот што ќе ја поврзе Македонија со Европа. Овој пат не само што ќе донесе економски придобивки, туку и метафорично ќе ја поврзе Македонија со Европа преку нашата трансформација во меѓународен премин.
Да, ние секој ден слушаме за овој проект, но вниманието ќе го насочам кон еден друг момент и ќе поставам неколку прашања во врска со овој проект.
Прашањата наједноставно кажано, ќе бидат такви што просечниот човек би ги прашал за проектот, и верувам дека одговорот кој тој ќе го добие откако ќе изврши кратка ретроспекција, кај него ќе доведе до определени емоции (гнев). Но ајде да започнеме.
Сите знаеме дека нашата држава, преку нејзината славна историја, зачната некаде во палеозоикот од античките македонски кралеви има долга традиција на градежништво, и таа треба да се негува и денес.
Претходната власт, сакајќи да им оддаде почит на нашите предци, одлучи да гради споменици во барокен стил (многу популарен за време на Османлиската империја, прашајте ги нашите историчари), по теркот на античките мајстори, користејќи го најквалитетниот гипс-картон, и саморѓосувачки метали и успеа да создаде архитектонски чуда невидени досега. Па како може човек да го надмине ова. Како власта денес да покаже дека и тие можат да градат такви ремек дела. Па преку емулацијата на Рим, таа прастара цивилизација, лулката на модерниот Запад (втори по нас секако).
А како да се оддаде почит кон Рим, ако не преку градење на пат, еден таков величествен и моќен, кој ќе ја спои Македонија со светот и ќе доведе невиден просперитет, како од Рогот на изобилството низ улиците ќе тече мед и млеко.
Но, овде се појавуваат тие Неверни Томи, делизери кои прашуваат несоодветни прашања, кои не ни заслужуваат одговор. Колку пари ќе се потрошат за овој проект? Каков квалитет ќе биде патот, со оглед на тоа што ние немаме добар перформанс во делот на антикорупција? Зошто се поставува шеесет часовна работна недела, спротивно на Законот за работните односи? И на крај, зошто секој нов закон се носи по брза постапка?
Замислете некој вам во дава можност да создаде рај на земјата, а вие го трошите неговото време со тривијалности како работнички права, и неоправдан страв дека парите ќе ги снема од корупција.
Каков врв на дрскост е тоа да се сугерира дека Македонија е земја изгниена од внатрешен коруптивен елемент кој би се протнал во овој проект и би ја испразнил државната каса. И
да се сугерира, крајно злокобно би кажал, дека ние имаме историја на полураспаднати градежни проекти, чии тендери се дадени на криминалци. Крајно злобно и невкусно!
Но на крајот, сите знаеме како ќе заврши оваа приказна. Не треба човек да биде пророк за да може да дојде до еден крајно едноставен заклучок, патот ќе се изгради во горе-доле задоволителен метод (за наши стандарди – тоа значи дека тој ќе започне да се распаѓа за минимум пет години по изградбата), изграден од исто така горе-доле прикладни материјали (читај најевтиното што може да се купи, наплатено по највисоката цена што може да се приграби), и во кои правата на работникот ќе се почитуваат (најниска плата што може да се даде, никакови правила за безбедност нема да се почитуваат и не дај Боже некој ќе настрада). Но, од светлата страна, барем патот се гради на земјата, па работникот нема да падне од скеле.
Пред да заминете ви поставувам една молба, проследена со кратка поучна анегдота. Кога слушате како некој ви вели како неговиот проект ќе ви донесе невиден просперитет, само вие верувајте во него, ве молам користете го вашиот разум и размислете дали тој го има вашиот најдобар интерес при срце. А анегдотате е ова, Мао Це Тунг, познатиот кинески орнитолог, кога забележал дека складиранотo кинеско жито било јадено од врапците, добил идеја да се поведе кампања за истребување на нив. И таа биле успешна, нивниот број толку многу се намалил, што не можеле веќе да го намалат бројот на скакулците, кои потоа го изеле житото, и настапува глад.