Првиот дел од колумната: https://lenka.mk/columns/politichkata-nekultura-vo-makedoniјa/
Пишува: Кристијан Димков
Теории за политичката култура
Како и за секој општествен феномен така и за политичката култура, голем број на мислители се обидувале, се обидуваат и ќе се обидуваат да создадат одредени типологии за полесно разбирање и објаснување на самата појава. Се разбира како и сите типологии независно од тоа на која општествена наука и припаѓаат се далеку од перфектни, и постојат голем број на исклучоци и ситуации кои се надвор од секоја типологија. За потребите на оваа колумна јас ќе набројам неколку, но ќе се фокусирам на една (Оломонд и Верба), преку која ќе се обидам да ја насликам и да направам паралела на политичката култура во Македонија.
Во однос на типологизациите на политичката култура, најзначајни се тие на Роберт Дал, Аренд Лијпхард, Габриел Олмонд и Синди Верба.
Типологијата на Габриел Оломонд и Сидни Верба е најпознатата од сите овие типологизации. Оломонд и Верба, разликуваат три основни типа на политичка култура: парохиска, поданичка и партиципативна. Во создавањето на оваа типологија, Оломонд и Верба како критериуми ги земаат: познавањето на политичкиот систем или степенот на политичка информираност и степенот на партиципација (или вклученост) на граѓаните во политиката.
За полесно разбирање на нивната типологија, ќе се послужам со табеларен приказ:
Вид на политичка култура | Политичка информираност и познавање на политичките институции | Вклученост во политиката |
Парохиска | – | – |
Поданичка | + | – |
Партиципативна | + | + |
Во продолжение ќе направам обид да ја анализирам политичката култура во Македонија и во македонското општество и да ја вметнам во горенаведената типологија на Оломонд и Верба.
Политичка култура во Македонија (во теорија)
Во мојот скромен обид за анализа на политичката култура во Македонија, ќе се обидам да се држам до мислењата и идеите на еден од најголемите социолози на сите времиња, Рајт Милс кој во неговото познато дело: „Социолошка Имагинација“ вели дека „Социолошката имагинација не’ оспособува да ја сфатиме историјата и животот на поединците, како и нивните заемни односи во условите на даденото општество“.
Односно, не е возможно да се разбере еден одреден општествен феномен без да се разбере целиот историски контекст во истото општество. Иста ситуација е со анализирањето на политичката култура во Македонија. Имено во Македонија, согласно повеќевековното ропство од друга/други држави имаме развиена многу пасивна култура и негуваме многу пасивни норми и вредности. Ова се забележува во голем број народни поговорки (пример, „молчењето е злато“, или пак „ќути и трпи“, што претставува мантра особено кај повозрасните), понатаму ова можеме да го забележиме и во самите имиња и презимиња на луѓето. За ова примери има многу Трпе/Трпевски, Трајко/Трајковски, Мирко/Мирковски и сл. Исто така во неговата книга „Социологија на јазикот“ авторот Јован Корубин вели дека Итар Пејо е македонскиот „мак-мен“. Односно Македонската верзија на Супермен. Итар Пејо е македонскиот идеал што се забележува и во народната „мудрост“ – „Снајди се па живеј“.
Зошто го пишувам сево ова? Па бидејќи е многу потребен контекст во целава оваа тема на политичка култура, сепак политичката култура е само еден дел од културата на едно општество, историјата (па ако сакате и сегашноста) покажува дека е многу тешко, ако не и невозможно да се воспостави политички систем на една држава ако политичката култура не е компатибилна со тој политички систем. Типичен пример за ова се „демократските транзиции“ врз која и да е било земја на која се наметнати (Балканот, блискиот исток, источна Европа…)
Политичката култура во Македонија ако сакаме да ја вметнеме во типологијата на Оломонд и Верба од погоре, можеме да забележиме дека е некаков микс помеѓу парохијалната и поданичката култура. Имено добар дел од луѓето (дури и оние кои гласно велат „мене не ме интересира политика“) ги интересира политика, особено повозрасните, иако не заземаат активно учество во неа, од голем број причини за кои ќе говорам подоцна. Но исто така многу е присутна и т.н парохијална или со други зборови, малограѓанска култура. Ако ја земеме народната дефиниција за малограѓанственоста да подразбира „ситна душа“ односно личност која има наклонетост да внимава и да се грижи само за своето додека „фаќа сеир“ и „си го бута носот во туѓи манџи“ односно оговара. Ако го пресликаме ова во контекстот на политичката култура се добиваат оние граѓани кои коментираат главно на социјалните мрежи (Facebook, Twitter, Instagram, Reddit), но и во нивните блиски социјални кругови за што направила една, друга или трета партија додека си велат „добро е не ми се случува на мене тоа“. По долго размислување, јас македонската политичка култура не можам да ја сместам во ниту една категорија од типологијата на Оломонд и Верба, па би создал нова, „парохијало-поданичка“ типологија.
Во следниот дел од овој серијал ќе излезам од „досадните“ теоретски погледи и ќе нурнам во реалниот свет, односно каква е конкретно политичката култура во Македонија.
Трет дел: https://lenka.mk/columns/politichkata-nekultura-vo-makedoniјa-tret-del/