Фејзбук статус на претседателскиот кандидат на Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
Кога пред неколку дена јавно прашав околу „одложената примена на уставните измени“ (решение кое го најави Муцунски, а потоа и ВМРО-ДПМНЕ), однапред кажав дека одговорот ќе треба да го даде професор по уставно право. Наместо уставен правник, како „дрвен адвокат“ се јавила „Република“ со ударен наслов дека професорката Ванковска не го знае предметот кој го предава (т.е. Политички систем).
Јас бев доволно коректна да кажам дека не сум уставен правник (а ВМРО-ДПМНЕ ги има неколку, а една од нив е претседателската кандидатка). Јас навистина предавам Политички систем – предмет кој е различен од Уставно право, а учебникот е навистина рецензиран и од колешката Силјановска. Таа најдобро знае што јас знам, а што не знам, затоа што и често ме цитира по некои работи од оваа област.
Но, да се вратиме на клучното: дали ВМРО-ДПМНЕ бара мандат да менува Устав за вметнување на Бугарите и другите, ама со одложено дејство? “Република“ не е уставен правник, ама се погрижила да најде неколку преседани во држави кои се нашле во некакви специфични околности, кои пак немаат никаква врска со менување ПРЕАМБУЛА на Устав, како што се бара од нас! (Толку и јас знам ако предавам Политички систем.) Најважното е дека овие држави, кои се истакнуваат како примери за „одложена примена на уставни норми“, тоа го прават по своја волја, заради сопствени специфични потреби и околности (абориџини, крај на апартхејд, потврда на референдум, итн.). Ние тоа би го направиле под принуда, ама како кокошката прво ќе трчаме неколку години и одложуваме – па после ќе речеме „ете, сега дојде време за Бугарите“.
Ова личи на Фројдовска грешка: сакајќи да спинуваат и да ме навредат дека јас не си го знам предметот што го предавам, фактички ни порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ навистина ИМА намера да менува Устав и тоа е сигурен дел од нивната изборна понуда (па трагале и по преседани). (Нели, цели време им префрлаа на СДСМ и на ДУИ дека промената на уставот не била дел од нивната изборна програма, па затоа по теоријата на мандат не може среде владеење да прават нешто што за што не барале легитимитет.)
Затоа, внимавајте! Тие суптилно ви нудат промена на уставната преамбула (и уште некој член), со што „таблетата за смирување“ треба да е одложеното дејство. Демек, поималку ќе боли и тоа ќе се случи кога ќе добиеле гаранции… Проблемот е суштински бидејќи Бугарија веќе не е сама, прашањето го сместија во контекст на „човекови права“, а барањата се сега дел на т.н. француски предлог, односно преговарачка рамка на ЕУ.
Јас се’ уште чекам (претпоставувам во дебата) одговор од компетентен професор по уставно право кој ќе треба да ја брани ваквата изборна понуда. Кога го критикувавме Преспанскиот договор и таа промена на Уставот, зборувавме дека една генерација не може и не смее да им го одзема правото на идните генерации да носат нов устав по мерка на времето во кое ќе живеат и уредуваат. Но, сега сме во ситуација да ни понудат „ортома“ која сами треба да си ја ставиме околу вратот, а тоа да го „платат“ идните генерации затоа што ние сме ги обврзале на тоа (под уцена од ЕУ).
Патем, се’ е ова ветер и магла, бидејќи во ЕУ ќе влеземе на Св. Никогаш – но 2030, ни 2040. Далеку од мандатот на овие власти, кои и да бидат.
Нам ни треба фокус на вистинските проблеми, како на пример зошто даваме пари за оружје, а немаме за леб? За да ви опишам зошто е ова важно, ќе ви пренесам изјава на директорот на еден од најголемите европски (германски) производители на оружје Rheinmetall, кој вели дека ЕУ веќе не може да чека САД да ги брани, зошто тие ќе се пренасочат кон Азија, а европските сојузници ќе бидат „оставени сами“. Со други зборови, милитаризацијата расте а постепено се заговара (и) европска армија, што значи уште повеќе пари за војски и војување.