Во името на работниците – Ивана Атанасовска

Правилата на глобалната економија треба да бидат насочени кон подобрување на правата, благосостојбаta, безбедноста и можности за луѓето, семејствата и заедниците низ целиот свет. – Светската комисија за социјална димензија на глобализацијата, 2004

Во оваа колумна нема да користам филозофија за да ја искажам маката на работникот. Сигурно ќе бидат кажани работи кои се познати, но очигледно работите стојат во место, а се додека стојат постои и простор за сѐ повеќе вакви текстови.

Достоинството, еднаквоста, правдата, сигурноста – македонскиот работник на хартија.Кочо Рацин бил дел од денешното општество – „ За туѓи бели дворови копај си црни гробови“. Каква иронија, каква неправда во сопствената земја, во земјата каде си се родил и си растел.

За македонскиот капиталистички газда работникот нема достоинство, за него тоа не постои. Понижување, мобинг, одземање на секое работничко право се дел од секојдневието на македонскиот работник. Газди, сработете го самите она што го прават вашите вработени за „ незаслужената плата која им ја подарувате “ како што самите милувате да кажете. За Вашата мизерна плата која не може вашиот вработен да го плати патот од дома до работа. Чинам постоеше агенда за пристојна работа на МОТ, но очигледно намерно е заборавена односно за Македонија е непозната. Социјална работа, создавање работни места и почитување на меѓународните стандарди на трудот. Стандардите создадени како оснава за работникот како човечко суштество.

Работник кој останал инвалид на работно место, работникот кој нема здравтвено осигурување, работникот кој не добива плата, работникот кој починал на работното место. Да, сето ова е дел од нашето секојдневие. На прашањето кој одговара за ова едноставно постои – НИКОЈ! Класна борба, опстанок за живот, за мизерен живот, тонење во сиромаштија, борба за преживување, нели е време нештата да се менуваат? Според мене и црвената линија е премината многу одамна. Веќе е премногу доцна за сѐ уште да се чека.

Ние имаме еден живот, една шанса за достоен и праведен живот кој доликува за едно човечко суштество. Стравот и бесот, немањето слобода и правда, газди, не е вечно. Работникот е обесправен и немоќен, но не и неважен. Можеби токму вие сте оние кои ќе бидете симнати од тронот и нема да поминете како вашите претходници. Со некого мора да се пресече. Не сакаме да живееме во општество каде треба да преживуваме.

Работниците не знаат што значи – ЈАС ИМАМ ПРАВО, само знаат дека НЕМААТ НИКАКВИ ПРАВА. До кога ќе се трпи неправдата, зарем тие не се луѓе, зарем немаат право на достојна работа, зарем немаат право на одмор, на лекување, на еднаквост пред законот како и сите останати? Постојаното цртање на исти кругови од сопствениот живот мора да престане сега и овде. Некој друг го креира нашиот живот, против наша волја, гази преку нас и ние не велиме СТОП – исто како да не си живеел, исто како да не си се родил. Верувајте ништо не е вечно. Мора да има голема борба во која на крајот ќе бидат победници работниците, ќе имаат свои права и чиста совест за идните генерации. Само слободниот работник може да победи.

Станете сите да зечекориме со паролата на слободното живеење каде работата ќе биде задоволство, а не измачување. Моќните газди не се моќни колку работници заедно. Ќе направиме силен синдикат кој ќе ги штити правата на работниците, синдикат кој е демократски и независен и кој работи во името на работниците, не синдикат кој постои само колку да постои. Ќе имаме синдикат кој нема да ги крати правата на работниците како што постојано тоа го прави сите овие години. Мнозинството синдикалисти ќе се борат за правата на работниците. Оние синдикалисти кои ќе наликуваат на денешните своето место нека го бараат на друго место. Без работничката класа нема опстанок, нема напредок, нема општество. Привилегијата на правото да се биде работник- чесен и лојален е непроценлива.

За крајот на оваа колумна би завршила со познатата:

Пролетери од сите земји, обединете се!

Авторка:

Ивана Атанасовска

 Активистка на ДСП  – ЛЕНКА

Последно