Професорката Билјана Ванковска е кандидатот на партијата Левица за претседателските избори на 24 април и 8 мај. Ванковска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека според неа изворот на проблемите е Уставот за кој рече „личи повеќе на фустанот на Пепелашка, кој е целиот од крпеници од разни амандмани кои секој ги толкува како што сака“
„Следно е собирањето 10 илјади потписи кое планираме да го финишираме успешно и да го имаме според нас најдобриот разумен кандидат“, вели претседателот на Левица
Според претседателот на партијата, Димитар Апасиев, тие го имаат најдобриот кандидат. Ванковска, како што рече Апасиев на денешната промоција на кандидатот, во внатрепартиските анкети, каде што имало повеќе имиња, го имала најдобриот скор.
„Следно е собирање 10 илјади потписи кое планираме да ги финишираме успешно и да го имаме според нас најдобриот разумен кандидат“,рече Апасиев.
Ванковска која рече дека се чувствува како дел од тимот на Левица, иако не е член на партијата, упати благодарност на довербата и одговорноста за заеднички настап на овие избори.
Таа додаде дека е свесна оти ова ќе биде, како што рече, тешка и валкана кампања, полна со шпекулации. Верувам, додаде таа, дека ќе има добри кандидати со кои ќе можеме да ги одмериме ставовите, а имам чувство дека ќе се најдам сама против сите.
Професорката Ванковска во своето претставување потсети дека пред 10 години како независен кандидат се обидела на влезе во фазата на собирање 10 илјади потписи.
„Зошто 10 години подоцна се враќам на ова? Затоа што сфатив дека многу работи се променија. Прво и основно ако станува збор за мене како кандидат овој пат нема да бидам, како што велат некои, политичка манекенка која само ќе пропарадира и нема да успее. Овој пат сум со многу поголема самодоверба, дека постои еден тим. Она што ме доближува до Левица е патриотизмот преплетен со левичарството. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност и тоа е вториот фактор што ме натера да ја прифатам оваа покана. Тоа е дека за 10 години Македонија е сè што немаме. За 10 години е во многу полоша ситуација од што било што јас можев да претпоставам во она време“,рече Ванковска.
Таа рече дека може е еден од ретките јавни интелектуалци кој никогаш не криел дека има леви погледи на светот и пред да постои Левица. Всушност, како што рече Ванковска, објавата за формирањето на Левица било на еден од нејзините родендени, 14 ноември.
Според Ванковска, Македонија тоне во бермудски триаголник.
„Триаголникот има три агли, а ние имаме три договори кои ја влечат да тоне во политичка, демократска, идентитетска и секаква друга смисла. Години подоцна, од првиот договор, Рамковниот, па до овој последниот, па и ова што ни виси над глава со уставните промени што ги бара Бугарија, се елементи кои не даваат надеж или шанса да веруваме дека ќе испливаме или дека ќе тргнеме кон подобро утро. Ова е крајно време да се сврти нов лист“,додаде таа.
Ванковска, одговарајќи на новинарски прашања рече дека според неа изворот на проблемите е Уставот, за кој рече „личи повеќе на фустанот на Пепелашка, кој е целиот од крпеници од разно разни амандмани кои секој ги толкува како што сака“.
„Ние не знаеме што е наш национален интерес. Елитите некако наивно го убедуваат и пасивизираат народот на начин само ние да дојдеме до прво беше НАТО, а сега да почнеме преговори со ЕУ и се ќе биде добро. Додека ние стасавме до НАТО и додека да почнеме преговори со ЕУ работите се менуваат. Ниту НАТО е тоа НАТО, ниту ЕУ е таа за која се надевавме. Еден од принципите ќе ни биде и отворање кон светот, кон сите четири страни на светот во наш национален интерес и тоа првенствено економски оној кој ќе се одрази на социјалната благостостојба на граѓаните“,рече таа.
На прашањето што мисли дека погрешиле сите нејзини претходници во нивната политика и што е тоа на што им замерува, Ванковска рече дека е тоа што биле премногу послушни во однос на Владата. Собранието и онака никој не го есапи за значаен фактор, нагласи таа.
„Премногу молчаливи, премногу послушни дури и не се мешаа во своите ингеренции. Преспанскиот договор знаете дека го потпиша ненадлежно лице спротивно на Уставот и законите на оваа земја. Претседателот Иванов да, во последните денови, месеци од неговиот мандат направи некој симболички чекори, но мислам дека требаше да го направи тоа многу порано, многу порешително, да го превенира“,рече Ванковска.
Ванковска додаде дека би сакала да биде гласен претседател кој ќе си ги врши надлежностите и кој нема на владата да и отстапува ни милиметар.
За тоа дека во јавноста има информации дека е спотер на ВМРО-ДПМНЕ, а и колешка со Силјановска-Давкова и дали би ѝ дала поддршка во вториот круг, Ванковска рече дека засега станува збор за шпекулации затоа што се уште не се знае дали токму таа ќе се нафати да биде кандидат или ќе се појави некој друг.
„Јас со себе сум расчистила дека јас се борам за своја програма, примопредавање гласови, пораки од типот јас не успеав, не отпишувајте ме прерано би рекла, меѓутоа нема да чуете порака сите што гласавте за мене, контингенти не, од контингенти ни е преку глава“,одговори Ванковска.
Преземено од: https://antropol.mk/2024/02/07/patriotizmot-e-ona-shto-me-doblizhi-do-levica/