Пишува: Александар Симонов, советник во општина Св. Николе и еден од активистите на протестите „Против убиствата на Онкологија“
Роден сум во град каде Канцерот е црна чума! Секоја седница на Советот пристигнуваат и по неколку барања за еднократна парична помош, во 90% од тие случаи е за болни од Канцер, дел од нив не ја ни дочекуваат. Од советничкиот состав кој секоја Седница одлучува да одвои некој денар за болните од оваа опака болест, сите политички ангажирани, свесни за тоа што се случува, и на онкологија, а богами и во градот, не излезе на протест. Знаете зашто? – Затоа што ги боли уво за народот, нив од партија им кажаа да не искачаат на протест, а они служат на партијата.
Има и такви, кои тивко ќе дојдат и ќе ве поддржат, некои и ќе ви кажат дека го поддржуваат протестот и сакаат да дојдат, ама нема, затоа што за кажаното од партијата, та се спремни да ве згазат и вас, и себе, и да наведнат глава.
Ама тие некако ми се помалку битни во приказнава. Во овчеполието наше речиси и да немаме семејство кое нема загубено близок после лутањето по ходниците на Онкологија. Епа не ми е јасно и стварно ме боли. Па како бе, како знаејќи дека ваш близок бил потенцијална жртва на ова монструозно измачување до смрт за профит можете да останете дома и да не одвоите два часа за протест? Како? Не ли саката де ја знаете вистината и правдата? Не чувствувате ли гнев дека треба да му се суди на оној кој пресудувал на вашите најблиски? – Стварно не ми е јасно. Се плашите ли од нешто? – Па луѓе, што повеќе можете да загубите? Не можам да разберам, стварно не можам.
Еве има и такви кои ја победија болеста, се надевам и посакувам такви да бидат сите. И нив ќе им ги поставам истите прашања, вие најдобро знаете, вие сте тие кои го поминале хоророт, сте победиле во таа битка. Навистина не сметате дека треба да ја победиме и оваа? Другари, вашата поддршка е таа што би ни дало крилја на оние што ја бараат правдата и ќе ги стресе од страв оние кои сакаат и’ избегаат.
Нема ништо погрешно во тоа да се бори за правдата и да се биде на вистинската страна, ама многу е погрешно да премолчувате нечии измачувања до смрт, направени за печалка!