Слабостите на елитното образование-Вилијам Дерезиевич

Додека предавав на Јејл, бев зачуден колку сите таму си личат еден на друг!? Речиси и да немаше хипици и рокери. Бубалиците не изгледаат толку „бубално“. Сите се тркаат за некаква ограничена елеганција. Слични како јајце на јајце. Најелитните универзитети станаа упоришта на загушувачка нормалност. Најдобрите американски универзитети заборавија дека треба да креираат умови, а не кариери…

Првпат станав свесен дека е можно да имам дупки во образованието кога имав околу 35 години. Само што имав купено куќа, требаше да се среди водоводот и водоводџијата ми работеше в кујна. Дојде еден низок, набиен тип со брадичка и ми зборуваше на бостонски дијалект, а јас одеднаш сфатив дека немам поим што муабет да направам со таков човек. Толку ми беа далечни работите што ги познаваше, толку непоимливи вредностите што ги имаше, дури и јазикот ми беше толку неразбирлив, што никако не можев да помуабетам малку со него пред да се фати со работа. По четиринаесет години поминати во високо образование и цели купишта дипломи од престижни универзитети, целиот бев здрвен и замелушен, останав без зборови кога видов дека немам зборови. „Престижна ретардација“, со овие зборови еден пријател ја дефинира појавата. Можев комотно да разговарам со странци, на странски јазици, ама не можев да разговарам со човекот што ми беше в куќи.

Воопшто не е чудно што долго време ми требаше да сфатам колку лошо сум бил образован ако се земе предвид дека елитното образование никогаш не ве учи за неговите сопствени недостатоци. По дваесет и четирите години на Јејл и Колумбија, увидов дека елитните универзитети упорно ги поттикнуваат студентите да се гордеат со студирањето таму и со начинот на кој тоа студирање ќе им се најде во животот. Не се спорни предностите на елитното образование. Учите да размислувате, барем во некој поглед, и да склопувате познанства преку кои утре ќе ги станете некој и нешто. Да се размислува дека се отвораат некои можности, додека други се затвораат и дека се развиваат некои способности, додека други атрофираат, во овој контекст, не само што е скандалозно, туку и незамисливо.

Не зборувам за наставниот план, за културните расправи, за тоа колку повеќе или помалку слободоумни стануваат Американците, за политичката коректност, општествените норми, или што и да е друго. Зборувам за целиот систем каде се случуваат овие препирки. Не само престижните универзитети и сите поврзани установи, туку и механизмите со кои се стигнува до нив: приватните и престижните државни училишта, растечката параструктура на тутори, одење на часови пред писмена и на дополнителна настава, целата фама околу запишувањето, сè што води кон и вон факултет. Пораката, како и секогаш, е каналот. Пред, потоа и околу елитната предавална бескрајно се повторуваат едни исти вредности. Како што глобализацијата ја продлабочува економската нестабилност, сè повеќе се посветуваме – како студенти, родители, општество – на огромна машинерија за образовна предност. Со толку многу ресурси кои се трошат на елитното образование и со мноштвото луѓе кои се борат за да ги освојат малкуте позиции, вреди да се праша што е наградата за победниците – што добиваме сите, затоа што денешниве елитни студенти, како што универзитетите неуморно потсетуваат, се утрешните лидери.

Првиот недостаток на елитното образование, како што сфатив тогаш во кујната, е што ве онеспособува да разговарате со луѓе кои не се како вас. Елитните училишта се гордеат со тоа што се мешани, но тој мешан состав речиси во целост се состои само од различно етничко и расно потекло. Во однос на општествените слоеви, овие училишта се воглавно – дури и сè повеќе – хомогени. Слободно посетете некој елитен кампус во нашата голема татковина, ќе ве восхити топлата глетка на тоа како децата на бели бизнисмени и експерти учат и си играат со деца на црни, азиски и латино бизнисмени и експерти. Во исто време, затоа што во овие училишта се негуваат либерални ставови, учениците се наоѓаат во парадоксална ситуација да бидат поборници за работничката класа, а да не се способни да направат еден обичен муабет со луѓе од таа класа. Погледнете ги на пример претседателските кандидати од Демократската Партија Ал Гор и Џон Кери: и двајцата завршиле на Харвард и Јејл, и двајцата искрени, ценети, интелигентни луѓе, и двајцата потполно неспособни за комуникација со поширокото избирачко тело.

И не се работи само за класата. Моето образование ме научи да мислам дека луѓето кои не биле на престижен универзитет не заслужуваат да разговараш со нив, без оглед на класата. Ми беше кажано дека тие луѓе се под моето ниво. Ние бевме “нај, нај” најдобри и најпаметни, така ни кажуваа таму, а останатите беа… останати: помалку добри, помалку паметни. Научив да реагирам со сожалување кога некој ќе ми кажеше дека дипломирал на некој понепрестижен универзитет. Никогаш не сфатив дека има паметни луѓе кои не се запишани на елитни универзитети, често баш поради класата. Никогаш не сфатив дека има паметни луѓе кои воопшто не се запишале на факултет.

Исто така, никогаш не сфатив дека има паметни луѓе кои не се „паметни“. Постоењето на повеќе облици на интелигенција е општоприфатено, но елитните универзитети колку и да сакаат да ги зачинат новите генерации со по некој актер или виолинист, бараат и развиваат само еден облик интелигенција: аналитичката. Точно е дека ова важи за сите универзитети, но особено е точно за елитните универзитети. Таму се отфрла вредноста на другите облици на интелигенција затоа што студентите и кадарот поседуваат толку многу од аналитичката интелигенција. Нормално е луѓето да ги ценат работите што ги поседуваат и кои им се предност. Меѓутоа, социјалната интелигенција, емоционалната интелигенција и креативноста, да споменеме само три други облици, не се привилегија на образовната елита. „Најдобрите“ се најпаметни само во извесна ограничена смисла. Мора да се излезе од затворениот круг за се согледа дека е така.

А што е со луѓето кои во никоја смисла на зборот не се паметни? Една моја пријателка се запиша на престижен универзитет откако заврши во просечно државно средно училиште. Таа често кажуваше дека една од придобивките што учела во такво училиште е што научила како да комуницира со глупави луѓе. Некои луѓе се паметни според елитните универзитети, некои се паметни според други места, а некои воопшто не се паметни. Би било незгодно човек да не може да разговара со некој од нив, затоа што разговорот е единствениот начин за запознавање. Од елитните установи се очекува хуманистичко образование, а првото хуманистичко начело на Теренциј е: „Човек сум и ништо човечко не ми е туѓо“. Првиот недостаток на елитното образование е што прави нешто човечко да ви е туѓо.

Вториот недостаток, кој се гледа од погоре кажаното, е дека елитното образование создава привидна самодоверба. Да се запишете на елитен универзитет, да студирате и да дипломирате на елитен универзитет, сето тоа може да се искаже со цифри – поени на приемниот испит, просек на оценки, поени на испитот за постдипломски студии. Почнувате да се вреднувате самите себе според тие цифри. Цифрите не го покажуваат само резултатот кој сте го постигнале, туку и вашиот идентитет, не само идентитетот туку и вредноста. Испитите ја мерат способноста да полагате испити, дури и да измерат вистински работи, уште многу од вистинското останува неизмерено. Проблемот е што студентите се поттикнуваат да заборават на ова и академскиот успех станува апсолутен успех – ако некој е “подобар во нешто”, тој станува “подобар” воопшто.

Нема ништо лошо во тоа човек да се гордее на интелектот или на знаењето. Но нешто не е во ред штом елитните универзитети го прават човека надуен и самобендисан веднаш штом ќе го стават на список за примени студенти. Од индекс до диплома, вткаена е порака во секој збор и поздрав, во секоја традиционална процедура, во секој напис во студентското списание, во секој говор од деканот. Пораката гласи: „Пристигнавте. Добредојдовте во клубот.“ И заклучокот е исто толку јасен: „Заслужувате сè што ќе ви овозможи студирањето овде.“ Кога ќе се каже дека студентите на елитните универзитети се чувствуваат привилегирани, се мисли на тоа дека овие студенти се убедени дека ги следува повеќе само затоа што вадат високи поени на САТ (тест за академски способности).

На Јејл, а сигурно и на другите универзитети, дури и невкусно е како се наметнува оваа порака. Надворешниот изглед на универзитетот – дворовите и зградите, со готските камени фасади и капиите од ковано железо – претставува затворена порта обиколена од камени ѕидови. Сите си носат легитимации со кои можат да влезат во некоја од портите. Портата, со други зборови, е метафора – затоа што на ист начин функционира и социјалната компонента на универзитетот, како и на сите елитни образовни установи. Елитнитните универзитети се тврдини, имаат порти заклучени со катанци и само избраните ги имаат клучевите. Колку студентите ја впиваат пораката се познава од страста со која градат нови ѕидини внатре во ѕидините, царства каде е уште потешко да се влезе – во Јејл постојат познати тајни друштва, или како што треба да се викаат, јавно – тајните друштва, ако се само тајни зошто би постоеле. Нема смисла да бираш кој ќе влезе, а кој не, ако тие што нема да влезат не видат дека не ги пуштиле.

Значи, еден од најголемите недостатоци на елитното образование е што им кажува на луѓето дека цифрите со кои се мери интелигенцијата и академскиот успех се цифри со кои се мери вредноста во некоја морална или метафизичка смисла. Не е точно. Ако некој дипломирал на елитен универзитет не значи дека вреди повеќе од некој глупав човек, ниту од некој неталентиран човек, па дури ниту од некој мрзелив човек. Неговата мака не е поголема. Неговата душа не тежи повеќе. Да бев религиозен ќе кажев, Бог не го сака повеќе. Јасна е политиката овде. Како што Џон Раскин ѝ кажал на една постара елита, грабањето со силата на умот не е понеморално отколку грабањето со силата на тупаницата. Секогаш ќе има работа, рекол Раскин, и секогаш ќе има водачи во работата…, но има голема разлика меѓу тоа некој да е водач во работата или само да ги ужива благодетите од својата положба.

Политичките импликации не застануваат овде. Елитното образование не само што ве турка во високите класи, туку и ве обучува за начинот на живот во тие класи. Ова не го сфатив сè дури моето искуство и искуствата на моите студенти не ги споредив со искуството на еден мој пријател кој се запиша на Кливленд Стејт. На Јејл задолжителни се присуството и домашните, но никој не го сфаќа тоа сериозно. Можно е да се побараат дополнителни часови и да се надополнат поените изгубени со неприсуство. Со други зборови, студентите на универзитeти како овој добиваат втори шанси во недоглед. Но не и на универзитети како Кливленд Стејт. Една моја пријателка доби шестка, а имаше поени за десетка затоа што работеше како келнерка кога беа предавањата и затоа што семинарската ја даде еден час подоцна од предвидениот рок.

Ова можеби е екстремен пример, но е незамислив во елитен универзитет. Исто толку незамисливо што таа немаше на кого да се пожали. Студентите во универзитети како Кливленд Стејт, наспроти оние во места како Јејл, немаат чети од советници, ментори и декани кои би им пишувале оправданија за доцнење со роковите и од кои би добивале помош секогаш кога ќе им затреба. Тие образованието го стекнуваат како на кванташ, на големо, од незаинтересирани бирократи, и не им го даваат пакувано во украсна хартија и со насмевка. Немаат можности да се поврзат со угледни бизнисмени или странски дипломати. Речиси и да не постојат многубројните фондови како оние во Јејл: стипендии за патувања, истражувачки проекти, награди за висок успех итн. Секоја година на мојата катедра во Јејл се даваат петнаесетина парични награди во секакви категории награди, од есеи на бруцоши, па се до апсолвентски проекти. Оваа година наградите беа со вкупен фонд од 90.000 долари и тоа само на една катедра.

Студентите на универзитетите како Кливленд Стејт не добиваат десетка само ако го научат материјалот. Со право се критикува т.н. инфлација на оценките, и тоа е скандал, уште поголем ако се има предвид колку е нееднаков. Пред четириесет години, просекот и на приватните и на државните универзитети се движеше околу 7.6. Сега тој просек е зголемен, но паѓа во очи колку е нерамномерен. Во државните универзитети сега просекот е 8.0, во приватните е 8.3, а во универзитетите членови на Ајви лигата (Ivy League) 8.4. Но и денес има студенти кои „забушаваат“ или запишуваат предмети кои не им одат од рака само за да го исполнат бројот на потребни кредити. Во универзитети како Јејл студентите кои доаѓаат на предавања и учат редовно не се задоволни со оценка помала од 10-. И најчесто ја добиваат.
На кратко, начинот на кој се третираат студентите на факултет ги подготвува за општествената позиција што ќе ја имаат кога ќе излезат оттаму. Во факултетите како Кливленд Стејт тие се тренираат за позиции во средната класа, во бездните на бирократијата. Приморани се да живеат живот со малку втори шанси, без бенефиции, со мала поддршка, ограничени можности – постојано да бидат подложени потчинети, надгледувани и контролирани, претрупани со рокови, а не со упатства. Елитата за себе мисли дека припаѓа на меритократијата, но тоа е само делумно вистина. Да се влезе во „клубот“ навистина е тешко, но откако еднаш сте внатре што и да направите нема да бидете исфрлени надвор. Ниту за најголемиот академски неуспех или најбесрамниот плагијаризам, дури ниту за физички напад на колега – имам слушнато за сите три примери – нема да бидете исклучени. Тоа не би било фер кон членовите на „клубот“ – со други зборови се работи за самозаштитата на џентлменскиот клуб, иако тој сега вклучува и девојки. Елитните универзитети ја негуваат извонредноста, но исто така го негуваат и она што еден дипломец од Јејл го нарекува „накитена просечност“. 10 е оценка за извонредност, а 10- за накитена просечност. Оваа последнава е повеќе ветување отколку оценка и значи: не се секирај, ние ќе те дигнеме на нозе. Можеби не си доволно добар, ама добар си.

На ист начин факулетот е одраз на состојбата и во светот на возрасните (можеби и обратно). За елитата секогаш има некаква бенефиција – финансиска помош, прогледување низ прсти, време за рехабилитација – еден куп врски и посебни бонуси, дивиденди. Џон Кери и Џорџ Буш се пример за ова. Не е случајно што поранешниот претседател Буш, пример за накитена просечност, дипломирал на Јејл. Просечна е и неговата администрација, а во последно време се гледа дека и американските корпорации ја имаат истата карактеристика.
Aко една од негативните страни на елитното образование е просечноста, тогаш друга негативна страна би била финансиската сигурност. Кога родителите објаснуваат дека се мачат за на своите деца да им го пружат најдоброто можно образование, тие неизбежно напомнуваат дека го прават тоа заради можностите што тоа ги отвора. Но што е со можностите што ваквото образование ги затвора? Елитното образование ви дава можност да бидете богати – што е и суштината на целава работа – но ви ја одзема можноста да не бидете богати. А токму можноста да не се биде богат е една од најголемите можности за младите во Америка. Ние живееме во богато општество во кое убаво живеат оние класи кои во други земји се на работ на сиромаштијата или, во најмала рака, живеат без доволно примања. Во САД учителите, државните службеници, адвокатите за граѓански права и уметниците се добро платени професии. Можеби ќе живеете во обична куќа наместо во апартман на Менхетен или Лос Анџелес; ќе возите Хонда наместо БМВ или Хамер; на одмор ќе одите на Флорида наместо на Барбадос или во Париз, но колкави се тие недостатоци кога секој ден го работите она што го сакате и она за што ве бидува?

А токму оваа можност ви ја одзема елитното образование. Како да бидам учител после толку скапо образование? Зарем да ги отфрлам можностите за кои моите толку се мачеа да ми ги пружат? Што ќе кажат пријателите? Што ќе кажат за мене колегите на двеаесетгодишнината од дипломирањето кога сите ќе бидат богати адвокати и важни луѓе во Њујорк?
Ова не значи дека студентите кои дипломираат на елитните факултети никогаш не преземаат помалку профитабилни потфати по дипломирањето, но и кога го прават тоа, бргу се откажуваат. (А не смееме ни да помислиме на опцијата децата кои доаѓаат од добро ситуирани семејства воопшто да не се запишат на факултет или запишувањето да го одложат неколку години, бидејќи колку и да да се соодветни тие одлуки во некои случаи, нашиот ограничен менталитет кога станува збор за образованието целосно ги отфрла тие можности – баш поради тоа толку многу деца одат на факултет како месечари, без да знаат зошто се таму). Ова изгледа бесмислено, бидејќи студентите на елитните факултети дипломираат со помал долг и имаат можност да живеат од парите на мама и тато некое време. Јас не знаев за овој феномен се дури не го слушнав од неколку дипломирани студенти на мојата катедра во Јејл. Тие ми раскажаа како некои нивни пријатели запишани на елитен факултет за пишување поезија веќе во втората година се откажале од студирање, додека останатите кои се запишале на помалку престижни факултети успешно дипломирале. Зошто е ова така? Затоа што студентите од елитните факултети сакаат да успеат по секоја цена и тоа веднаш. Неуспехот ги ужасува и поразува. Целиот живот потоа го живеат во страв од неуспех, а најмногу во страв од она што ќе кажат родителите. Првиот пат кога „утнав“ на испит бев како изгубен и се чувствував како да не се познавам повеќе. Вториот пат беше полесно. Сфатив дека неуспехот не е крај на светот.

Но ако се плашите од неуспех, тогаш се плашите да преземете ризик, што е и најгрдиот недостаток на елитното образование: дека во суштина тоа е анти-интелектуално. И навистина е парадоксално. Зарем студентите на елитните факултети не се најинтелегентни, гледано од тесен академски аспект? Зарем тие не учат повеќе од другите? Да, учат. Но ако сте интелегентни, тоа не значи дека сте интелектуалец. Да се биде интелектуалец значи повеќе од извршување на зададените задачи.
Не е чудно што само мал број студенти го знаат ова кога се запишуваат на факултет. Системот од нив ретко бара да направат повеќе од зададените задачи. Образовниот систем, во обидот да им обезбеди профитабилни и престижни работни места, потфрлил да ги научи дека најголемите достигнувања не се мерат со зборови, бројки или имиња. Заборавил дека вистинската цел на образованието е да гради умови, а не кариери.

Да се биде интелектуалец, пред сè значи да се биде страстен следбеник на идеи и тоа не само за време на семестарот, за да му се угоди на професорот или за да се добие висока оценка. Еден мој пријатели кој предава на Универзитетот Конектикат еднаш ми се пожали дека неговите студенти не размислуваат самостојно. Кај нас на Јеил, му велам, студентите размислуваат самостојно, но само затоа што знаат дека ние сакаме така. Сум имал извонредни студенти на Јејл и Колумбија, бистри, мисловни и креативни студенти со кои е задоволство да се работи. Но мнозинството се задоволуваа само со она што факултетот им го нудеше. Малкумина сфатија дека образованието е само еден дел од интелектуалното возвишување. Последниве се чувствуваа како „забегани“ поради малата поддршка од универзитетот. Како што ми кажа еден од нив, во местата како Јејл не добредојдени студенти со истражувачки дух.

Јејл и сличните универзитети едноставно не им дозволуваат на студентите да поставуваат тешки прашања. Не мислам дека постои златен период на интелектуализам во американските универзитети, но студентите во деветнаесетиот век барем можеа да дискутираат за тешките прашања во литерарните друштва и клубовите за дебатирање кои цветаа во тоа време. Во времето кога во дваесетиот век во американските универзитети се воведе хуманистичкиот идеал, можеби некои од студентите и наишле на професор со силно развиено педагошко чувство кој зборувал за тешките прашања. Вакви професори сè уште постојат во оваа земја, но заради екстремно тешкиот академски пат низ кој минуваат денешните професори, денес нема такви на елитните универзитети. Професорите во најдобрите истражувачки институции се вреднуваат според квалитетот на нивните академски достигнувања; времето минато во предавања е изгубено време. Ако студентите сакаат да бидат просветлени, тогаш нека се запишат на факултет за хуманитарни науки (liberal arts college).

Кога универзитетите се фалат дека ги учат своите студенти како да мислат, со тоа сакаат да кажат дека ги учат на аналитичките и реторички вештини кои им се неопходни ако сакаат да успеат во правото, медицината, науката или бизнисот. Но хуманистичкото образование треба да нуди многу повеќе од ова, за што и самите универзитети сè уште се напола свесни. Затоа кога студентите го започнуваат студирањето, им се држат предавања во кои им се порачува да ги поставуваат тешките прашања, а кога ќе дипломираат им го се кажува истото. Но во меѓувреме цели четири години учат предмети каде се обучуваат да поставуваат безначајни прашања – специјализирани курсеви кои ги држат специјализирани професори, а се наменети за специјализирани студенти. Иако широчината во образованието се содржи во самиот поим хуманитарни науки, при запишувањето се селектираат матуранти кои себе веќе се гледаат како новинари, астрономи или лингвисти. Дури и во елитните универзитети сè повеќе сме наклонети кон специјализирањето во одредена област.
А ова е, се чини, токму она што го сакаат овие универзитети. Елитните универзитети не без причина зборуваат за обучени лидери, а не мислители – за моќни државници, а не за нивните критичари. Независниот ум не е подложен на слепа лојалност, а елитните универзитети, кои голем дел од своите приходи го добиваат од поранешни студенти, на големо се трудат да ја продлабочат таа лојалност. Како што вели еден мој пријател од третата генерација на Јејл: целта на Јејл е да произведе свои поранешни студенти. А за да функционира ваквиот систем, потребно е овие бивши студенти да заработуваат доволно. На Јејл студентите на долг рок полека се одвлекуваат од студирање хуманистички и основни науки и се насочуваат кон компјутерските и економски науки кои силно се подржани од администрацијата. Канцеларијата за професионална ориентација нема што да им понуди на матурантите кои не се заинтересирани за право, медицина или бизнис, а елитните универзитети нема да ги спречат нивните апсолвенти да завршат на Волстрит. Всушност, тие ги водат натаму.

Универзитетите за хуманитарни науки стануваат коропоративни универзитети, каде тежата се пренесува на техничките области во кои академската експертиза овозможува профитабилни бизнис можности.
Не е чудно зошто оние малку студенти кои страсно следат некоја идеја се чувствуваат напуштено и збунето. Со еден од нив минатата година зборував за неговиот интерес за германската романтичарска идеа за bilgung или градење, издигнување на душата. Тој беше апсолвент тогаш, и само ми рече: тешко е човек да си ја изгради душата кога сите околу него се обидуваат да ги продадат своите.
Сепак, интелектуалноста не подразбира само страст за одредени идеи, иако во нашата култура ова е до таа мера изобличено што дури и моите најбистри студенти не можеа да го сфатат. Откако се појави во осумнаесетиот век, сржта на идејата за интелектуалност беше да се посвети на промени во општеството. Вистинскиот интелектуалец има визија за подобро општество и се обидува таа визија да ја оствари така што со своите зборови и дава сила на вистината. Тоа значи да се биде во духовен егзил; свечена заклетва на лојалност, во самотија и слобода, на Бога, татковината и Јејл. Интелектуалноста опфаќа многу повеќе од интелектот. Опфаќа и имагинација и храброст. „Не се плашам да направам грешка“, вели Стивен Дедалус, „дури и да е огромна, животна, па и вечна.“

Бивањето интелектуалец започнува кога ќе се ослободите од сите предрасуди и од системот кој истите ви ги наметнува. Но студентите кои се запишани на елитните факултети се токму оние што најдобро научиле да работат во тој систем, па е речиси невозможно да гледаат надвор од него, дури и да видат дека се дел од тој систем. Долго пред да заминат на факултет тие се претвориле во циркуски лавови кои скокаат низ обрачи само да ги задоволат професорите и единствена цел им е десетка без разлика колку им е досаден професорот и бесмислен предметот. Запишуваат пет-шест предмети плус без разлика дека сакаат за нешто друго да го искористат времето. Парадоксално, но состојбата се чини е подобра во второкласните универзитети, а особено, на универзитетите за хуманитарни науки. Некои од тие студенти завршуваат на второкласни универзитети затоа што се помалку талентирани или помалку се трудат. Но другите се запишуваат таму затоа што имаат независен дух. Тие не се со просек десет затоа што не се трудат многу за она што не ги интересира. Тие се сосредоточуваат само на предметите што најмногу им значат или на некој предмет или проект што воопшто не е поврзан со наставната програма. Можеби си седат во собите, многу читаат и пишуваат дневник. Тоа се студенти кои откако ќе се запишат на факултет се позаинтересирани за човечкот дух отколку за академскиот дух, и факулетот го напуштаат полни со дилеми, а не со полно CV.

Додека предавав на Јејл, бев зачуден колку сите таму си личат еден на друг. Речиси и да немаше хипици и рокери. Бубалиците не изгледаат толку „бубално“. Сите се тркаат за некаква ограничена елеганција. Слични како јајце на јајце. Најелитните универзитети станаа упоришта на загушувачка нормалност. Сите сакаат да се облекуваат соодветно на нивните достигнувања. Како советник, знам дека не сите студенти на Јејл се вклопени и прилагодени, и затоа ме загрижува фактот што сите го глумат тоа. Притисокот да се биде идентичен со „нормалниот свет“ мора тешко да им паѓа. Една од последиците е тоа што оние кои не можат да ја издржат оваа програма (а тоа најчесто се студенти од помалку угледни семејства) одат во друга крајност на апатија и самоуништување. Но другата последица често се гледа кај оние кои можат да го издржат товарот.

Пред неколку години го предавав предметот „Пријателството во литературата“. Еден ден дискутиравме за романот на Вирџинија Вулф „Брановите“, кој раскажува за животот на група пријатели од детството, па сè до нивната средовечност. Во средно, еден од групата се заљубува. Си мисли, „На кого да му доверам колкава страст чувствувам? Нема никој меѓу овие сиви ѕидишта и сневеселени птици, и радосни игри, и традиција, и ривалство… сè толку умешно обмислено за човек да не се чувствува осамен.“ Прилично добар опис на кампусите на елитните универзитети, вклучувајќи го и делот за она што не е дозволено да се чувствуваш осамено. Сакав да слушнам што мислат моите студенти за ова? Што значи да се учи на кампус каде никогаш не сте осамени? Една од нив ми рече: Па не ми е пријатно да седам сам во собата. Дури и кога треба да пишувам есеј, тоа го правам кај другарка ми. Истиот ден друг студент одржа презентација за есејот на Емерсон за пријателството. Емерсон пишува, рече тој, дека една од целите на пријателството е да ја оттргне осаменоста. Додека прашував за значењето на ова, еден од студентите ме прекина и рече: Чекајте малку, зошто воопшто да бидеме сами? Сè што правиме сами, можеме да го правиме и во друштво.

И еве ти: млад човек кој не може да остане сам, и друг млад човек кој не го сфаќа значењето на „самоста“. Во последно време многу се дебатира за губењето на приватноста, но исто толку лошо е и губењето на „самоста“. Порано човек не можеше постојано да биде со пријателите колку и да сакаше. Денес, кога студентите се деноноќно електронски поврзани, воопшто немаат проблем да бидат заедно. Но не се добива впечаток дека таквата присилена друштвеност ги води кон развивање блиски и вистински пријателства. „На кого да му доверам колкава страст чувствувам?“ Мојата студентка оди во собата на својата другарка да пишува есеј, а не да се дружи со неа. Веројатно немала време за тоа; и вистина, други студенти ми велеа дека нивните врсници се премногу зафатени за да одржуваат блискост.
Што се случува кога зафатеноста и друштвеноста не оставаат простор за „самост“? Способноста за интроспекција, им реков на моите студенти тој ден, е суштински предуслов за да се живее интелектуален живот. Се подразмислија малку, а тогаш еден од нив со штотуку родена самосвест праша: Значи ли тоа дека ние сме само интелегентни овци?“ Не знам, му одговорив. Но знам дека умот функционира сам, одвоен од другите умови. Сам, скептичен и отпорен ум, независен од другите. Вистинското место да го одгледате не е во образовниот систем, бидејќи вистинската цел на овој систем е да произведе систем на класи.

Светот што го креираа Џон Кери и Џорџ Буш на следната генерација навистина ѝ дава лидери. Детето кое се претрупува со предмети по новинарство или уредува три списанија на кампусот, детето кое секој сака да го има на својот колеџ, но никој во предавалната не го дружи, детето кое нема време да земе здив, а камоли да размислува, тоа дете набргу ќе раководи со корпорација, институција или, пак, влада. Ќе има големи достигнувања, но мало искуство, голем успех, но без визија. Негативната страна на елитното образование е елитата што ни ја дало и елитата што ќе ни ја даде.

Авторот е поранешен професор на Универзитетот Јејл и книжевен критичар.

Извор: izlez.mk
(преведено од: The American Scholar, 2008)

Последно